Забрана за влез на одредена личност во земјата е во доменот на националната безбедност, вели извор од ЕУ

3 mins read

За случајот со претепувањето на охриѓанецот Христијан Пендиков, секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети“, изворот од ЕУ оценува дека реакцијата на властите на Северна Македонија била навремена и соодветна

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гаранции за идентитетот и јазикот на етничките Македонци и за тоа дека Бугарија нема да ја уценува земјава за време на пристапните преговори за партијата да поддржи уставни измени, ЕУ-изворот вели дека е тешко да се замислат какви било гаранции од Унијата дека во некој момент од преговорите нема да се појави ново вето од некоја земја членка

Забрана за влез на одредени личности или прогласување за персона нон грата е прашање во доменот на националната безбедност и на Советот за национална безбедност, вели извор од Европската Унија (ЕУ) на прашањето што мисли за препораките што произлегоа од последниот состанок на ова советодавно тело на шефот на државата. Истиот извор не сака да влегува во коментар на конкретната ситуација.

Во однос на случајот со претепувањето на охриѓанецот Христијан Пендиков, секретар на бугарското здружение „Цар Борис Трети“, изворот од ЕУ оценува дека реакцијата на властите на Северна Македонија била навремена и соодветна – и на политичко ниво со изјавите на осуда и со истрагата што ја отвори јавното обвинителство, која резултираше со притворање на осомничениот напаѓач.

Северна Македонија е земја со добро портфолио на почитување на правата на малцинствата, вели европскиот извор и порачува дека натамошна ескалација на односите меѓу Скопје и Софија ниту е во билатерален ниту, пак, е во интерес на ЕУ. И покрај загрижувачките изјави од некои поединци, кои ги поткопуваат добрите односи меѓу двете земји, изворот од ЕУ вели дека она што е важно сега е намалување на тензиите и продолжување на разговорите меѓу двете влади.

За изјавата на министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, дека Софија не може да стави вето на пристапните преговори зашто Скопје ги нема ни почнато, изворот од ЕУ рече дека преговорите со Северна Македонија се отворени на 19 јули лани, кога се одржа првата меѓувладина конференција и дека, во меѓувреме, тече не само објаснувачкиот туку и билатералниот скрининг што не би било можно ако преговорите не се почнати.

За критичен момент се смета крајот на годината кога се очекува да финишира скрининг-процесот. Ако дотогаш не се завршат уставните промени за впишување на Бугарите во Уставот, пристапните преговори тука ќе запрат, вели изворот од ЕУ. Кога, пак, ќе се финализира уставната реформа, следниот чекор во преговорите за Северна Македонија ќе се случи по автоматизам, без потреба од исполнување на дополнителни услови. Тоа не значи и дека секоја земја членка на ЕУ не го задржува правото на вето во натамошниот тек на пристапниот процес.

За противењето на ВМРО-ДПМНЕ на уставните измени, изворот коментира дека кога оваа тема првпат се појави во јавноста немаше големо противење, освен од Левица, но дека потоа прашањето се исполитизира. Изворот од ЕУ, сепак, е оптимист дека е можно да се создадат услови за промена на Уставот преку рационална дискусија на политичките субјекти за тоа што се добива и дали нешто се губи, имајќи ја предвид, пред сè, стратешката цел на земјата за зачленување во Унијата. А, уставните измени не го засегаат идентитетот на никаков начин, оценува изворот.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гаранции за идентитетот и јазикот на етничките Македонци и за тоа дека Бугарија нема да ја уценува земјава за време на пристапните преговори за партијата да поддржи уставни измени, ЕУ-изворот вели дека е тешко да се замислат какви било гаранции од Унијата дека во некој момент од преговорите нема да се појави ново вето од некоја земја членка. Во истиот контект, изворот се повика на изјавите на претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, со кои се обврзаа дека лично ќе се заложат за да не се дозволи прашања поврзани со идентитетот, културата и јазикот да го попречуваат напредокот на земјата во пристапниот процес. Според изворот, постои заложба и интерес кај ЕУ и државите членки вакви прашања да не станат дел од преговорите, зашто тоа би се повторувало и во случаите со други држави кандидатки.

Добрососедските односи се клучен дел од процесот за стабилизација и асоцијација, како и од процесот на проширување, па во таа рамка се очекува спроведување на Преспанскиот и на Договорот за добросоедство со Бугарија во добра волја од сите страни, додаваат од ЕУ.

Според изворот од Унијата, одлука за предвремени избори е суверено право на земјата, но додава дека подобро е да се искористи времето до 2024 година за да се работи на реформи во областите значајни за животот на граѓаните, како што се владеење на правото и борба против корупцијата. Повикувајќи се на примерот на Хрватска, каде релевантните политички субјекти имаа консензус на темата преговори за влез во ЕУ, изворот порачува дека Северна Македонија ќе успее само ако преговорите за членство се национален проект што, пак, не значи и дека опозицијата на сѐ треба да вели „да“.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Во Гостивар презентирани можности за културни проекти финансирани од ЕУ

Следно

Милановиќ: Ако Русија и САД не се договорат, ќе следи Трета светска војна

Latest from Blog