Генералното Собрание на Обединетите Нации (ОН) денеска, 23 мај, ја усвои резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Резолуцијата, чии предлагачи беа Германија и Руанда, го осудува негирањето на геноцидот и величењето на воените злосторници.
Токму претставничката на Германија во ОН, Антје Линдертс, ја отвори денешната седница на Генералното Собрание во ОН на тој начин што започна да го образложува текстот на резолуцијата, порачувајќи дека пред речиси 30 години во Сребреница систематски биле егзекутирани повеќе од 8.000 луѓе, а се започнало на 11 јули 1995 година и траело неколку дена.
„Дури и фактот дека тоа беше заштитена зона на ОН не го спречи злосторството. Овој чин на геноцид доведе до трагична смрт на жртвите и до невидено страдање за преживеаните. За оваа резолуција се шират лажни тврдења. Таа не е насочена против никого. Не е ниту против Србија, вредна членка на оваа организација. Таа е насочена само кон извршителите на геноцидот“, рече германскиот претставник во ОН.
Таа нагласи дека и Црна Гора доставила амандмани на резолуцијата со кои се нагласува дека одговорноста е индивидуализирана и не може да биде насочена против ниту една заедница.
За Резолуцијата гласаа 84 членки, меѓу кои и Северна Македонија, против беа 19, а 68 беа воздржани.
Вучиќ повика да не се усвојува
Потоа пак, во дебатата која му претходеше на гласањето за резолуцијата, српскиот претседател Александар Вучиќ во својот говор повика да не се усвојува Резолуцијата.
„Зошто се усвојува резолуцијата ако зборуваме за индивидуална правна одговорност? Тоа е веќе направено преку обвиненија и пресуди и сите што беа обвинети се осудени. Во резолуцијата не се наведени поединечни имиња“, рече Вучиќ.
Вучиќ нагласи и дека резолуцијата за Сребреница нема да придонесе за помирување во Босна и Херцеговина (БиХ) и регионот.
„Ќе ја отвори пандорината кутија и ќе се соочите со десетици такви резолуции. Како ќе објасните дека ова ужасно убиство и злосторство на повеќе од 8.000 луѓе е поголемо од убиството на милиони, на пример, во Втората светска војна. Отворате стари рани и создавате целосен политички хаос“, рече Вучиќ.
Вучиќ потенцираше и дека досега им оддавал почит на сите жртви од конфликтот во Босна и Херцеговина.
И Кина гласаше против резолуцијата
Покрај Србија, против резолуцијата за Сребреница се изјаснија и Кина, но и Куба, Венецуела, Никарагва и Азербејџан.
„Резолуцијата не е координирана и не служи за помирување во БиХ, но и за земјите од регионот кои сакаат мир и стабилност на Западен Балкан. Кина нема да има друга алтернатива освен да гласа против нацрт-резолуцијата“, изјави претставникот на Кина во ОН.
Тој истакна дека Кина отсекогаш ги почитувала суверенитетот и независноста на Босна и Херцеговина, но оцени дека тоа е контроверзен документ.
Од друга страна, уште за време на дебатата Обединетите Арапски Емирати се изјаснија дека ќе бидат воздржани, додека рускиот претставник во ОН оцени дека изгласувањето на оваа Резолуција ќе значи „закана за мирот и стабилноста“.
„Спонзорите на оваа одлука ја туркаат Босна и Херцеговина кон конфронтација, без да размислуваат за цената што оваа земја ја плати за време на војната во 90-тите“, рече рускиот претставник Василиј Небензија, оценувајќи дека Резолуцијата „ја отвора Пандорината кутија“.
Никшиќ: Резолуцијата е цивилизациски чин
Премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина пак застана во одбрана на Резолуцијата и порача дека ова е без сомнение човечки и цивилизациски чин.
„Денеска е испратена важна лекција до сторителите, злосторниците и до оној дел на човештвото кој се уште не ја знае разликата меѓу доброто и злото“, порача премиерот на Федерацијата, Нермин Никшиќ.
Како што наведе, Резолуцијата е силна, човечка, морална и политичка порака до поединци кои бегаат од одговорност, порака до политиките на ревизионизам и афирмација на злото, што може да доведе до негово повторување.
„Тоа е чин на суштинско и симболично исцелување, ограда против негирањето, сеќавање. Сребреница не е ничија реторика, ничие мислење, ничија генерализација, интерпретација. Сребреница не е осуда на цел народ како што злонамерно се обидува да се прикажува во континуитет. тоа во рамките на насочена пропаганда“, изјави тој.
По седницата и градоначалничката на Сараево го поздрави усвојувањето на резолуцијата, како и Американската амбасада во БиХ .
Во геноцидот во Сребреница загинаа 8.372 Бошњаци
Повеќе од 50 луѓе беа осудени на околу 700 години затвор за геноцидот во Сребреница, кој го изврши Армијата на РС и во кој беа убиени најмалку 8.372 Бошњаци.
Според податоците од Меморијалниот центар Поточари од јули 2023 година, пронајдени и закопани се посмртните останки на 6751 жртва на геноцидот во Сребреница, додека по околу илјада жртви сè уште се трага.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го окарактеризира злосторството во Сребреница како геноцид, во кое во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња од тогашната енклава под заштита на Обединетите Нации.
Пресудите на Хаг и домашните судови за виновни за геноцид прогласија поединци, а не колективи, држави или ентитети. Хашкиот суд утврди дека Србија и Црна Гора не се одговорни за геноцидот во Босна и Херцеговина, ниту се соучесници, иако поранешна Југославија не направила ништо за да го спречи тоа.
Во заедничкото соопштение на Канцеларијата на високиот претставник , Амбасадата на САД и Канцеларијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во БиХ од 2018 година, се наведува дека не станува збор за колективната одговорност на Србите за Сребреница.
„Никој не ја демонизира Република Српска и не зборува за колективната одговорност на Република Српска или на српскиот народ, како што тврдат претседателот на Република Српска и други“, беше потенцирано во тогашното соопштение.
Радован Караџиќ, првиот претседател на Република Српска, беше осуден во Хаг на доживотна казна затвор за геноцидот во Сребреница, како и за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војната во другите делови на Босна и Херцеговина.
Во истиот суд на доживотен затвор поради геноцид е осуден и главниот командант на ВРС, Ратко Младиќ.
Извор: slobodnaevropa.mk