Јагленот, најголемиот отров во Западен Балкан

February 5, 2025
4 mins read

Земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги Косово, Србија, Босна, Северна Македонија и Црна Гора, се соочуваат со некои од највисоките нивоа на загаденост во Европа. Фактори како што се застарените постројки за јаглен, методите за греење на домаќинствата и старите возила придонесуваат за проблемот.

Релативно малите градови како Приштина, Скопје, Сараево, но и Белград често се рангирани меѓу најзагадените во светот. Според IQAir, квалитетот на воздухот во Сараево беше класифициран како „опасен“ претходно оваа недела, што го прави најзагаден град на глобално ниво во тоа време. Слично на тоа, Скопје, главниот град на Македонија, често доживува периоди на тежок смог, прикривајќи ги погледите на блиските планини, а не е исклучок и Приштина.

ФОТО EPA-EFE/FAYYAZ AHMAD

Ситните честички од загадениот воздух придонеле за околу 239.000 смртни случаи во Европа, но товарот се чувствува подлабоко во некои делови на континентот отколку во други. Загадувањето на воздухот е смртоносна закана за јавното здравје, но некои делови од Европа се изложени на многу поголем ризик од другите, констатира извештајот „Здравјето на прв поглед: Европа 2024 година“ на Европската Унија и на ОЕЦД.

На мапата на „Бројот на жртви од загадениот воздух низ Европа, Предвремени смртни случаи од изложеност на загаден воздух на 100 илјади жители“, Северна Македонија е на прво место со 255 смртни случаи на 100.000 жители.

Според Светската здравствена организација, Босна има стапка од 114 смртни случаи на 100.000 луѓе кои се припишуваат на загадувањето на околината, во споредба со 100 во Србија и Црна Гора. Овие бројки далеку ги надминуваат оние во земји како Германија (45) и Франција (29).

ФОТО EPA PHOTO/ELVIS BARUKCIC

Економските тешкотии ја влошуваат ситуацијата пишува „Ројтерс“ . Косово, една од најсиромашните нации во Европа, произведува над 90 отсто од својата електрична енергија од јаглен. Транзицијата кон економија без јаглен се проценува дека ќе чини 4,5 милијарди евра, според Светската банка. Во меѓувреме, Србија и другите земји од Западен Балкан се борат да одвојат ресурси за намалување на загадувањето на воздухот.

Што прави Македонија со употребата на јагленот?

Северна Македонија гради фотоволтаици на земјоделско земјиште и отвора нови рудници за јаглен, алармираат екологистите, иако вети затворање на РЕК Битола и РЕК Осломеј до 2027 и климатска неутралност до 2050 година.

Владата промовира проекти за енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија, но од една страна гради фотонапонски централи на земјоделско земјиште, а од друга страна не се откажува од нови рудници за јаглен, што ја доведува во прашање посветеноста кон напуштањето на фосилните горива.

Фотонапонската централа ФЕ Битола 1 со капацитет од 20 мегавати е меѓу проектите на државната компанија АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за која граѓанската организација „Еко-свест“ вели дека се гради на земјоделско земјиште, наместо на локациите каде што повеќе нема јаглен за ископување во близина на термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј. Ова се случува во услови на влошување и засилување на последиците од климатските промени.

ФОТО EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

„Затоа, сметаме дека единствената најсоодветна локација која треба да се разгледува за проектот ФЕ Битола 1 треба да биде локацијата на рудникот, како што е тоа предвидено и со Патоказот за праведна транзиција и со Националниот план за енергија и клима“, велат од Еко-свест.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини негирааат дека проектот се гради на земјоделско земјиште.

 Планот на АД ЕСМ е преку проектите за три фотонапонски централи од вкупно 160 мегавати „поамбициозно да премине кон нискојаглеродна економија“. Но, во меѓувреме за РЕК Битола и РЕК Осломеј и натаму е потребен јаглен. За таа цел ЕСМ во исто време ќе почне со ископ на нови локации за рудниците во Живојно и Гуштерица.

Од Еко свест велат дека цените на струјата ќе мора да се зголемат и ако продолжат да работат термоелектраните на јаглен.

„Со усвојувањето на законот за климатска акција каде се предвидува надомест за јаглерод и тоа од оваа година, цената на електричната енергија произведена од јаглен секако ќе мора да се зголеми. Се слагаме дека енергетската транзиција е долг процес, но отворање на нови рудници не движи наназад наместо напред“, велат од Еко-свест.

Според договореното со ЕУ за енергетска транзиција, земјава треба до 2027 година да го затвори РЕК Битола, а до 2050 година да влезе во таканаречената климатска неутралност.

Но, извесно е дека целта за затворање на РЕК Битола до 2027 година нема да биде исполнета. Од Министерството за енергетика велат дека до пролетва државата ќе поднесе нов Акциски план до Енергетската заедница со нови рокови за напуштање на јагленот и затворање на термоелектраната РЕК Битола.

Со отворањето на нови рудници на јаглен и работењето на електраните Северна Македонија ќе ги прекрши меѓународните ветувања, но и договори и декларации кои ги потпиша дека се залага за климатска неутралност до 2050 година.

Северна Македонија вети дека ќе биде јаглеродно неутрална до 2050 година како земја кандидатка на Европската Унија, но и со потпишувањето на Софиска декларација, Берлинскиот процес, Зелената Агенда.

Каква е состојбата во Европа?

Спротивно на тоа, Европската унија постигна значителен напредок, со 40% намалување на нето емисиите на стакленички гасови од 1990 година, поттикнати од инвестициите во обновливите извори на енергија. Разликата го нагласува јазот меѓу стандардите на ЕУ и Западен Балкан, каде застарената инфраструктура и ограниченото финансирање ги одложуваат реформите во животната средина.

Стапката на рак и други здравствени проблеми поврзани со загадувањето се зголемуваат во областите во близина на постројки за јаглен. На пример, во градот Обилиќ во близина на главниот град на Косово, дијагнозите за рак се удвоени во последниве години. Експертите го припишуваат ова на продолжената изложеност на загадувачи од рудниците за јаглен и електраните.

Додека косовското Министерство за енергетика најави инвестиции во обновливи извори на енергија и надградба на постојните постројки, застапниците за заштита на животната средина тврдат дека овие напори се недоволни. Транзицијата кон почисти извори на енергија и почитувањето на построгите стандарди за емисии остануваат критични за подобрување на јавното здравје и намалување на загадувањето во Западен Балкан.

ФОТО EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Светската здравствена организација (СЗО) ги ажурираше своите упатства за квалитетот на воздухот, намалувајќи го препорачаниот праг за годишни концентрации на азот диоксид и ситни честички (PM2,5) како што се прашина, чад и саѓи од издувните гасови.

Во ЕУ, од овој месец стапија на сила построгите правила за квалитетот на воздухот кои имаат за цел да ја доближат Европската унија до стандардите на СЗО до 2030 година и да ги обврзат земјите-членки да ги следат загадувачите како ситните честички, црниот јаглерод и амонијак.

Планот е „една од најголемите јавно-здравствени интервенции за една генерација“, изјави Марк Ниувенхујсен, директор на иницијативата за урбано планирање, животна средина и здравје на Институтот за глобално здравје во Барселона, за Euronews Health.

Севкупно, изложеноста на PM2.5 предизвика околу 239.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека други 48.000 луѓе починаа како резултат на изложеност на азот диоксид, според Европската агенција за животна средина.

Во моментов, сите земји на ЕУ пријавуваат нивоа на азот диоксид над препорачаните од СЗО нивоа, но некои се посилно погодени од загадувањето на воздухот од другите.

Централна и Источна Европа имаат највисоки стапки на смртност поврзани со PM2,5, според неодамнешниот извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Попов: Професорот во обид да добие визибилност кај студентите и младите се изрезили

Следно

Нова трансплантација со коска од донор извршена на 12-годишен пациент

Latest from Blog

Анкета: Раст на популарноста на социјалдемократите на Шолц, флертувањето на Мерц со АфД и наштети на ЦДУ/ЦСУ

Неколку недели пред предвремените парламентарни избори во Германија, владејачките социјалдемократи на канцеларот Олаф Шолц бележат раст на популарност во анкетите на јавното мислење, јавуваат германските медиуми. Според истражувањето на институтот ЈуГов (YouGov),

Академијата за судии и јавни обвинители додели уверенија на 97 кандидати за судии и јавни обвинители

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ денеска ги додели уверенијата на кандидатите за судии и јавни обвинители од осмата генерација во почетната обука на Академијата. Како што информираше директорката на

Туркије: Петелот што се онесвести додека кукурикаше, стана интернет-сензација

ДЕНИЗЛИ (AA) – Во градот Аџипајам, што се наоѓа во турската област Денизли, еден петел стана интернет-сензација откако беше снимен како се онесвестува додека кукурика, јавува Анадолу. 17-годишниот Мехмет Копаран, кој живее

Пентагон развива планови за повлекување на американските трупи од Сирија

ИСТАНБУЛ (АА) – Американското Министерство за одбрана подготвува планови за повлекување на сите американски трупи од Сирија во рок од 30, 60 или 90 дена, изјавија за Ен-би-си двајца претставници на американската
Go toTop