Ердоган по полагањето на заклетвата го посети мавзолејот на Ататурк

1 min read

АНКАРА (АА) – Реџеп Таип Ердоган по полагањето свечена заклетва во турскиот Парламент за трет мандат претседател на Туркије, го посети мавзолејот на основачот и прв претседател на Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, известува Анадолу.

Ердоган по свеченото полагање заклетва го напушти Парламентот, од каде во придружба на најблиските соработници пристигна во Аниткабир, мавзолејот на основачот на модерна Туркије, Мустафа Кемал Ататурк.

Претседателот на Туркије по пристигнувањето во мавзолејот положи венец, и со минута молчење му оддаде почит на Ататурк, по што беше интонирана химната на Туркије. Ердоган потоа се запиша во Книгата на впечатоци во Аниткабир.

„Верувам дека овие избори на кои претседателскиот систем доби потврда од народот, ќе отворат врата за нов период пред нашиот народ. Ќе продолжиме силно да работиме за да ги залечиме раните од разорниот земјотрес, а жртвите од земјотресот што побргу да ги вратиме во нивните домови. Уште еднаш ветуваме дека ќе продолжиме да го јакнеме единството и братството на нашиот народ и основачите на нашата држава. Господ нека ни помогне на тој пат“, рече Ердоган во кусото обраќање по посетата на Аниткабир.

Ердоган денес положи заклетва за својот трет мандат претседател на Туркије и втор по преминот на државата во претседателски систем на управување.

На свечената седница во Големото народно собрание на Туркије, привремениот претседател Девлет Бахчели на претседателот Ердоган му го врачи сертификатот на Врховната изборна комисија како потврда за победата на Ердоган на претседателските избори одржани на 28 мај. Ердоган потоа од говорницата на Парламентот свечено положи заклетва и го започна новиот мандат претседател на државата.

По посетата на мавзолејот на Ататурк, во Претседателската палата ќе започне свеченоста на која ќе присуствуваат бројни официјални лица, меѓу кои претседатели , премиери и други високи функционери од бројни земји, вклучувајќи ги и земјите од регионот.

Ердоган за првпат на функцијата претседател на Туркије е избран во 2014 година, а воедно, тој е и прв директно биран претседател на оваа земја.

Според официјалните резултати на Врховната изборна комисија, Ердоган победи во вториот круг претседателски избори што на 28 мај се одржаа во Туркије, со освоени 52,18 % гласови, додека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу освои 47,82 %.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS).

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

„Пољуд“ ќе се реконструира за 40 милиони евра

Следно

Ал-Ула, историски град на културата на Саудиска Арабија

Latest from Blog