Палестинец девет месеци бил во израелски притвор: Поради последиците од тортурата мисли дека сѐ уште е во затворот

2 mins read

БЕЈТУЛАХИМ (АА)

– Енес Џанли

Палестинецот Муазез Убејјат (37) излезе на слобода откако помина девет месеци во израелски административен притвор, а сега се бори со последиците од тешките денови зад решетки врз неговото физичко и ментално здравје, јавува Анадолу.

Убејјат е татко на пет деца од Витлеем на југот на окупираниот Западен Брег и беше приведен за време на бранот апсења што Израел ги започна против Палестинците по 7 октомври. Затворен е според израелската практика на „административен притвор“ во кој осомничениот се праќа зад решетки без судење и без да му се каже за што се товари.

Тој помина девет месеци зад израелските решетки, а дури и по ослободувањето ги носи лузните од тортурата и суровите затворски услови и беше хоспитализиран во болница во Витлеем.

Иако е слободен и со своето семејство во болница, Убејјат сè уште има тешкотии да сфати каде се наоѓа, а тоа е последица од тортурата што ја доживеал во затворот.

– Не ме тепаа вечерва

Поради тортурата што ја претрпел, Убејјат има тешкотии да зборува и сѐ уште мисли дека е во затворот.

„Секоја вечер мојот Господ прави големи работи. Вечерва не ме тепаа. Маскирани затворски чувари влегоа во мојата ќелија, но не ме претепаа“, рече Убејјат во интервјуто за новинарот на Анадолу.

Убејјат го спореди затворот во кој престојувал во пустината Негев на југот на Израел со американскиот затвор Гвантанамо, познат по суровите методи на мачење затвореници.

„Видов како некои затвореници се ликвидирани. Нѐ газеа со чевлите. Откако ме приведоа, ме однесоа на воен распит. Ме нарекоа убиец. Јас не убив никого. Имав повреди на главата и рацете. Ме удираа по чувствителни делови, места каде што претходно бев повреден“, изјави Убејјат.

Тој додаде дека ситуацијата е лоша и повика на акција за спасување на Палестинците од израелските затвори.

– Во затворот ослабел од 110 на 50 килограми

Таткото Халил Убејјат рече дека неговиот син Муазез излегол од затвор како поинаква личност и дека не личи на себе.

„Мојот син беше атлетски граден и се занимаваше со бодибилдинг. Тој е татко на пет деца и работеше во месарница. Течно зборуваше и беше друштвена личност. Денес го изгуби помнењето, речиси е парализиран и има слабо тело. Не може да ги препознае ни членовите на своето семејство. Тој тежеше 110 килограми кога отиде в затвор, сега има околу 50 килограми“, изјави Убејјат Сениор.

– Тешка траума

Низар Кумсије, главен лекар на болницата на Арапската заедница во Витлеем, каде што се лекуваше Муазез Убејјат, истакна дека неговото тело е покриено со модринки.

„Тој сѐ уште е во тешка траума и мисли дека е в затвор“, истакна Кумсије.

Тој нагласи дека ги прават потребните прегледи и дека ќе биде потребно повеќе време за да се подобри психичката состојба на пациентот.

– Израелска кампања за апсење Палестинци

Израел ја спроведува практиката на таканаречен административен притвор, во кој може да ги притвори Палестинците до шест месеци без судење. Воените судови можат дополнително да го продолжат притворот до пет години со тоа што ќе одлучат дека притвореникот претставува закана за безбедноста на Израел, без да објаснат за кое кривично дело е обвинет.

Според податоците на Здружението на палестински затвореници, во израелските затвори се наоѓаат најмалку 3.380 Палестинци под административен притвор, меѓу кои и жени и деца.

Израелската армија и безбедносните сили досега уапсија повеќе од 9.600 Палестинци како дел од кампањата за притворање и апсење започната против Палестинците по 7 октомври.

Покрај тоа, Израел го зголеми притисокот врз Палестинците во затворите и сѐ повеќе прибегнува кон методи на тортура и малтретирање.

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир неодамна во контроверзна изјава рече дека „палестинските затвореници треба да бидат застрелани во главата и да бидат убиени“.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Како „Ферари“ на небото: Сив сокол постигнал речиси 390 километри на час

Следно

Самит на НАТО: Неизвесна средбата Мицкоски – Мицотакис

Latest from Blog