ПОЧИНА АКТЕРКАТА СНЕЖАНА СТАМЕСКА

1 min read

Почина Снежана Стамеска, една од најзначајните актерки на македонскиот театар, соопшти нејзината долгогодишна матична куќа Драмски театар од Скопје. Стамеска почина на 79 години.

Посмртните останки на актерката ќе бидат изложени утре од 10 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се биде погребот. Од Драмски велат дека дополнително ќе ја објават информацијата за денот на одржување на комеморацијата.

Стамеска е родена е на 1 јануари 1946 во Скопје. Беше првенка на Драмски театар Скопје и една од ведетите на македонското глумиште. Дипломирала на Театарската академија во Белград во 1970. Од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010 Стамеска беше членка на ансамблот на Драмски театар Скопје.

Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи. Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги. Исклучителната популарност Стамеска ја стекна во 1980-тите и 1990-тите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во „Солунски патрдии“ (1979), Вера во „Диво месо“ (1979), Сина во телевизиската серија „Трст виа Скопје“ (1987), Вера во „Среќна Нова ’49“(1985), и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985).

„Снежана Стамеска поседуваше богата актерска емоционална палета, стабилен и логичен израз, како и топол, милозвучен, убедлив глас“, велат од Драмски театар.

Во својата повеќедецениска кариера ги доби наградите: Златен ловоров венец за најдобро актерско остварување на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС) за улогата на Лица во претставата„ Ослободување на Скопје“ (Сараево, 1979); Награда за актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Вера во претставата „Среќна Нова ’49“ (Прилеп, 1985); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата „Екран“ за улогата на Зоја во претставата „Зојкиниот стан“ (1987); Награда на Фестивалот Стериино позорје за најдобро актерско остварување за улогата на Мица во претставата „Сили во воздухот“ (Нови Сад, 1989); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата „Екран“ за улогата на Ана Петровна Војницева во претставата „Платонов“ (2000); Награда „11 Октомври“ (Скопје, 2002); Награда „Климент Охридски“ (Скопје, 2005).

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Сиљановска Давкова по повод 8 Септември: Да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес

Следно

Високи израелски офицери ја обвинуваат владата дека поттикнува ескалацијата на Западниот Брег

Latest from Blog