Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва се сретна со жителите на општина Аеродром, изразувајќи благодарност за силната поддршка што ја доби во првиот изборен круг.

„Вечерва сум меѓу моите аеродромци, да се видиме, да си подадеме рака и искрено да им се заблагодарам за довербата. Вашата поддршка ми дава сила и енергија да продолжам уште поодлучно напред“, порача Ѓорѓиевски.

Тој најави дека во вториот круг ќе настапи „уште посилно“, со јасна визија и конкретни проекти што, како што рече, ќе го променат ликот на Аеродром и на цело Скопје.
Меѓу приоритетните проекти што ги најави се довршување на булеварот „АСНОМ“ со нов мост што ќе го поврзе Аеродром со Гази Баба, изградба на булеварот „Февруарски Поход“ со мост преку Вардар кој ќе отвори нов сообраќаен коридор кон идниот мега парк „Вардариште“, како и реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ и пробивање на булеварот „Борис Кидрич“.

Посебен акцент стави и на решавањето на сообраќајниот метеж кај „Тобако 2“ со изградба на модерен двоен кружен тек, како и на проблемот со паркирањето преку поставување монтажни катни гаражи во населбите Мичурин, Јане Сандански и Ново Лисиче.
„Ова се проекти што носат развој, ред и достоинство. Аеродром и Скопје заслужуваат повеќе – заслужуваат град каков што сите сакаме да им оставиме на нашите деца“, изјави Ѓорѓиевски, повикувајќи ги граѓаните на силна поддршка за него и за кандидатот за градоначалник на Аеродром, Дејан Митески.
„На нашиот град му е доста од експерименти. Време е за работа, резултати и гордо Скопје“, порача Ѓорѓиевски.