Брисел: Бугарија и Северна Македонија ќе го градат критично важниот Коридор 8

1 min read

Изградбата на пругата кон Бугарија изминатиов период беше повод за дополнителни тензии меѓу Софија и Скопје, откако вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски, отворено се спротивстави на продолжувањето на изградбата на третата делница (Крива Паланка – Деве Баир), обвинувајќи ја Бугарија дека нема проект за Коридорот
Северна Македонија и Бугарија денеска на состанок на високо ниво во Брисел се согласиле заеднички да продолжат со изградбата на железничката пруга на Коридорот 8, соопшти Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Унија (ЕУ).

На состанокот на високо ниво учестувале бугарскиот заменик-министeр за транспорт и врски Бисер Минчер, државниот секретар во Министерството за транспорт на земјава Стефан Велковски, директорот за железничка инфраструктура на Северна Македонија Синиша Ивановски и претставници на Комисијата на ЕУ, на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и на Секретаријатот на транспортната заедница на Унијата.

Двете земји, според соопштението, се согласиле да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8.

„Дополнително, соодветните министерства ќе работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од Коридорот. Северна Македонија и Бугарија, исто така, ја поздравуваат поддршката на Координаторот на Европскиот коридор за Западен Балкан – Источен Медитеран и на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница за напредување на Коридорот 8“, се вели во соопштението.

Од Генералниот директорат за соседство и преговори го истакнуваат значењето на Коридорот 8, посочувајќи дека станува збор за критична железничка врска за целиот регион и ЕУ, кој ќе донесе побрз пренос на стоки и патиници, како и зголемување на мобилноста, пристап на пазарот и конкуретноста на Западен Балкан.

„Комисијата го поздравува повторното потврдување на посветеноста на Бугарија и Северна Македонија на Коридорот 8, што ја покажува подготвеноста за регионална соработка која е од суштинско значење за иднината на двете земји. Источниот дел од Коридорот 8 ги поврзува Северна Македонија и Бугарија и е дел од Западен Балкан – европскиот коридор на Источен Медитеран и главен проект на Глобалната порта на ЕУ. Со финансиска помош од ЕУ за подготовка на проекти и инвестициско кофинансирање според Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, Северна Македонија и Албанија ги надградуваат постојните линии и ги градат алките што недостасуваат долж Коридорот“, се додава во соопштението.

Инаку, изградбата на пругата кон Бугарија изминатиов период беше повод за дополнителни тензии меѓу Софија и Скопје. Ова дојде откако вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски отворено се спротивстави на продолжувањето на изградбата на третата делница (Крива Паланка – Деве Баир), обвинувајќи ја Бугарија дека нема проект за Коридорот.

На неговите изјави, освен од Софија реакции стигнаа и од специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој изрази загриженост дека новата влада во земјава изгубила интерес за реализација на проектот и дека наместо на овој коридор, во Скопје се дава приоритет на Коридорот 10 кој ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Грција.

ИЗВОР: racin.mk

Претходно

АКАДЕМИК ВЛАДА УРОШЕВИЌ СЛАВИ 90 ГОДИНИ СО КНИЖЕВНА ВЕЧЕР ВО СКОПЈЕ

Следно

Време е за џез, почнува Скопски џез фестивал

Latest from Blog