Девет милијарди евра е износот на стариот долг што државата, односно оваа Влада треба да го врати до 2031 година. Според Министерството за финансии износите кои доспеваат, а се однесуваат на главница и камати, во 2026 година се околу 1,5 милијарди евра, во 2027 година 1,4 милијарда евра, во 2028 година 1,9 милијарди евра, 2029 година 1,1 милијарда евра, 2030 година 1,7 милијарди евра и 2031 година 1,2 милијарди евра.
Во последното интервју на Алфа ТВ министерката Гордана Димитриеска Кочоска истакнува дека задолжувањето кај странски банки, за што законското решение е во собраниска процедура, во значителен дел е за сервисирање на обврските преземени од минатото, односно за враќање на старите долгови и обврски кои доспеваат за отплата. Оценува дека тоа е нешто што секоја држава мора навремено и одговорно да го менаџира за да ја зачува финансиската стабилност.
„Јавниот долг често е предмет на критики, но многу е важно работите да се гледаат низ реални бројки и споредби. Македонија и понатаму е под нивото од 60% јавен долг во однос на БДП, што е значително подобра позиција во споредба со дел од земјите во регионот и земји членки на Европската унија. На пример, Романија има јавен долг од околу 63% од БДП, Унгарија околу 75%, Полска околу 70%, а Словенија околу 65%. Тоа покажува дека Македонија сè уште одржува умерено ниво на задолженост и внимателно управување со јавните финансии“, вели министерката.
Таа потенцира дека она што е важно е што Владата води политика позајмените средства да не се користат за непродуктивни трошоци, туку пред сè да се насочуваат кон капитални инвестиции, инфраструктура, проекти и области што носат економски раст и долгорочен развој. Токму затоа, додава, и покрај предизвиците, успеваме да ја задржиме стабилноста на јавниот долг и довербата кај меѓународните финансиски институции.

