Европската комисија утре се очекува да го објави т.н. Извештај за конвергенција, во кој ќе биде содржана процена за тоа дали Бугарија ги задоволува условите за да биде примена во Еврозоната од 1 јануари 2026 година.
Исто така, утре свое гледиште за тоа дали Бугарија е подготвена да биде дел од Еврозоната треба да изнесе и Европската централна банка (ЕЦБ), но генерално, од пресудно значење ќе биде мислењето на Комисијата.
Влезот во Еврозоната би подразбирал дека бугарскиот лев ќе биде заменет со еврото како национална валута во Бугарија.
Бугарскиот премиер Росен Жељазков минатата седмица изрази убедување дека Европската комисија ќе даде позитивна оцена за влезот на Бугарија во Еврозоната.
Но, спротивно на оптимизмот на власта, мнозинството Бугари, според анкетите на јавното мислење, се против заменувањето на левот со еврото.
Така, според анкета на бугарското државно радио БНР, дури 57,1 отсто од Бугарите се против влезот на државата во Еврозоната, а 39 проценти ја поддржуваат замената на левот со еврото. Истражувањето, исто така, покажува дека скептицизмот кон еврото е поизразен меѓу постарите Бугари.
Противниците на заменувањето на левот со еврото стравуваат дека тоа ќе предизвика пораст на цените и губење на контролата врз монетарната политика на државата од страна на Софија. Главни промотори на ваквите ставови се бугарските националистички партии.
Бугарскиот претседател Румен Радев, кому исто така му се препишува воздржаност кон прифаќањето на еврото, на почетокот на мај најави дека ќе предложи распишување на референдум за членство на Бугарија во Еврозоната. Но, ваквата идеја не наидува на поддршка во бугарското Собрание, каде што партиите кои се за прифаќање на еврото имаат мнозинство пратеници, а според правни експерти, постојат и дилеми околу уставноста на таквото референдумско прашање.
Со цел да ги намали стравовите на противниците на членството во Еврозоната, премиерот Жељазков истакна дека Владата „ќе ја гарантира безбедност на бугарските потрошувачи и по воведувањето на еврото”.
– Ова вклучува и законски измени во врска со прифаќањето на еврото, со цел Бугарите да не стравуваат за своите заштеди, додаде Жељазков.
Дополнително, поддржувачите на прифаќањето на еврото наведуваат дека тоа ќе ја зголеми економската стабилност на државата и ќе овозможи полесен пристап до финансиски средства.
Според Договорот за Европската Унија, секоја нова земја членка при приемот се обврзува да го прифати еврото, но нема утврден временски рок за тоа.
За да се приклучи кон Еврозоната, секоја земја мора да ги исполни Мастришките критериуми, кои предвидуваат ниска инфлација, буџетски дефицит на ниво под три отсто од БДП, јавен долг од под 60 проценти од БДП, најмалку двегодишно учество во Европскиот механизам на девизниот курс (ЕРМ 2), како и просечната номинална долгорочна каматна стапка да биде повисока за најмногу два процентни поени од просечните камати во трите земји на ЕУ со најниска инфлација.
Бугарија, која стана членка на ЕУ на 1 јануари 2007 година, на 10 јули 2020 година се приклучи кон механизмот ЕРМ 2, кој колоквијално се нарекува „чекална за Еврозоната“, од кога курсот на бугарскиот лев е врзан за еврото.
Софија првично планираше Бугарија да се приклучи кон Еврозоната на 1 јануари 2024 година, но оваа цел не беше остварена поради високата инфлација, чиј раст се припишуваше на Ковид пандемијата и руската инвазија врз Украина, но и поради политичката нестабилност во државата со неможноста за формирање стабилна Влада.
Доколку се приклучи кон Еврозоната, Бугарија ќе стане нејзина 21-ва земја членка. Покрај Бугарија, членки на Еврозоната меѓу државите од ЕУ не се и Данска, Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.
ИЗВОР: racin.mk