ИСТАНБУЛ (АА) – Американското Министерство за одбрана подготвува планови за повлекување на сите американски трупи од Сирија во рок од 30, 60 или 90 дена, изјавија за Ен-би-си двајца претставници на американската одбрана, пренесува Анадолу.
Според официјалните претставници, претседателот Доналд Трамп и официјални лица блиски до него неодамна покажале интерес за повлекување на трупите од Сирија, што го натера Пентагон да започне со подготвување планови за целосно повлекување во рок од 30, 60 или 90 дена.
Во меѓувреме, новоименуваниот советник за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, го помина петокот во седиштето на американската Централна команда во Тампа, Флорида, каде што се состана со високи воени претставници и доби брифинзи за Блискиот Исток.
Официјален претставник на Белата куќа изјави дека потенцијалното намалување на американските сили во Сирија не било тема на брифинзите или целта на посетата на Валц.
„Добро е Валц да го посети ЦЕНТКОМ за да добие увид за целиот регион“, рече претставникот на Белата куќа, истакнувајќи дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја посетил Белата куќа вчера, а јорданскиот крал Абдула треба да ја посети следната недела.
Минатата недела Трамп рече дека САД „ќе донесат одлука“ во врска со трупите во Сирија по извештајот во кој се вели дека има намера да ги повлече американските сили.
„Не знам кој го кажа тоа, но ние ќе одлучиме за тоа“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа. „Ние не сме вмешани во Сирија. Сирија е во сопствен хаос. Имаат доволно хаос таму. Не им требаме.“
Исто така, израелскиот јавен сервис Кан објави дека „високи претставници на Белата куќа им пренеле порака на израелските колеги во која се укажува дека претседателот Трамп има намера да повлече илјадници американски војници од Сирија“.
Според соопштението на Пентагон во декември, САД имаат околу 2.000 војници распоредени во Сирија.
Извор: Anadolu Agency (AA)