Во 2023 година, 1153 луѓе беа егзекутирани во светот, од кои речиси три четвртини во Иран, соопшти Амнести интернешнел, предупредувајќи дека бројот е веројатно поголем бидејќи не се знае колку егзекуции се извршени во Кина.
Организацијата во својот годишен извештај предупреди дека бројот на егзекуции го достигнал речиси највисокиот број во последната деценија и дека е забележано нагло зголемување на целиот Блиски Исток.
„Во 2023 година беа извршени вкупно 1153 егзекуции, што не ги вклучува илјадниците за кои се верува дека биле извршени во Кина“, наведува Амнести интернешнал во најновиот извештај.
Тие наведуваат дека тоа е зголемување за повеќе од 30 проценти во споредба со 2022 година, кога беа егзекутирани 883 лица.
Во исто време, ова е највисока бројка забележана од организацијата од 2015 година, кога биле егзекутирани 1634 лица.
Сепак, тие егзекуции се извршени во вкупно 16 земји, што е најмал број откако Амнести интернешнел подготвува годишни извештаи. Тоа, како што велат, укажува на тренд на изолација на земјите кои ја задржале оваа практика.
Во кои земји се извршени најмногу егзекуции?
Бројот на погубени луѓе во Кина се проценува на илјадници, а таа земја во извештајот е наречена „најголемиот џелат во светот“. Се верува дека Северна Кореја и Виетнам извршиле голем број егзекуции, но ниту за нив нема прецизни податоци.
Амнести забележува најмалку 853 егзекуции во Иран, а 172 во Саудиска Арабија. Речиси 90 отсто од регистрираните егзекуции во светот се извршени во тие две земји.
Се проценува дека најмалку 38 егзекуции биле извршени во Сомалија, што е значителен скок од шесте егзекуции извршени во 2022 година.
По САД, тука е Ирак, каде што се погубени најмалку 16 лица, со масовно егзекуција на 13 лица извршени во централниот затвор Насирија без претходно предупредување.
Се проценува дека најмалку 15 луѓе биле егзекутирани во Јемен, а 8 во Египет. По пет егзекуции биле извршени во Бангладеш, Кувајт и Сингапур.
Кога станува збор за смртните казни за жени, познато е дека тие се извршени во Кина, иако не се знае точната бројка, а потоа следат Иран (24), Саудиска Арабија (6) и Сингапур (1).
Како се спроведува смртната казна?
Обезглавувањето како метод на егзекуција се врши само во Саудиска Арабија, а бесење се практикува во Бангладеш, Египет, Иран, Ирак, Кувајт, Сингапур и Сирија.
Смртоносната инјекција се спроведува во Кина, САД и Виетнам, додека егзекуцијата со стрелање се практикува во Авганистан, Кина, Северна Кореја, палестинските територии, Сомалија и Јемен.
Амнести не добила никакви извештаи дека била извршена смртна казна со каменување во 2023 година.
Организацијата предупреди дека во 2023 година, смртната казна продолжи да се користи на начини кои ги прекршуваат меѓународното право и стандарди.
Меѓу другите места, најмалку осум јавни егзекуции биле извршени во Иран и Авганистан. Исто така, најмалку пет лица биле погубени во Иран за злосторства што ги извршиле како малолетни. Лицата со ментална или интелектуална попреченост се осудени на смрт во неколку земји, вклучувајќи ги Јапонија, Малдивите и САД.
Извештајот, исто така, укажува дека смртните казни во некои случаи следеле по нефер судења, присилно признание, а во некои случаи биле изречени од специјални и воени судови.
Проблематично е и тоа што смртната казна е изречена за кривични дела кои не го исполнуваат прагот на „најтешките кривични дела“ како што се прекршоци поврзани со дрога или вонбрачен секс.
Кина крие податоци, драстично зголемување на егзекуциите во Иран
Податоците за егзекуциите извршени во Кина се класифицирани како државна тајна. Амнести престана да ги објавува своите проценки за смртната казна во земјата во 2009 година, бидејќи беше загрижена за тоа како кинеските власти ги толкуваат нивните извештаи.
„Амнести интернешнел секогаш јасно ставаше до знаење дека бројките што можеше да ги објави за Кина се значително пониски од реалната ситуација, поради ограничениот пристап до информации. Кина допрва треба да објави податоци за смртната казна, но достапните податоци покажуваат дека илјадници луѓе секоја година се егзекутирани и осудени на смрт“, се вели во документот.
Како што се наведува, Амнести повторно ги повикува кинеските власти да објават информации за примената на смртната казна во таа земја. Се додава дека властите во Иран ја интензивирале примената на смртната казна со цел да влеат страв кај населението и да ја зајакнат власта, извршувајќи егзекуции низ целата земја.
„Погубени се најмалку 853 луѓе, што претставува зголемување од 48 отсто во споредба со 576 во 2022 година. Егзекуциите несразмерно го погодија етничкото малцинство на Иран, кое сочинуваше 20 отсто од регистрираните егзекуции, иако тие сочинуваат околу пет отсто од населението во Иран, “, наведува Амнести интернешнал во извештајот.
Најмалку 24 жени и најмалку пет лица кои биле деца во моментот на злосторството биле егзекутирани во Иран.
Дополнително, повеќе од половина од евидентираните егзекуции, од кои 545, биле извршени незаконски за прекршоци кои не треба да резултираат со смртна казна според меѓународното право, вклучувајќи прекршоци поврзани со дрога, грабеж и шпионажа.
„Егзекуциите за прекршоци поврзани со дрога нагло се зголемија и сочинуваа 56 отсто од евидентираните егзекуции во 2023 година“, соопшти Амнести.
Пречки и неуспеси во САД
Извештајот, исто така, предупредува на „пречки“ и „неуспеси“ во САД, во кои сојузните држави Ајдахо и Тенеси воведоа закони за извршување на егзекуции со стрелање.
Исто така, како што соопшти Амнести интернешнал, во Јужна Каролина е потпишан нов закон за прикривање на идентитетот на лица или субјекти вклучени во подготовката или извршувањето на егзекуциите.
„Голем број американски држави покажаа застрашувачка посветеност на смртната казна и цврста намера да инвестираат ресурси во одземање човечки животи“, рече генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламар.
Таа го оспорува и новиот метод на асфиксија со азот што се користи во Алабама, каде Кенет Смит беше погубен претходно оваа година.
„Претседателот Бајден мора да престане да го одложува своето ветување за укинување на федералната смртна казна“, рече Калмард.
Што се случува во Европа и Централна Азија?
Ниту едно лице не било погубено во Европа во 2023 година. Меѓутоа, во Белорусија, единствената земја во Европа која користи смртна казна, еден човек е осуден на смрт за убиство.
Амнести потсети дека на 9 март претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, потпиша закон со кој кривичното дело велепредавство е казниво со смрт, доколку е извршено од државни функционери и воен персонал.
„Тој закон го прекршува ограничувањето на смртната казна на најтешките кривични дела, како и барањето да не се воведува смртна казна за кривични дела кои не се казнуваат со смрт по ратификацијата на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, кој Белорусија го потпиша“, соопшти меѓународната организација.
Во Русија и Таџикистан останува на сила мораториумот на егзекуциите. Исто така, Ерменија го ратификуваше и Азербејџан го потпиша Протоколот 13 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на укинување на смртната казна во сите околности.
И покрај пречките, напредокот е видлив
Без оглед на потезите на неколку земји, напредокот продолжува, вели Амнести интернешнал.
До денес, 112 земји целосно ја укинале смртната казна, а вкупно 144 ја укинале смртната казна со закон или во пракса.
Калмард, оценува дека дискриминацијата и самоволието, кои се „вродени во примената на смртната казна“, само ги влошиле кршењата на човековите права во судските системи.
„Малцинството земји кои инсистираат на неговата употреба мора да се движат со времето и да ја укинат казната еднаш засекогаш“, рече Калмард.
Таа рече дека смртната казна повторно ќе се најде под „лупа“ на овогодинешното Генерално собрание на ОН.
Амнести интернешнал ги повикува сите влади да се обединат зад повикот на ОН за прекин на употребата на смртната казна, со цел да ја покажат својата посветеност на човековите права.
Извор: slobodnaevropa.mk