Бајден ги предупреди Американците за ураганот Милтон кој може да стане бура на столетието

1 min read

ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Џо Бајден денеска предупреди дека ураганот Милтон може да стане „бура на столетието“ и ги повика жителите на Флорида да ги почитуваат наредбите за евакуација, јавува Анадолу.

„Изгледа дека тоа ќе биде бура на столетието. Многу заедници кои живеат во областите низ кое се движи ураганот Милтон немаат ниту момент за одмор меѓу ураганите Хелена и Милтон, две историски бури за само две недели“, истакна американскиот претседател.

Бајден ги повика сите што живеат во областите каде што ќе се движи невремето да ги следат сите инструкции во следните 24 часа и додаде дека „тоа буквално е прашање на живот и смрт“.

Американскиот претседател ги осуди дезинформациите што се шират на интернет за невремето, нарекувајќи ги „непромислени, неодговорни и безмилосни“.

„Тоа ја поткопува довербата во неверојатната работа за спасување и закрепнување којашто веќе е преземена и којашто ќе продолжи. Тоа е штетно за оние на кои им е најпотребна помош. Едноставно нема место за тоа“, рече Бајден, осврнувајќи се на изјавите на републиканската претставничка Марџори Тејлор-Грин која на платформата Х напиша дека бурата е вештачки произведена, тврдејќи дека „климатските промени се новиот Ковид“.

Милтон моментално е застрашувачки силен ураган од четврта категорија што може да го зафати брегот на Флорида во доцните часови во среда или четврток наутро. Се очекува овој ураган да ја зафати централна и северна Флорида.

Американските власти веќе издадоа предупредување до 5,5 милиони луѓе да се евакуираат од западниот брег на Флорида додека државата се подготвува за најголемата операција за евакуација и спасување во својата историја.

Бурата носи постојани ветрови со брзина до 230 километри на час, а метеоролозите предупредија дека не е можно да се утврди точната област од копното ураганот Милтон ќе ја зафати.

Предупредувањата од удари на бура се во сила за речиси целиот западен брег на Флорида, од јужниот дел на државата до Јенкитаун. Оваа област вклучува неколку големи населени центри, вклучувајќи го и заливот Тампа.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

УХМР со најнова прогноза- еве какво ќе биде времето во наредните денови

Следно

Адеми: Одлуката за укинување на балансерот е неуставна

Latest from Blog