Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска повторно преку пренос во живо информира за нелегален ископ на песок и бесправна експлоатација на коритото на реката Вардар од фирма која, како што тврди, нема никаква лиценца и одобрение за работа.
Арсовска ги повика Министерството за внатрешни работи и надлежните институции да постапат, а најави и дека ќе поднесе пријава поради заканите по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство од страна на сопственици на фирма од Долно Коњари.
- Во општина Аеродром, затекнати при нелегални активности на бесправна експлоатација на коритото на реката Вардар, од фирма која нема никакви лиценци, елаборати, дозволи и одобренија ниту за работа, ниту за механизацијата со која ги извршуваат овие злодела против природата, а што потенцијално претставува и опасност по здравјето на граѓаните. Почитуван Министер Тошкоски, ова сметајте го и за пријава против лицето Ќамил Османовиќ и неговите соработници кои упатија пред сведоци закани по мојот живот и по животот на моето семејство, за што и формално ќе поднесам пријава до вас. Никој не им се плаши, но убаво би било да видиме дали ќе постапите бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува да мислат дека се недопирливи пред законот. За случајот се известени Министерството за животна средина и просторно планирање, МВР и сите надлежни институции, стои во објавата на Фејсбук.
Во објавата, Арсовска посочува дека создадено е езеро од отпадни води од кое потоа се загадува реката Вардар. Пријавата, како што посочува, е од невладина организација и граѓани.
Локацијата, како што наведува во објавата, се наоѓа после мостот во Долно Лисиче, спорти Опитното поле.
ИЗВОР: racin.mk