ТВ21 го контактираше Али Ахмети да го праша дали има точна информација каде се наоѓа Груби и го добивме следниот одговор:
„Лично немам контакт со Артан Груби и немам детални информации каде актуелно се наоѓа. Мојата изјава во текот на вчерашниот ден е базирана на тоа што е јавно изјавено од претставници на Владата, но исто така и од фактот дека тој легално си ја поминал границата Македонија-Косово. Верувам силно дека секој граѓанин вклучувајќи го и господинот Груби заслужува еден правичен и неселективен судски процес далеку од селективна апликација на правото“, ни изјави Ахмети.
Тој вчера рече дека Артан Груби се наоѓа на албанска територија, но без да даде конкретни информации за неговата локација. Ахмети вчера додаде дека, сепак, правдата не треба да биде селективна и одмаздничка, нагласувајќи дека ДУИ е против употреба на навреди и клевети за политички цели. Груби е осомничен за проневера во Државна лотарија. Меѓу осомничените во овој случај е и поранешниот директор на Државната лотарија, Прпарим Бајрами, а штетата се проценува на речиси 8,2 милиони евра. МВР за случајот поднесе кривична и за поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, но засега тој не е опфатен со истрагата. За случајот распишани се и меѓународни потерници.
ИЗВОР: ТВ 21