Голем пожар избувна утрово во областа Куварас, во источниот дел на Атика, поширокиот регион на Атина, поради што властите испратија порака за евакуација до жителите и лицата кои се наоѓаат во непосредна близина на огнената стихија. Во гаснењето се ангажирани голем број пожарникари, меѓу кои и сили од Романија и Франција, испратени во Грција преку европскиот механизам за цивилна заштита. Областа денеска е ставена во категоријата со многу висок ризик од избувнување пожари, според грчкото Министерство за климатска криза и цивилна заштита.
Пожарот гори ниска вегетација, интервенираат 197 пожарникари, со седум пешадиски тима и 42 возила, меѓу кои и 23 пожарникари со четири возила од Франција, како и 24 пожарникари со пет возила од Романија, кои се наоѓаат во Грција во рамки на програмата за претходно распоредување на европски пожарникари.

Помагаат и волонтери и цистерни од општината, а за гаснење од воздух ангажирани се два авиона и седум хеликоптери, од кои еден е за координација.
Според информациите од противпожарната служба на Грција во текот на целата интервенција, Националниот координативен центар за операции и управување со кризи, ситуацијата ја следи со помош на дрон преку термална и оптичка камера.
Десетина минути по избувнувањето на пожарот, од бројот 112 беше испратена порака до оние кои се во непосредна близина за нивно информирање и предупредување, а во 8.30 часот добија и втора порака за евакуација на жителите на едно населено место.
Извор: vecer.mk

