ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ КОМПОЗИТОР ЉУПЧО КОНСТАНТИНОВ

1 min read

Почина легендарниот македонски композитор Љупчо Константинов, потврди семејството. Имаше 78 години.

Константинов, кој дипломирал на Музичката академија во Белград, е автор на музиката за бројни играни, документарни и анимирани филмови, ТВ-филмови, серии и драми, како и за над 60 театарски претстави. Меѓу другите, автор е и на музиката за филмовите „Среќна Нова 49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“, „Хај-фај“ и други. Од неговата песна „Еј ти, младо момче“ во изведба на групата „Индекси“, неговата наградувана и изведувана авторска музика се смета за македонско музичко богатство.

Константинов лани ја доби највисоката државната награда „11 Октомври“ за животно дело, како и наградата Златен објектив за 2023, која ја доделува Кинотеката на Македонија. Во 2019 ја доби наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

„Им благодарам на сите мои соработници, да не беа тие, немаше денес да бидам тука. Патот дотука не беше лесен, беше послан со трње, не со персиски килими, туку со стотици табаци испишани нотна хартија и илјадници часови поминати во музичките студија во создавање музика за програмските потреби на Радиото, како и применета музика, мојата животна преокупација, музика наменета за театарската сцена, филмската уметност и телевизијата“, рече лани Константинов во  Собранието на доделувањето на  државната награда „11 Октомври“.

На мастеркласот во Битола во 2019 рече дека пред да се вљуби во музиката, се вљубил во филмот.  Раскажа дека во Охрид живееле во маало каде било единственото кино. Како деца секој ден минувале таму и гледале кој филм ќе се прикажува. Вистинска радост за нив била кога вработениот ќе им фрлел парче од филмска лента што ја лепел. Собирале албуми со содржини за филмови, слики од Гари Купер, Кирк Даглас, Брижит Бардо и други.

„Бидејќи татко ми беше од Битола му побарав да ми донесе апарат. Ролните ќе ги ставев во топла вода на масичка со два клинци, ја бришев емулзијата и потоа цртав коцки. На секое квадртче слика. И првиот филм беше цртан директно на лента. Патка како несе јајце. Татко ми виде дека нема да можам многу да учам со тоа и ми го зеде, па гитарата се појави тогаш“, рече Константинов.

Кога се родила љубота за музиката се присетува дека со другарите со велосипеди по калливо време во февруари минувале по пет километри за да дојдат до местото каде имало телевизор и да го слушаат фестивалот Сан Ремо.

„Мислам дека првата плоча од ‘Битлси’ стигна во Охрид. Одевме со другарите со гитарите по плажите. Навечер, во септември му носевме грозје на еден англиски турист во хотел Палас и нѐ засака човекот. Кога се врати дома ни прати грамофон и плоча од ‘Битлси’. Така се разви љубовтав кон музиката’’, речеКонстантинов во 2019.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Потпишан Меморандум за разбирање за унапредување на еднаквите можности на жените и мажите во земјоделството

Следно

МАНУ: Постои само една национална академија која ја претставува државата во европската меѓународна асоцијација на академии

Latest from Blog