Неколку недели пред предвремените парламентарни избори во Германија, владејачките социјалдемократи на канцеларот Олаф Шолц бележат раст на популарност во анкетите на јавното мислење, јавуваат германските медиуми.
Според истражувањето на институтот ЈуГов (YouGov), Социјалдемократската партија на Германија (СПД) ја поддржуваат 18 отсто од испитаниците, што е за три процентни поени повеќе од последното истражување од пред една недела.
Опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ би ја добила наклонетоста на 29 отсто од гласачите, што е непроменета вредност во однос на претходното истражување на овој институт.
Десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD) би ја избрале 22 отсто од испитаниците, што е за еден процент помалку од минатата недела.
Сè уште владејачката партија Зелени ужива поддршка од 12 отсто од гласачите, а партијата Левица има шест, исто колку и новооснованата левопопулистичка партија Сојуз Сара Вагенкнахт (БСВ).
Сличен однос на силите покажува и вчерашната анкета на институтот Форса, во која ЦДУ/ЦСУ ја губи поддршката во однос на последната анкета. Аналитичарите го поврзуваат тоа со контроверзното гласање во Бундестагот за построгите правила за имиграција, што беше иницирано од демохристијанскиот кандидат за канцелар Фридрих Мерц со поддршката на АфД.
Дел од јавноста ова го протолкува како обид за отворање на Унијата ЦДУ/ЦСУ за соработка со оваа екстремно десничарска партија, нешто што демохристијаните досега строго го одбиваа. За време на викендот низ Германија се одржаа протести против можната соработка на ЦДУ/ЦСУ со АфД.
Во исто време, анкетите на јавното мислење покажуваат дека 52 отсто од испитаниците го одобруваат обидот на Фридрих Мерц да ги заостри законите за имиграција со помош на АфД.
Ограничувањето на миграцијата е една од најважните теми на изборната кампања за изборите што ќе се одржат на 23 февруари.
Извор: 24vesti.mk