Лошите резултати на македонската фудбалска репрезентација и внатрешните сплетки и проблеми од ФФМ доведоа до тоа македонските фудбалски легенди отворено да бараат оставки од селекторот Благоја Милевски, но и од претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини.
Поранешниот репрезентативец и капитен, Горан Пандев рече дека тој бил еден од фудбалерите што му дале поддршка на Сејдини пред шест години, но дека сега тој е друг човек.
„Пред точно шест години во Гибралтар му дадов поддршка затоа што имаше визија, сакаше да соработува. Но, тој Мети и овој сега, не се исти личности. Неколку месеци пред Европското првенство тој фати друг курс, почна да се дружи и да слуша совети од погрешни личности. Го изгуби компасот и затоа сега ни се случува колапс“ рече Пандев во интервју за Спортспорт.
Тој му порача на Сејдини да си оди како човек, а не како кукавица и тоа што поскоро без разлика на тоа што мандатот му истекува во март.
„Одењето ќе биде добро за фудбалот, но и за него лично, затоа што луѓето кои сега му се соработници и советници го водат и него и фудбалот во пропаст“ изјави Пандев.
Покрај Сејдини, Пандев побара оставка и од селекторот Милевски, бидејќи македонската фудбалска репрезентација врза седум натпревари без победа. На последниот натпревар нашите репрезентативци одиграа нерешено 1:1 на гостувањето кај Фарски Острови, репрезентација на 138. место на ФИФА ранг листата.
„Односот на теренот и изборот на Милевски за некои фудбалери е понижувачки за сите кои работиме во фудбалот и кои инвестираме во фудбалот во Македонија. Замислете Фарските Острови во поголемиот дел од средбата ни покажаа како треба да се игра, како да се контролира играта и да се создаваат шанси. Да, имавме зицер преку Чурлинов и Ќамили, но и тие имаа прилики за 2:1. За нив играше фудбалер во нападот, кој е резерва кај нас во Шкупи. Сè е кажано! Не знам што е добро, каде е напредокот и како ќе играме во иднина кога работите се испуштени од контрола, чашата е прелиена и мора да се стави крај на сето ова“ посочи Пандев.
Тој јасно и гласно порача дека сака и поддржува промени и како што изјави го поддржува Масар Омерагиќ за позицијата прв човек во Фудбалската федерација на Македонија.
„Знам дека тој ќе оди во трката за претседател на ФФМ, место за кое се избори уште пред 12 години и место кое насилно му беше одземено. Покрај мене знам дека со него се и Агим Ибраими, Ѓорѓи Христов и уште десетина други докажани фудбалски имиња од земјава. Промени ќе има, што поскоро тоа е подобро за сите“ изјави Пандев.
ИЗВОР: racin.mk