Актуелните земји-кандидати за членство во Европската Унија би можеле да станат дел од блокот, но без полни права на глас, пренесува Политико, повикувајќи се на европски дипломати и претставници запознаени со разговорите.
Според анализата, се разгледува нов предлог кој има цел да ѝ даде нов импулс на европската политика за проширување. Предлогот, кој е сè уште во рана фаза, предвидува новите членки да бидат примени под ограничени услови, додека Унијата не го реформира начинот на своето функционирање.
Идејата е да се спречи можноста поединечни земји-членки да го блокираат донесувањето одлуки со право на вето. Доколку биде усвоен, предлогот ќе мора да добие поддршка од сите постојни членки на ЕУ.
Во почетокот на есента, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, предложи укинување на едногласноста при одлучувањето за надворешната политика и проширувањето. Сепак, тој план беше напуштен откако неколку земји-членки го одбија.
Новата иницијатива ја поддржуваат држави кои традиционално се залагаат за проширување, како Австрија и Шведска, со цел да му се даде нов поттик на процесот.
„Идните членки треба да се обврзат дека ќе се откажат од правото на вето сè додека не се спроведат клучни институционални реформи – како воведување на квалификувано мнозинство во повеќето области на политиката“, изјави за Политико Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за европски прашања во германскиот Бундестаг.
Тој додаде дека проширувањето на Унијата не смее да биде заложник на блокади од страна на поединечни земји-членки.
Извор: tv21