Дојави за бомби во десетици училишта во Бугарија

1 min read

Проверките на „Дневник“ покажале дека профилот бил креиран пред два дена, односно на 25 март и на него биле споделени фотографии од оружје и повици за „истребување на човечката раса“, „бомбардирање на училишта, факултети и универзитети во Бугарија, Грција, Северна Македонија и остатокот од Европа“

Закани за поставени бомби денеска биле испратени на официјалните електронски пошти на десетици училишта во Софија, Бургас и Варна, соопштило бугарското Министерство за внатрешни работи, пишува „Дневник“.

Досега, по извршените порверки, во училиштата не е пронајден експлозив, но учениците се евакуирани.

Информациите кои што ги пренесува бугарскиот медиум речиси во детали потсетуваат на случаите со лажните дојави за бомби во училишта кои до неодамна беа секојдневие во новинските извештаи во земјава, пред Министерството за внатрешни работи да ги промени протоколите за постапување при вакви закани.

Што се однесува до денешните закани во Бугарија, се наведува дека на случајот работи оддел за сајбер-криминал, а заканувачката порака најверојатно е испратена од странство, јавува БНР.

Во полето за испраќач на електронската пошта било наведено името Јегор Сињански, кој тврди дека е претставник на организацијата „Слободна мизантропска легија на унибомбери“, чија цел е „да го уништи човештвото“ и да ги разнесе училиштата и факултетите.

На крајот од мејлот имало и профил на организацијата на руската социјална мрежа „Телеграм“.

Проверките на „Дневник“ покажале дека профилот бил креиран пред два дена, односно на 25 март и на него биле споделени фотографии од оружје и повици за „истребување на човечката раса“, „бомбардирање на училишта, факултети и универзитети во Бугарија, Грција, Северна Македонија и остатокот од Европа“.

Содржината од заканите била напишана на лош англиски јазик.

Денеска на профилот бил објавен и видео-материјал со снимка од експлозија во училиште. Сепак, како што наведува „Дневник“ од снимката јасно можело да се забележи дека била монтирана од материјали снимени од различни безбедносни камери, на кои е видлив датумот 17.10.2018 година. Некои од снимките во видеото се брендирани со логото на руската блог платформа Двач, за која не е потребна регистрација или креирање на профил.

Името на организацијата „Слободна мизантропска легија на унибомбери (Free Misanthropic Unabombers Legion) е позајмено од приказната за американскиот терорист Теодор Качински, осуден на доживотен затвор откако убил тројца и ранил повеќе од дваесет цивили. Качински го доби прекарот „Unabomber“, акроним за универзитетски и авио-бомбардер.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Пожар во подземна гаража, изгореа два автомобили во Скопје

Следно

Хакирана веб-страницата на француското Национално собрание

Latest from Blog