Борисов за премиерка на Бугарија ја предлага еврокомесарката Марија Габриел

1 min read

Лидерот на победничката партија на априлските избори во Бугарија се надева на коалиција со најголемите политички ривали. Оттаму, Борисов најави дека ГЕРБ нема да предлага министри, туку очекува преку креирање заедничка програмска платформа да се утврдат и имињата на личностите кои ќе ги преземат ресорите. Со оглед на стравувањата на коалицијата „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“ дека би можеле да го изгубат кредибилитетот поради соработката со ГЕРБ, Борисов им порача дека брзиот влез во еврозоната и во Шенген ќе го неутрализира таквиот претпоставен одиум

Еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Марија Габриел ќе биде мандатар за состав на новата бугарска влада. Таа ќе биде номинирана по предлог на ГЕРБ, партијата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Кандидатот за иден премиер ќе биде претставен утре во Народното собрание на Бугарија. Иако тој не го обелодени нејзиното име, бугарските медиуми се категорични дека Габриел ќе биде лицето на кое ќе му биде пружена можноста да го состави новиот владин кабинет.

„Станува збор за личност која е гордост на Бугарија и гордост во Европа. Личност која ќе ја изведе економијата, индустријата, модернизацијата во насока која сите ја очекуваме. За кандидатот нема никаков спор во јавноста, се работи за вистинска личност за сегашниот момент со задача да го направи тоа на што се надева бугарската јавност, ставање ред во хаосот, повторно функционирање на европските фондови, план за закрепнување, реформа во судството и отворање на шенгенските процедури“,

рече Борисов на денешниот брифинг со новинарите.

Борисов најави дека ГЕРБ ќе предложи премиер, но не и министри, оставајќи им ја подотворена вратата на политичките соперници од коалицијата „Продолжуваме со промените- Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), како втора политичка сила во Бугарија, тие да бидат дел од Кабинетот на Габриел.

„Имиња за министри не предлагаме. Не се бориме за ниту еден ресор. Нам не ни е важно дали ќе бидат тоа луѓе од партиите или експерти, важно е да си ја работат работата. Мислам дека со колегите од ПП-ДБ можеме да најдеме согласност и да стасаме до потребното парламентарно мнозинство. Наш предлог е да се направи програмска влада, влада која своите должности ќе ги извршува според усогласена програма меѓу нас, влада која јавно ќе биде поддржана од двете политички сили. Кој стравува од мечки, не оди во шума, не се занимава со политика“,

е пораката на Борисов до потенцијалните партнери.

Тој е уверен дека ако ГЕРБ и ПП-ДБ се согласат да фомираат влада, Бугарија многу бргу ќе стане дел од еврозоната и од Шенген и тоа ќе биде огромен успех кој ќе знаат да го почитуваат сите граѓани.

Како победник на априлските избори ГЕРБ прва го добива мандатот за формирање влада. Претседателот Румен Радев најави дека ќе го додели в понеделник, на 15 мај.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Еден од пет Грци изложен на ризик да западне во сиромаштија

Следно

Анчелоти: Модриќ ќе биде стартер против Сити, Камавинга се префрла на крило кога сме без топка

Latest from Blog