Ердоган задоволен од избирачкиот процес, Киличдароглу вели дека недостасува демократија

2 mins read

По повеќе од четири часа од почетокот на гласањето низ турските избирачки места, набљудувачите известуваат за висок одѕив на гласачите во сите турски градови

Кандидатите за претседател на Турција денеска го остварија своето право и гласаа на претседателските и парламентарни избори. Двајца од тројцата претседателски кандидати, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, го дадоа својот глас во Анкара, додека актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган гласаше во Истанбул од каде и го следи текот на гласањето.

Ердоган по гласањето во областа Ускудар во Истанбул рече дека избирачкиот процес продолжува низ цела Турција без никакви проблеми.

„Најважно е што луѓето, во деловите од Турција погодени од катастрофалните земјотреси, можеа да го дадат својот глас. Гласањето е важно за да се покаже силата на турската демократија. Ако даде Господ, тоа ќе биде мирен ден за доброто на турската демократија“,

рече Ердоган.

Турскиот претседателски кандидат Кемал Киличдароглу, кој е и главниот предизвикувач на актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, ја поздрави потенцијалната претстојна промена во земјата додека гласаше на изборите во Анкара.

„На сите ни недостасуваше демократијата, ни недостасуваше да бидеме сите заедно. Ќе видите дека пролетта ќе дојде во оваа земја и секогаш ќе продолжи“,

рече 74-годишниот кандидат Киличдароглу мислејќи на можната победа на изборите.

Третиот претседателски кандидат Синан Оган ги повика сите граѓани да излезат на гласање и да го дадат својот глас.

„Ајде денес да имаме мирен изборен ден сите заедно“,

рече Оган.

По повеќе од четири часа од почетокот на гласањето низ турските избирачки места, набљудувачите известуваат за висок одѕив на гласачите во сите турски градови.

Гласањето во областите погодени од земјотресот се одвива во училиштата кои беа поштедени од силните земјотреси, како и во оштетените, каде што се поставени монтажни куќи. Гласање во овие области има и во камповите за раселените, каде гласачките кутии се поставени во некои шатори.

Во Турција денеска се одржуваат најклучните избори во модерната историја на кои турските гласачи ќе одлучуваат дали Реџеп Таип Ердоган ќе остане претседател и по 20 години на власт.

За некој од кандидатите денеска да обезбеди целосна победа, ќе му требаат повеќе од 50 отсто од гласовите. Меѓутоа, доколку ниту еден од нив не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг од изборите ќе се одржи на 28 мај.

Граѓаните ќе имаат можност да избираат меѓу четворица претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за пратеници.

Актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција, а и името на Мухарем Инџе е во изборот и покрај тоа што тој се повлече од трката неколку дена пред гласањето.

Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а за првпат ќе гласаат над 4,9 милиони турски граѓани.

Избирачките места, во 87 региони, ќе бидат отворени од 8 до 17 часот по локално време. Избирачките места ќе бидат отворени и надвор од Турција, во 75 земји и 156 претставништва на оваа земја. Повеќе од 3,41 милиони граѓани се пријавени за гласање од странство. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Тринаесетгодишник со нож и секира нападнал мајка и син во Србија

Следно

Ердоган гласаше во Истанбул: Да ја покажеме силата на турската демократија

Latest from Blog