Газа остана без телекомуникациски услуги поради израелските напади

1 min read

РАМАЛА (АА) – Палестинската компанија за телекомуникации „Палтел“ денес соопшти дека во централниот и во јужниот дел на Појасот Газа во прекин се комуникациските и интернет-услугите, пренесува Анадолу.

Компанијата рече дека услугите биле прекинати „поради немилосрдната агресија од страна на Израел“.

„Нашите тимови работат на враќање на услугите колку што е можно поскоро“, се додава.

Комуникациските и интернет-услугите беа повеќепати прекинати поради смртоносната израелска офанзива врз опколената палестинска енклава.

Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.

Бројот на загинати Палестинци во нападите на израелската војска врз Појасот Газа од 7 октомври се искачи над 34.300.

Според Обединетите нации, по повеќе од шест месеци од почетокот на израелската војна огромен дел од Газа е во урнатини, 85 отсто од населението во Појасот Газа се внатрешно раселени, постои акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Ослободен грчкиот пратеник кој вчера физички нападна негов колега во Парламентот

Следно

ОБСЕ/ОДИХР: Изборниот ден позитивно оценет, забелешки за кампањата

Latest from Blog