Брачен пар здравствени работници кои го преживеаја земјотресот ја оставија болката настрана и притрчаа во помош

3 mins read

ХАТАЈ (АА)

– Ајкут КАРАДАГ / Сезгин ПАНЏАР

Брачниот пар здравствени работници, кои со својата шестгодишна ќерка скокнаа низ прозорецот на нивната куќа во Хатај, која беше тешко оштетена во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во местото Пазарџик во турската област Кахраманмараш, на настраданите им подадоа рака на помош уште во првите минути од катастрофата, пишува Анадолу.

Бурак, 30-годишен медицински техничар во единицата на Итната медицинска помош, вработен во обласната Управа за здравство 112, неговата сопруга Недиме, исто така вработена во Итната медицинска помош и нивната шестгодишна ќерка Азра Јилдирим, земјотресот ги затекна додека спиеја во својот дом во градот Антакија.

Членовите на семејството кои скокнале од прозорецот на нивната куќа која се наоѓаше на првиот кат од тешко оштетената седумкатна зграда, веднаш по првичниот шок, притрчаа да им помогнат на луѓето во околината. Брачниот пар кој почнал веднаш да им укажува помош на настраданите, чувајќи ја ќерката покрај себе, придонесе да преживеат голем број луѓе.

Семејството, кое престојува во шаторот на мобилната болница поставена во градината на Болницата за обука и истражување на Хатај, во исто време им помага на повредените и се грижи за своето дете.

– Семејството Јилдирим го преживеа и земјотресот во Малатија

Бурак Јилдирим за AA изјави дека ноќта кога се случи земјотресот се разбудиле од бучавата.

Раскажувајќи дека за разлика од она што претходно го доживеале во Малатија, овој пат се соочиле со многу пострашна катастрофа, Јилдирим продолжи со зборовите:

„Ја прегрнав ќерка ми и покажувајќи ѝ на сопругата, скокнав од прозорецот на нашата куќа кој гледа кон детското игралиште. Локалитетот во кој живееме се состои од четири згради. По потресот зградите беа меѓусебно испреплетени и јасно можеше да го видиме хаосот. Ние бевме првите кои ја напуштија зградата. Имаше луѓе кои врескаа, бегаа, викаа за помош, но во тој момент не можеш да помогнеш, сѐ уште ни себеси не си се спасил. Во тој момент нашиот сосед од првиот кат извика „Земете го моето дете!“ Мојата ќерка беше во моите раце, а во тој момент сопругата се врати. Нашиот сосед го фрли своето две и пол-тригодишно дете низ прозорецот во прегратките на мојата сопруга. Фала му на Бога, мојата сопруга го фати детето.“

Јилдирим рече дека откако се прибрал, заедно со сопругата отишле во станицата на Итната медицинска помош 112 во која работела неговата сопруга.

Зборувајќи дека контактирајќи со своите колеги од другите станици на Итната помош пронашле амбуланта, Јилдирим истакна:

„Заедно со сопругата почнавме да ги прегледуваме настраданите. Јас се грижев за нашето дете, а мојата сопруга ги прегледуваше повредените. Потоа таа ќе дојдеше да го земе детето, а јас ќе продолжев да ги прегледувам настраданите. Ова вака продолжи шест-седум дена. Совесно дадовме сѐ од себе, но не беше доволно, не можевме да стигнеме насекаде.“

– Ја загубив мојата најдобра колешка

Недиме Јилдирим нагласи дека продолжуваат да го преживуваат шокот од катастрофата.

Раскажа и за интервенцијата кај Мустафа Авџи, кој беше заглавен под урнатините и кого земјотресот го затекнал во приватна болница во која дошол поради породување на неговата сопруга. Тој по земјотресот бил извлечен од под урнатините по 261 час од страна на спасувачките екипи. Недиме Јилдирим за него рече:

„Ни кажа дека неговата сопруга се породила, го видел бебето 15 минути, а потоа ја загубил свеста. Подоцна дознавме дека сопругата и детето се добро. Од нас побара вода. Му ја навлажнивме усната. Се обидовме да му помогнеме нему и на многумина како него секогаш колку што можевме.“

Таа нагласи дека бидејќи нејзиното дете било во добра состојба, се обидела да им помогне на луѓето кои се под урнатините колку што може.

Осврнувајќи се на сето она што го преживеала во земјотресот, Недиме Јилдирим додаде:

„Зградата се уриваше, помислив дека треба да им се помогне на луѓето што викаат озгора. Моето дете беше во шок, цврсто се држеше за мојот сопруг. Бев на нозе и потрчав по детето кое беше фрлено озгора. Фрлија душек озгора, надевајќи се дека ќе ги спасат децата… Во тоа време земјотресот сѐ уште траеше и врнеше неверојатен дожд. Целите бевме накиснати, бевме жива вода. Децата велеа „Ладно ни е, однесете нѐ дома.“ Беа во шок, не го разбраа земјотресот. Тие гласови сѐ уште ми се во ушите. Бидејќи и јас и мојот сопруг сме вработени во Службата за итна медицинска помош 112, немавме каде да го оставиме нашето дете. Наизменично работевме со повредените. Кога дојдов на работното место, им се јавив на моите пријатели кои можеа да работат, кои беа во добра состојба. Сакав да дознаам во каква состојба се. Дознав дека загинале мојата најблиска колешка Гамзе, нејзиниот сопруг Илјас и нивното дете Чинар Акаја. Во моментов сè уште не можеме во потполност да ја разбереме нашата болка бидејќи продолжуваме да им помагаме на настраданите. Најверојатно нашата болка ќе ја доживееме кога целиот овој процес ќе заврши.“



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS).

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Гвардиола: Доволно сум добар да одлучам дали да правам замени

Следно

И кога не се на фронтот, тие се на обука: Украинските снајперисти секогаш на готовс

Latest from Blog