Ако Владата не префрли пари училиштата во Карпош ќе останат без греење поради долг од над 8 милиони денари

2 mins read

Учениците од осум основни училишта во општина Карпош, на почетокот на грејната сезона и во услови кога ноќните температури се спуштаат до неколку степени над нулата, ќе останат без греење затоа што должат кон ЕСМ вкупно околу 8 300 000 денари за парно за минатата сезона. Од компанијата денеска соопштија дека на барање на Општината Карпош испораката на топлинска енергија во основните училишта нема да започне на 15 октомври туку од 1 ноември поради натпросечните темпаратури и топлото време.

Станува збор за училиштето „Братство“ со неплатени сметки за греење од 464 000 денари, за „Јан Амос Коменски“ кое должи 1 130 000 денари, „Димо Хаџи Димов“ со 565 000 денари, долгот на ОУ „Владо Тасевски“ изнесува 1 030 000 денари, на „Војдан Чернодрински“ 2 180 000 денари, „Христијан Тодоровски Карпош“ 828 000 денари, „Лазо Трповски“ 1 008 000 и „Петар Поп Арсов“ должи 1 116 000 за парно греење. Единствено училиштето „Вера Циривири Трена“ нема долг затоа што таму се учи само во една смена и „Аврам Писевски“, кое се загрева на нафта.

Локалната самоуправа само управува со основните училишта, а сите обврски кон нив ги покрива Владата преку Министерството за финансии и Министерството за образование. Тие ги исплаќаат средствата преку таканаречените блок дотации кои стигаат до Општината и ние само ги пренесуваме до училиштата. За жал средствата што ги исплаќаат од Министерството за образование ни оддалеку не достасуваат за основните функции на училиштата, а тоа е да си ги покријат трошоците за електрична енергија, за парно греење, за ѓубретарина, за вода – истакна денеска на прес конференција градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Тој посочи дека минатата година Општина Карпош од својот буџет издвоила 6 милиони денари и ги покрила трошоци за греење на училиштата. Оваа година долгот е поголем, што значи дека Министерството за образование издвоило помалку средства за училиштата од лани.

Јас се обратив до Министерството за образование, тие рекоа дека немаат денар пари и како знам да се снаоѓам. Не ми е јасно како имаат пари за Мајка Тереза 36 милиони евра, а немаат да си ги платат основните трошоците за да функционираат министерствата за тоа немаат пари. Им порачувам на Владата и премиерот да го напуштат популизмот бидејќи се нафатиле да водат држава, а ако водат држава тогаш треба да ги обезбедат основните функции на државата во коишто влегува и образованието- рече Јакимовски.

На прашањето кога ќе почне греењето во овие училишта градоначалникот рече дека ќе почне кога ќе треба, затоа што сѐ уште е топло.

Одговарајќи на новинарски прашања, дали се завршени подготовките за грејната сезона и дали е можно училиштата во општина Карпош да ја почнат грејната сезона со ладни радијатори, денеска портпаролката на Владата Марија Митева рече дека ќе соберат информации за состојбата и долговите по што ќе ја информираат јавноста.

Ја видовме информацијата којашто беше во јавноста она што континуирано го зборувавме е дека навистина претпријатијата се оставени со големи долгови. Дозволете да ја провериме, за наводите, за тоа каква е ситуацијата колкави се долговите и да ја информираме јавноста, изјави портпаролката на Владата.

Училиштата во Карпош не се единствените кои утре ќе останат без греење. Поради дефекти на внатрешната инсталација и проблеми во потстаниците во 117 објекти уште не се обезбедени услови за пуштање топлинска енергија.

Според податоците во Центарот за грижа на потрошувачи, во 25 објекти има прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 23 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица и 69 објекти имаат некаков дефект на внатрешната инсталација на објектот.

Од ЕСМ Снабдување апелираат до потрошувачите и заедниците на сопственици што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија.

ИЗВОР: racin.mk

Претходно

Средба Лимани-Чеку: Со заеднички напори заложбите за подобро утре за младите да ги преточиме во дела

Следно

ГОДИНАШНИОТ СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ Е ГОЛЕМ ИСЧЕКОР ЗАШТО РЕЧИСИ СИТЕ КОНЦЕРТИ СЕ ЕКСКЛУЗИВНИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ОЛИВЕР БЕЛОПЕТА

Latest from Blog