Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не само што бил адвокат на фирмата која започнува со активности за изградба на катна гаража до Собранието, на која на два пати ѝ беше оспорено и поништено одобрението за градба од Општина Центар, туку во периодот од 2008 до 2011 година бил советник во Министерството за транспорт и врски, работел на акти во врска со градежното земјиште и земјишната политика, а таму членувал и во комисии за концесии и јавни наддавања за градежно земјиште.
Сепак сега од позиција на министер не само што е тивок по ова прашање, туку и не дава согласност за изградба на катната гаража, а изминатиот период и премиерот Христијан Мицкоски рече дека овој проблем мора да се реши, па токму затоа утре ќе се реализира средбата во Собранието за спорната градба, катната гаража која се наоѓа кај Собранието, Домот на Армијата и Управниот суд, а ќе присуствуваат претставници од Владата, министерството за внатрешни работи и транспорт, државниот правобранител, претставници од Општина Центар и од компанијата „Анго“.
Минатата недела, премиерот Христијан Мицкоски, официјално најави дека ќе се прецизира што понатаму со спорната градба, изјави дека македонското Собрание е небезбедно со изградба на ваков објект, но истовремено треба да се води сметка и компанијата инвеститор да не биде во загуба, затоа што некој претходно се однесувал незрело. Затоа на утрешниот состанок, ќе се бара начин за да нема оштетена страна, но се уште е непознато дали државата ќе го откупи земјиштето или ќе биде експропирано.
Премиерот Мицкоски пред неколку дена изјави дека случајот мора да биде решен на тој начин што ниту една страна нема да биде оштетена. Но, се согласува дека со озградбата на овој објект се нарушува безбедноста.
„Да, точно е дека е небезбедно македонското Собрание со изградба на овој објект. Но мораме да водиме сметка, инвеститорот да не биде во загуба затоа што некој во минатото се однесувал незрело. Затоа на состанок ќе седнеме да најдеме начин во кој сите ќе добијат“, вели Христијан Мицкоски.
Општина Центар веќе се изјасни дека во оваа фаза тие не можат ништо да направат, откако општината во 2021 година го изгубила спорот, очекуваат најавеното изнаоѓање решение од Владата и надлежните министерства да оди во правец кој нема да биде на штета на граѓаните на Општина Центар, на институцијата и на општинскиот буџет.
Претходно, Тв 24 имаше увид во документи во кои од МВР и од одбрана, потпишани од Јанкулоска и Јолевски, се тврди дека градбата не претставува ризик. Дописот тогаш бил испратен до Собранието, по барање на тогашниот генерален секретар Жарко Денковски.
Има ли судир на интереси кај Тошковски?
Панче Тошковски бил застапник на „АНГО дооел“, фирмата што во 2013 година на јавно наддавање ја доби маркицата за катна гаража во непосредна близина на Собранието на Република Северна Македонија во предметот со број У-3.бр.20/2021 во Управниот суд.
Во овој предмет Панче Тошковски, како застапник на „АНГО дооел“, покренал тужбена постапка за против Решението на Градоначалникот на Општина Ц. УП1 бр.27-300/2014 од 02.10.2020 година, со кое е огласено за ништовно издаденото Одобрението за градење УП1 бр.28-300 од 26.08.2014 година.
Незадоволен од вака донесеното решение, тужителот (АНГО) преку полномошник Панче Тошковски поднесе тужба за управен спор против решението, со укажување дека тужителот како инвеститор се стекнал со одобрение за градење УП1.бр.28-300 од 26.08.2014 година и кое станало правосилно на ден 10.09.2014 година и кој бил должен да отпочне со градба најдоцна до 10.09.2016 година и дека тужителот во законски рок односно на 08.09.2016 година започнал со градба, на начин што на предметната локација е донесен багер и е вршен ископ на земја и шут, а биле донесени и поставени градежни материјали и бил составен градежен дневник.
Од ова укажување се гледа дека градежните работи на објектот катна гаража кај Собранието започнале само два дена пред рокот на одобрението за градба што адвокатот Тошковски го искористил како аргумент во предметот на Управен што го добил во полза на неговиот клиент „АНГО дооел“.
Оваа пресуда во полза на „АНГО дооел“, како резултат на талентот на Тошковски, е основата врз која „АНГО“ ги започнале активностите за изградба на катната гаража на почетокот на оваа година.
На 12 февруари 2024 година до Собранието на Република Северна Македонија, фирмата „АНГО дооел“ доставила „Барање за издавање на потврда со податоци за подземен катастар од страна на сопственик на градежна парцела лоцирана во непосредна близина на Собранието“, кое ова правно лице ја стекнало во сопственост преку постапка за отуѓување на градежно земјиште со електронско јавно наддавање, спроведена од Министерството за транспорт во 2013 година, а утре истекува рокот за изградба на катната гаража на земјиште кое е откупено од државата пред повеќе од десет години-од компанијата се уште не излегуваат со став во јавност.
Адвокат на партијата и експерт за имотно-правни спорови и недвижнини
Инаку од самата биографија на Тошковски, може да се види дека во периодот од 2008 до 2011 година бил советник во Министерството за транспорт и врски, работел на акти во врска со градежното земјиште и земјишната политика, а таму членувал и во комисии за концесии и јавни наддавања за градежно земјиште.
Овој период се совпаѓа со промоцијата на „грандиозниот“ проект Скопје 2014 во 2010 година, а Министерството за транспорт и врски беше носител на најголемите и најскапите објекти во овој проект.
Тоа го прави адвокатот Тошковски познавач и близок на овие процеси, освен тоа што во неговиот опис на работа влегуваат имотно-правните спорови експертизата за проценка на недвижен имот.
Тошковски е претседател на Комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ, а како адвокат бил бранител на неколку обвинети функционери и членови на партијата во случаите кои ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство. Пред судовите застапуваше и други членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ во други случаи. Тој даваше адвокатски и советодавни услуги и на поранешното државно акционерско друштво Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), сега Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), додека таму директот беше лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Соња Танеска
ИЗВОР: racin.mk