Дури и по стандардите на вообичаено розовото размислување на Макрон, Мајоте е катастрофа. Како и голем дел од француската империја, империја која се преправа дека не е, Макрон верува во фантазијата дека нејзините далечни колонии навистина се дел од самата Франција. Покрај немирите, криминалот и сиромаштијата, најнов проблем на Мајоте е напливот на африкански бегалци омразени од локалното население.
Малкумина Французи би можеле да го најдат Мајоте на мапата, а неговиот економски придонес кон земјата е негативен. Освен вообразеност, не е јасно зошто Франција инсистира нејзината тробојка да се вее таму. Како и голем дел од прекуморска Франција, Мајоте е дупка без дно во која Франција истура субвенции од кои има минимална корист.
Мајоте е само еден од француските проблеми во индискиот океан. Многу поголемиот остров Реинион е постојан извор на хаос во изминатите неколку децении: со криза со невработеност, постојано немири и епидемија на чикунгуња треска, болест која предизвикува парализа.
Макрон неделава не се задржа во Мајоте, а воопшто не пристигна во Реинион. Откако вети нова писта за аеродромот во Мајоте, ветување кое е прекршено од повеќе француски влади во изминативе 20 години, тој со својот претседателски Ербус тргна кон Нова Каледонија, уште една француска територија во близина на Австралија, каде седум луѓе, од кои 2 полицајци, беа убиени месецов во етничките немири, додека во исто време таму има растечко движење за независност. Откако беше проценето дека територијата е на раб од граѓанска војна, Франција беше присилена да испрати војници за да го одбранат пристаништето, аеродромот и владините згради, додека фирми беа уништени од пожари. Макрон дојде во четвртокот наутро и порача дека е таму за да започне дијалог.
Макрон го осуди „бунтовничкото движење“ кое ја потресува Нова Каледонија од средината на Мај. За време на посетата на полициската станица во главниот град Нумеа, тој изјави дека „никој до сега немал вакво ниво на организираност и насилство“, во исто време фалејќи го „професионализмот“ на полицијата и жандармеријата кои беа таму распоредени.
„Деновите и неделите кои претстојат ќе бидат тешки. Мора да издржиме. Нема помирување се додека го има ова насилство,“ порача Макрон.
Не сите се уверени во овие зборови. Австралија и Нов Зеланд почнаа со повлекување на своите државјани.
Еден општ поглед на француските глобални колонии (иако не смееме така да ги ословуваме) покажуваат дека неделивата република се растопува низ целиот свет. Француска Полинезија, уште една француска пацифичка територија во рамки на републиката, е во константни немири со барањата за независност. На Карибите, Гвадалупе и Мартиник редовно се погодени од немири.
Сместена на североисточниот брег на Јужна Америка, меѓу Бразил и Суринам, Француска Гвајана, преполна со грабливи комарци и отровни молци, стана центар за шверц на дрога и еколошка катастрофа предизвикана од нелегални копачи на злато кои ја преминуваат неодбранливата граница со Бразил и го трујат Амазон со цијанид, оставајќи ја полицијата неспособна да спречи било што.
Пропарко, француската агенција за прекуморски развој, признава дека француските прекуморски територии се:
„казнети од изолираност, оддалеченост и мал домашен пазар, висок трошок за производство споредено со нивните соседи, високи ризици од климатски промени (циклони, растечко ниво на морето…), геолошки ризици (сеизмички, вулкански…) и епидемиолошки ризици (чикунгуња и денга треска…). За нив исто така е карактеристична и економската и општествена слабост во однос на континентална Франција.“
Пресметувањето на овие трошоци не е едноставно. Официјалните ревизори на француската државна ревизија признаваат дека постојаните општествени тензии, посебно поврзани со вработување, нееднаквост и небезбедност, ги истакнуваат „континуираните, па и влошувачки економски и општествени слабости на овие територии.“
Централната влада се обиде секоја од овие кризи да ги реши со имплементирање на повеќе итни планови, и со зголемување на буџетските напори.
Француската империја која не се осмелува да признае дека е империја вклучува департмани, територии и колективи во Северна и Јужна Америка, Карибите, Индискиот и Пацифичкиот океан. Во близина на брегот на Њуфаундленд е Свети Петар и Микелон, кој своите болни ги испраќа на лечење во Канада.
Тука е и Свети Вартоломеј, карипскиот рај на милијардерите, меѓутоа таму никој не плаќа даноци заради една чудна спогодба од времето на Наполеонските војни во која Шведска ги предава островите а за возврат ги добива правата за тргување на пристаништето во Гетеборг.
Ги има и Валис и Футуна, на североисток од Фиџи, кои иако треба да се француски, се составени од три локални кралства (треба да се четири, ама оние што искажаа верност кон четвртото беа изедени од другите три).
Постои мал ризик од востание на Клипертон, ненаселен корален атол на 1.280 километри јужно од Акапулко. Не е јасно како Франција има корист од ова место. Речиси и да ги заборавив, Француските јужни и антарктички територии, со популација од 140 луѓе, неколку милиони пингвини и секако префект – работа која сигурно се смета за најлошата синекура во француската јавна служба.
Макрон и неговите претходници претседателствуваa не само врз проблематичната француска де јуре империја туку и врз колапсот на де факто империјата во Африка, каде француските неуспешни воени интервенции направија француските колонии да го свртат својот грб кон татковината. Франсафрика стана казан за воен исламизам од Мали до Нигер до Брегот на слоновата коска.
Најголем дел од северна и западна Африка беше под директна француска власт се до 20-от век кога колонијалните врски се распаднаа, што во случајот со Алжир беше и брутално. Во Мали минував низ големиот пазар во центарот на Бамако и додека бев таму се слушаше шепотење за тоубабу (бел маж).
На едната страна од пазарот е Големата џамија. Наспроти неа е Националното собрание изградено од Французите, што потсетува на предградско средно училиште, кое е споменик на мртвата религија на малиска демократија. Меѓу двете зданија се наоѓа фетиш пазар, каде трговците продаваат кожи од леопард, черепи од мајмуни и моќни напитоци, карактеристични за Африка која Франција наивно си замислуваше дека може да ја направи своја.
Хаити, кој сега е под контрола на гангстери, е уште една пропадната француска колонија, со оставштина од брутално робовладетелство, обновено од Наполеон Трети по неуспешната револуција на Тусен-Лувертир.
Дека сонцето изгледа конечно заоѓа на остатокот на француската империја изгледа им е јасно на сите освен на Французите. Неделивата република се распаѓа.
ИЗВОР: off.net.mk