А ПОСЛЕ, СИТЕ ДРУГИ

3 mins read

„Убиј ги прво децата“, дебито на Димитар Оровчанец, е филм за корумпирани возрасни и за балави дечишта кои – на шала, на смеа – ќе научат што е другарство. Корумпираните возрасни се полицајци, трговци со бело робје, лихвари, политичари, дечиштата се тројца средношколци од разновидно социјално милје, ама еднакво оставени сами на себеси, што се вика – на улицата. Во филмот нема позитивен лик, ама дечиштава барем ќе научат животна лекција.

Матеа (Миа Жиро) учи балет заради мајка ѝ, ама повеќе ѝ лежи боречката вештина на татко ѝ нинџа. Дечко ѝ Мартин (Стефан Спасов) е смотан мамин син, а неговиот најдобар другар Џорџ (Мартин Ѓоргоски), генијален син на ражалуван полицаец пијаница, бега од лихвари оти им должи. Уличната лекција ќе им почне кога Матеа случајно ќе го замени телефонот со сокласничката Бонбона (Марија Јанчевска), па тројцата другари ќе тргнат да го бараат назад и ќе наидат на екипата корумпирани возрасни спомнати погоре. Џорџ ќе го украде пиштолот од татко му, и тука почнува акцијата што се води според принципот Чеховски пиштол – ако извадиш пиштол во првиот чин, до третиот мора да испука. И нормално, како и обично во акциона крими црна комедија, кога ќе испука има крв до колена. А не треба да боли оти треба да е забавно.

Матеа, Мартин и Џорџ се трио со потенцијално интересна динамика, но тројцата актери имаат доста различен пристап кон своите ликови.

Се чини дека Миа Жиро и Мартин Ѓоргоски премногу се трудат да бидат кул, па често ликовите ги играат како на прва топка. Жиро ја игра Матеа со пренагласено глумење фам фатал, исто како ликот на Јана со кој дебитираше во „Сестри“ на Дина Дума, но овде со малку повеќе хумор и левтерност. Ѓоргоски, кој како 16-годишен натуршчик имаше извонредно деби во „Џган“ на Вардан Тозија, овде како да се мачи да најде баланс меѓу драмското и комичното.

Но, Стефан Спасов, без да се расфрла со широка геста и преигрување, цело време во позадина го гради ликот со ситен вез и затоа му е убедлива трансформацијата од смотан заљубен тинејџер во кул мастремајнд на план за надигрување на криминалците.

Од ансамблот ликови на бандити целосен карактер успеал да искреира Стефан Вујисиќ, кој џанакот Мрсул го игра со фин усет за комично нијансирање.

Оровчанец и косценаристот Александар Русјаков ја скицирале приказната по жанровски терк и она си има релативно кохерентен тек, во смисла дека има доволно пресврти што ја влечат напред, но тоа е полесниот дел од задачата. Потешкиот дел од задачата е скицата да добие целосно функционална филмска форма и автентичен комплексен колорит и да добие значење како дело. Па макар и само забавно.

Впечаток е дека Оровчанец, иако со голема поддршка од камерата на Владимир Самоиловски и продукцискиот дизајн на Сашо Блажевски, како автор не ја совладал потешката задача, па филмот, во сета своја наивност, се сведува на антихерои заробени во ветување за акциона комедија на грешки. Комичното тука е и најпроблематично, оти она што во филмот е смешно се заснова на гег, а не на дејство. А добра акциона сцена сака повеќе марифет, не е доволно само да биде во слоу-моушн. Во филмот од акција убедливо е само бруталното тепање на жените, оти галиба е најлесно да се претстави, особено откако Тарантино го проби тој пат.

И да, во „Убиј ги прво децата“, се гледаат „цитати“ на Тарантино, Гај Ричи и слични авторски јазици од овој жанр. Ама за ниеден, па ни за жанровски филм не е доволно само да видиме дека режисерот е инспириран од стилот на познати автори. Треба да видиме и што има свое да каже и покаже. Да „прави убиство со чувство“, ко што пее Легијата.

Постојано, рецензирајќи филмови од современи македонски автори, забележувам дека е проблематично тоа инсистирање на жанровски филм и дека често личи како со тоа да се покрива генерална невештост или дури незаинтересираност да се истражи човековата состојба сега и тука, што всушност е и работа на секоја уметност. А во 21. век, светот ни е урнек – не по жанровштина, туку по квалитет. Оти, одамна веќе не е јак штос да се сними жанровски филм надвор од земјите што ги измислиле жанровите.

Од друга страна, во кинематографија каде нередовно се снима, а дебитанти се веќе 40-годишници, огромен е и притисокот на очекувањата да се сними филм што ќе биде „нешто ново во македонската кинематографија“. Како божем вреднувањето на филм од македонски автор да е или да треба да биде различно од вреднувањето на кој било светски автор. Критичарот може да биде благонаклонет, ама ако му гледа низ прсти, му прави лоша услуга. Сметам дека, имено, тоа патронизирање на македонскиот автор е најлошата услуга што може да му се направи на македонскиот филм.

Марина КОСТОВА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Филипче: Ако Мицкоски обезбеди во ЕУ одложено дејство на уставните измени, ние ќе го поддржиме, но таму одлуките се носат едногласно

Следно

Од вкупно 11, останале само шест – пет центри за развој на децата во тетовско затворени бидејќи нема персонал

Latest from Blog