Илиевска: Буџетот за 2025 како стратегија за развој и поддршка на младите кои се клуч за иднината на Македонија

2 mins read

Пратеничката Дијана Илиевска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во своето излагање на денешната расправа за Предлог-буџетот за 2025 година истакна дека Предлог-буџетот за следната година ќе донесе значителни подобрувања за граѓаните на Република Македонија. Илиевска истакна дека и покрај различните ставови во рамки на Комисијата, времето ќе покаже дали буџетот ќе биде успешен, со што потврди дека ВМРО-ДПМНЕ има јасна визија за економски напредок, со посебен акцент на младите како клучни фактори за напредокот на Македонија.

,,Јас би рекла дека и покрај нашите спротивставени ставови и мислења тука во комисијата, времето ќе покаже и докаже колку овој буџет ќе биде развоен и колку граѓаните ќе бидат задоволни од преземените активности од страна на владата или нема да бидат задоволни“, изјави Илиевска.

Илиевска посочи дека граѓаните на последните парламентарни избори ја дадоа довербата на ВМРО-ДПМНЕ со надеж дека новата Влада ќе обезбеди подобри услови.

,,Истите тие граѓани на последните парламентарни избори дадоа доверба на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи сакаа промена и имаа надеж и веруваа дека новата Влада ќе создаде услови за подобар животен стандард, со силна економија без корупција, со квалитетно образование, со функционално здравство, со поддршка на младите и највозрасните, со поголеми плати и голем број капитални инвестиции кои ќе значат пред се брз раст и развој на Република Македонија“, истакна Илиевска.

Илиевска нагласи дека сериозно се пристапило кон изготвување на буџетот, со акцент на внимателност и прецизност.

,,Токму затоа, заради сите горенаведени работи кои се компоненти односно се составни делови на овој предлог буџет на кој министерството пристапува крајно сериозно со многу внимателност и прецизност во неговото изготвување, и сметам и ценам дека ќе биде развоен буџет, буџет на кој ќе се темели одговорна и посветена работа што ќе придонесе нашето општество и нашата држава да се движат во правилна насока. Имаме пред нас буџетирање базирано на принцип на реалност, односно буџетски приходи кои се планирани во износи во кои реално може да се остварат и расходи на ниво на кое ќе може да се извршат“ кажа Илиевска.

Илиевска посочи дека буџетот предвидува значителни инвестиции во клучни сектори како здравство, образование, детска заштита и спорт. Потенцираше дека средствата за реконструкција на училиштата и градинките, како и за модернизација на студентските домови, ќе значат значителен напредок во овие области.

,,Развоен е овој буџет бидејќи се планирани средства за подобрување на условите во здравствените установи и предвидена набавка на медицинска опрема, бидејќи се планирани инвестиции во образованието, детската заштита и спортот, планирани се средства за изградба и реконструкција на училишта и градинки, на ученички и студентски домови, средства за унапредување на социјалните услуги, средства за инвестиции во земјоделството и многу други програми и проекти кои ќе имаат за цел да го подобрат животниот стандард на граѓаните во Република Македонија“, рече Илиевска.

Илиевска ја истакна и важноста на задржување на младите во земјата, наведувајќи дека поддршката на оваа категорија е еден од клучните приоритети на буџетот. Според Илиевска, владиниот план за развој на креативна и стабилна средина ќе обезбеди дека младите ќе имаат услови за да останат и да се развиваат во својата татковина.

,,Најважно од се е да ги задржиме младите и затоа особено е важна и поддршката на Владата преку предвидените мерките да се создаде услови за креирање на едно безбедно место и развиена средина во која нашите ученици, студенти и млади ќе бидат задоволни. Важно е да ги задржиме младите и да креираме буџет кој ќе значи придобива, ќе значи развој, напредок, просперитет на младите кои ќе бидат силна иднина на нашата држава и ќе бидат голема додадена вредност во нашето општество. Во спротивно што и да правиме какви и буџети и програми и мерки да носиме, ако нема кој да го користи истите, ќе биде се залудно“, заклучи Илиевска

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Бајден и дозволи на Украина да ја нападне Русија со ракети со долг дострел

Следно

Меџити од Косово: Не постои Закон за албански јазик за да може да се каже дека се укинува

Latest from Blog