[Видео] Десет години од впишувањето на орото Копачка во УНЕСКО, започна одбележувањето на јубилејот

1 min read

Фолклорната група Копачка од село Драмче, Делчево ги започна активностите за одбележување на десетгодишниот јубилеј од впишувањето на традиционалното оро Копачка на Репрезентативната листа на нематеријални културни наследства на УНЕСКО.

На локацијата Јазова Чука, каде жителите на село Драмче го слават празникот Покров на Пресвета Богородица, фолклорната група одржа концерт за да го означи почетокот на јубилејната прослава. Претседателката на групата, Перса Стојановска, со гордост истакна дека токму на ова место започнуваат одбележувањата: „По втор пат сме овде и по втор пат започнуваме од ова место како носители на Светското културно наследство,“ изјави Стојановска, потсетувајќи ги сите присутни дека на 27 ноември ќе се одржи централниот јубилеен концерт.

Во рамките на прославата, соборјаните и присутните гости имаа можност да го одиграат традиционалното оро Копачка, со што уште еднаш се потврди дека орото е живо и активно – што е основен услов за негово впишување во листата на УНЕСКО.

Прославата, која се одржа во соработка со месната заедница на Драмче, вклучуваше заеднички ручек за околу 500 луѓе, кои дојдоа не само од Делчево и Македонска Каменица, туку и од други делови на државата.

ИЗВОР: racin.mk

Претходно

Продолжува работната посета на претседателот на Владата Мицкоски во Берлин

Следно

Хоџа: Мицкоски сега е омекнат во изјавите, а имаше голема храброст после изборната еуфорија

Latest from Blog