СЗО изгуби контакт со персоналот во болницата „Камал Адван“ во северна Газа по израелскиот напад

1 min read

ЖЕНЕВА (АА) – Светската здравствена организација (СЗО) изгуби контакт со персоналот во болницата „Камал Адван“ во северниот дел на Газа по јавувањата за израелски артилериски напад и напад со лесно оружје врз објектот рано утрово, при што беа повредени неколку лица, јавува Анадолу.

„Од извештаите утринава за напад на болницата Камал Адван во северниот дел на Газа, изгубивме контакт со персоналот таму“, рече денес напладне шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, додавајќи: „Овој развој на настаните е длабоко вознемирувачки со оглед на бројот на пациенти што се опслужуваат и луѓето што се засолнети таму.“

Неколку членови на медицинскиот персонал се повредени кога израелската Армија повторно ја гаѓаше болницата „Камал Адван“ во Беит Лахија, со артилериско гранатирање и пукање од огнено оружје, а војниците подоцна упаднаа во здравствената установа, оштетувајќи ја нејзината опрема клучна за спасување животи.

Израелската Армија, исто така, ја бомбардираше главната станица за кислород во болницата, што ја направи нефункционална, изјавија медицински извори за Анадолу.

Пред последниот израелски напад, Тедрос истакна дека СЗО и нејзините партнери успеале да стигнат до болницата „Камал Адван“ доцна синоќа среде нападите и префрлиле 23 пациенти и 26 старатели во болницата „Ал-Шифа“.

Според шефот на СЗО, тимот доставил и 180 единици крв, хируршки и материјали за одделот за траума и лекови за над 5.000 пациенти.

Тој рече дека болницата е преполна со дури речиси 200 пациенти, со постојан прилив на тешки случаи на ранети, и е место каде што се засолнети стотици луѓе.

„Пристапот до болниците низ Газа станува неверојатно потежок и го изложува нашиот персонал на непотребна опасност“, рече Тедрос.

Тој го повтори својот повик за итен прекин на огнот и заштита на болниците, пациентите, здравствените работници и хуманитарците.

„На сите во Газа им е потребен мирот“, нагласи тој.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Десет нови случаи на голема кашлица

Следно

Платата на Меси е поголема од буџетите за плати на 22 клуба во МЛС

Latest from Blog