БНТ: Како живеат косовските Бугари?

2 mins read

Во репортажата на Бугарската национална телевизија (БНТ) се тврди дека на Косово живеат 15 000 лица со бугарска самосвест

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова бара од Приштина – Бугарите на Косово да бидат официјално признаени и да добијат посебна графа на пописот

Првиот канал на Бугарската национална телевизија денеска емитуваше репортажа со наслов „Како живеат косовските Бугари?“.

Видео-записот ги пренесува и пораките на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која вчера го посети Косово, а на враќање имаше средби и со претставнците на Бугарите во Северна Македонија.

Јотова бара Косово да ги признае Бугарите

Репортажата почнува со целта на посетата на Јотова на Косово – да се сретне со тамошните луѓе кои имаат бугарско самосознание и бугарски идентитет.

„Јазикот ни е останат бугарски од мајка, баба. Од стари родители ни е останат бугарскиот јазик“,

изјавува Омир, жител на Драгаш.

Набргу по оваа изјава, авторката на текстот тврди дека на Косово живеат околу 15 000 жители со бугарска самосвест. Како доказ за таквото тврдење се наведува дека „така тврдат тамошни жители“. Овој став е поткерпен и со изјава од претставник на организацијата „Обединети Бугари на Косово“, кој се среќава со Јотова во седиштето на организацијата во селото Крстац

седиштето на „Обединети Бугари на Косово“ во Крстец.

Набргу потоа, во прилогот се вели дека здружението на Бугарите на Косово еднаш собрало потписи за петиција со која барале признавање од Приштина. Но, вели претседателот на здружението Расмин Хамза, потписите се изгубиле низ институциите. На тој список, според него, имало нешто помалку од 500 потписи.

Во прилогот потоа следи изјава во која бугарската потрпретседателка вели дека ќе бара од Приштина признавање на Бугарите, посебна графа на пописот и учество во институциите на косовските Бугари.

„Тоа им дава многу. Им ја дава можноста да учествуваат во Консултативниот совет за етнички малцинства и истовремено со тоа да решаваат многу секојдневни проблеми на луѓето“,

изјавува Јотова.

Целото видео (на бугарски јазик) можете да го погледнете ТУКА.

Стануваат ли и Гораните – Бугари?

Ако се проверат топонимите на местата каде се одвиваше посетата на Јотова, бргу станува јасно дека таа била во областа Гора на Косово. Тоа е просторот од косовската страна на Шар Планина, па се до Призрен. Административно, најголем дел од таа територија е дел од општината Драгаш.

Според англиската верзија на Википедија, последните проценки на ОБСЕ се дека во општината Драгаш живеат околу 41 000 жители. Од нив, околу 23 000 се Албанци. Останатите 18 000 се водат како Горани и/или Бошњаци, но се забележува и дека на пописот во 2011 година како Бошњаци се изјасниле околу 4 000. Тоа би значело дека во општината има околу 14 000 Горани, што пак е цифра многу блиска до споменатите 15 000 Бугари на Косово во прилогот на тамошната национална телевизија.

Во репортажата на БНТ, сепак, не се споменуваат ниту Гораните ниту Бошњаците. Се говори само за Бугари.

Илијана Јотова, потпретседателка на Бугарија.

„Очигледно има претставници на други етноси тука, кои не сакаат Бугарите да имаат свое самоопределување. Но, ние сме должни да вложиме напори тоа да се случи, како што со години наназад со заеднички напори и на сите нивоа, со европратениците успеавме да биде признаено бугарското малцинство во Албанија“,

вели Јотова во прилогот на БНТ.

Од зорт и мака

„360 степени“ во септември посети делови од Албанија населени со Македонци, каде од неодамна почнаа да се појавуваат здруженија на Бугари. Жителите велат дека се заборавени и од Албанија и од Македонија, а дека Бугарија во последно време прави напори да им го олесни животот. Во областа на Пустец, на пример, официјална Софија донирала противпожарно возило, а бил изграден и локален пат.

Некои жители тогаш отворено ни изјавија дека „од зорт се правиме Бугари“. Бугарскиот пасош е најдобрата перспектива за тамошното население.

Иако ретки, некои од жителите на селата кои досега важеле за македонски сепак велат за себе дека се чувствуваат како Бугари и дека Бугари се и останатите кои се декларираат како Македонци.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

МРТВИТЕ СЕ ВАДАТ И ЗАКОПУВААТ БЕЗ ИДЕНТИФИКАЦИЈА: Како турски комплекс од луксузни станови за неколку секунди стана масовна гробница?

Следно

Бела куќа: Бајден нема намера да ја посети Украина по патувањето во Полска

Latest from Blog