На голем собир во Гази Баба, кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат Бобан Стојановски, добија масовна поддршка од граѓаните под мотото „Со Бобан, Гази Баба е во сигурни раце – победа во прв круг!“.
Во обраќањето, Ѓорѓиевски истакна дека Гази Баба била заборавена од претходните градски власти, но дека со новото партнерство ќе се создаде најсилната врска помеѓу Градот Скопје и општината. „Ќе бидеме еден тим, со една цел – просперитетна Гази Баба и модерно Скопје,“ порача тој.
Меѓу клучните најавени проекти се:
Изградба на булевар „Хрватска“, дел од внатрешната обиколница,
Трета лента на булевар „Александар Македонски“ за растеретување на источниот влез,
Нов мост што ќе ја поврзе Гази Баба со Ново Лисиче,
Клучката „Хиподром“,
И целосна обнова на депонијата Вардариште, која ќе се трансформира во мега парк и зелена зона.
Посебен акцент беше ставен на модернизацијата на јавниот превоз со воведување на Градски воз, како и реформите во јавните претпријатија и воспоставување на „Нов комунален ред“.
Стојановски и Ѓорѓиевски нагласија дека сите капитални проекти ќе се реализираат со силна поддршка од Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која, како што рекоа, не ги дели општините по партиски линии.
„Време е за голема победа – за Гази Баба, за Скопје, за Македонија!“, порача Ѓорѓиевски, повикувајќи на масовна излезност и победа уште во првиот круг.