По речиси две децении нерешен проблем, Општина Центар најави дека ќе започне активности за решавање на хаосот во делот позади Собранието, кај Државниот завод за Статистика, Управниот суд и Пазарната инспекција.
Овој простор, кој со години е узурпиран и претворен во див паркинг, стана симбол на недисциплина и запуштеност во срцето на градот.
Во текот на денот, овој дел е преполн со автомобили паркирани без ред, создавајќи нервоза, гужви и невозможност за нормално движење. Навечер, ситуацијата станува уште покритична – нема осветлување, просторот е преплавен со кучиња скитници, а ѓубрето останува неисчистено, правејќи го овој дел пред институциите и граѓаните небезбеден и неуреден.
Според информациите на ТВ21, Општина Центар од вторник најавуваат дека ќе започнат активности за воспоставување ред и конечно, по 20 години, решавање на хаосот во центарот на градот.
ИЗВОР: ТВ 21