Драмите што ја завршија 166-годишната историја на Кредит Свис

4 mins read

Како што пред десетина дена беше објавена пропаста на Банката на Силициумската долина, така целата грижа на банкарскиот свет се фокусираше на Кредит Свис. Уште во средата акционери на Саудиската национална банка изјавуваат за Блумберг дека веќе „апсолутно нема“ да инвестираат во Кредит Свис.

Во четвртокот Швајцарската централна банка и одобри итна помош за Кредит Свис во износ од 54 милијарди долари, и тоа не беше доволно да се спаси банката. Свесни за опасноста што претстои за домашниот и глобален банкарски систем, швајцарските власти го притиснаа УБС да помогне и да ја купи компанијата.

Блумберг објаснува дека Кредит Свис, некогаш една од 30-те системски важни банки во светот, е најголемата жртва предизвикана од финансиските проблеми започнати од одлуката на централните банки да ја стегнат својата монетарна политика како би ја зауздале инфлацијата.

Процената е дека УБС и Кредит Свис заедно имаат имот кој е два пати поголем од БДП-то на Швајцарија, заради што тамошната влада не може да си дозволи да не ја спаси проблематичната банка и некогашен симбол на земјата.

Низ својата историја Кредит Свис финансира сè од железница низ Алпите до компании во Силициумската долина. Го чуваат богатството на арапски кралски семејства и руски олигарси, „меѓутоа имаат проблем да го контролираат ризикот и константно да заработуваат пари.“

„Но во изминативе години банката страда од константно доаѓање и заминување на висок менаџмент, а секоја промена на раководството дополнително вршеше притисок врз перформансите.

Акциите се паднати на повеќе од 95% од нивниот пик пред финансиската криза, а фирмата вредеше едвај 7,4 милијарди швајцарски франци на затворањето на берзата во петокот, што е помалку од една десетина од вредноста на Голдман Сакс,“ пишува Блумберг.

Тие пренесуваат изјава на финансиски експерти за кои случувањата од последниве десетина дена не се никакво изненадување, објаснувајќи дека имале шанса во живо да гледаат забавена снимка од спектакуларно фијаско, „ја гледавме банката како толку долго се влече од скандал во скандал што веќе е тешко сите да ги памтиш.“

Блумберг пишува дека почетоците на подемот и падот на банката се од летото 1990, кога тогашниот ЦЕО, Рајнер Гут, ја искористува шансата да ја преземе контролата врз американскиот партнер на банката, Фрст Бостон, преку евтина позајмица.

Банката од Бостон заглавува во проблеми заради финансирање на ризични трансакции за откупување на заглавени компании. Кога Кредит Свис станува нов сопственик на Фрст Бостон, Швајцарците продолжуваат со старата пракса на нивните колеги, финансирајќи ризични трансакции.

Во следните децении и под следните раководства Кредит Свис продолжува со агресивна стратегија на купување на свои конкуренти во и надвор од Швајцарија. Со секое купување се зголемува и комплексноста на банката.

Сето ова е проследено со честа замена на раководството на банката, заради што и нејзината стратегија е во целосен хаос, што само се прелива врз вработените и перформансите.

„Раководство, односно недостаток на истото, е во сржта на пропаѓањето на Кредит Свис. Никој не знае вистински што прават сите делови на банката, што доведе до лош менаџмент на ризикот и криза,“ изјавува на почетокот од 2000-те, поранешниот член на бордот на банката, Томас Бел.

Еден од примерите е случајот со Французинот Патрис Лескаудрон кој без никакво банкарско искуство во 2008 е примен во банката. Во 2015 е откриено дека тој го користел богатството на своите клиенти за да ги покрие загубите кои ги направил кај други клиенти.

„Измамата е шокантно едноставна. Тој само го сечел потписот од еден документ и го лепел на друг, по што го фотокопирал новиот документ. Тој добил укор од своите супервизори во неколку наврати.

И покрај тоа Кредит Свис не успева да го запре. Тој во 2018 е обвинет за измама, а во 2020 извршува самоубиство.

Според истрагата на швајцарскиот финансиски регулатор, Финма, се додека доаѓале пари, банката го толерирала лошото однесување на Лескаудрон,“ пишува Блумберг.

Во 2019 долгогодишното нетрпение меѓу тогашниот ЦЕО на банката Тидајн Тиам и главниот ривал за преземање на неговото место Икбал Кан, за време на една вечера еруптира во нестандарден инцидент за Швајцарците, а уште помалку за тамошните банкари, откако Кан кажал понижувачка забелешка за дворот на Тиам.

„Ова ја разби репутацијата на компанијата за дискреција и откри култура во која личната суета натежнува над етичките и правни граници.

Неколку недели по вечерата, Кан не го доби унапредувањето што го заслужува и подоцна дава отказ. Кога по некое време добива позиција во УБС, највисокото раководство на Кредит Свис е загрижено дека тој ќе почне да им краде вработени. Банката ангажира приватна компанија за обезбедување која треба да ги следи неговите активности. Кан случајно дознава за ова при еден инцидент кој довел до физичка пресметка.

Иако банката веднаш ги отфрла обвинувањата околу инцидентот наскоро се открива дека тој не бил единствен. Тиам по ова е присилен да си замине во февруари 2020, а тогашниот претседател го обвинува за ‘уништување на довербата, репутацијата и кредибилитет меѓу сите наши акционери.’

Како дел од истрагата започната по епизодата со Кан, швајцарскиот банкарски регулатор во октомври 2021 открива пет дополнителни случи на следење во периодот од 2016 до 2019.

Токсичната атмосфера на врвот придонесува кон носењето на штетни оперативни чекори,“ пишува Блумберг.

Во март 2021, Кредит Свис официјално е информиран од својот најголем клиент, Архегос капитал менаџмент, дека утредента нема да може да ја исплати ратата од 2 милијарди долари, затоа што претходните два дена ги подмирува долговите кон другите кредитори и едноставно не останало доволно за Кредит Свис.

Ова започнува внатрешен судир меѓу менаџментот, додека во исто време ривалите на Кредит Свис со цела пареа работат како да го распродадат тоа што го имаат од Архегос. На крај Кредит Свис завршува со загуба од 5,5 милијарди долари, што целосно го брише 1-годишниот профит на банката.

Инцидентот со Архегос само се надоврзува на претходниот дебакл што го има банката при колапсот на 10 милијарди тешката соработка со финансиерот Лек Гринсил.

Во независната ревизија на колапсот на Архегос, пишува дека „комплексноста на банката, нејзината култура и контролите што ги има се виновни за масовната загуба од Архегос“. По ова банката ветува и воведува серија мерки за поправање на своите слабости, но веќе „времето истече“.

Во октомври минатата година Кредит Свис повторно добива ново раководство, кое ветува „враќање на корените“. Тие успеваат во банката да донесат 4 милијарди долари свеж капитал, го намалуваат бројот на вработени, најавуваат кратење на инвестициското банкарство и продавање на Фрст Бостон.

Нивното ветување е дека новиот Кредит Свис дефинитивно ќе биде профитабилен од 2024.

Но во меѓувреме секнуваат „евтините пари“ (кредити), светската економија повторно е сред проблеми, и паѓа довербата на инвеститорите, „комбинација која се покажа дека е премногу за банка која никогаш вистински не ја научи лекцијата од финансиската криза“.

„Банкарскиот сектор не е како кој било друг сектор. Кога еднаш ќе ја снема довербата, не можеш повторно да ја изградиш,“ објаснува специјалистот за инвестиции од женевски Мирабо, Џон Пласард.

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Љутков: За 2023 година Министерството за култура има само 1,2% од Буџетот, а Владата не обезбеди средства за колективниот договор

Следно

Утре се замрзнуваат цените на оризот и јајцата, најави Бектеши

Latest from Blog