Од денеска во Германија престануваат да важат заштитните мерки против Ковид-19, но стојат апелите дека коронавирусот е сè уште присутен и претставува ризик по здравјето. Со оваа одлука, од денеска престануваат да важат задолжителните обврски како носење на маска во здравствените установи и носењето маска на посетителите во старечките домови. Од сега, овие институции сами ќе можат да одлучуваат за правилата за носење на маска.
„Мерките се укинати, но тоа не значи дека коронавирусот исчезна. Внимателноста и набљудувањето на ситуацијата на терен и понатаму остануваат инструменти на политиката на заштита од заразни болести“,
изјави портпаролот за здравствена политика, Јанош Дахмен.
Од денеска прекинуваат и ограничувањата за влез во Германија поради пандемијата на коронавирус, а правилата за вакцинација против коронавирусот се префрлаат од вонредна состојба на редовен здравствен систем.
Во Германија секој ден сè уште се регистрираат неколку илјади нови случаи на заразени со коронавирусот. Според Федералниот институт за заразни болести, Институтот Роберт Кох, во Германија во четвртокот се регистрирани 3.136 нови случаи на зараза, во споредба со претходниот ден. И покрај ова, министерот за здравство Карл Лаутербах минатата недела рече дека пандемијата во Германија е „успешно надмината“.
Извор: 360stepeni.mk