Министерството за здравство почесто менува министри отколку амбулантни возила. Шест промени во ресорот ги одбележаа последниве осум години, a oд осамостојувањето досега, низ фотелјата поминале дури 18 министри, што здравство го прави ресор со најмногу сменети челници.
Последните осум години започнуваат и завршуваат со истиот човек, актуелниот шеф на здравството Арбен Таравари, кој деновиве се очекува да биде сменет, откако соопшти дека неговата партија, Алијансата на Албанците оди во опозиција. Кој ќе биде новиот, 19-ти по ред министер за здравство, денеска не откри ниту актуелната за образование Весна Јаневска, лекарка, која многумина ја гледаат како наследник на Таравари.
Ова не е прв пат Таравари да ја напушти функцијата по само неколку месеци министерување. Во 2017-тата, откако СДСМ формираше Влада, Таравари стана министер за здравство, но само по неполни пет месеци, по истото сценарио како и сега, ја напушти функцијата. Заедно со Илир Демири, Таравари ќе влезе во историјата по уште еден преседан – најкраткотраен министер за здравство. Рекордер е Демири со само четири ипол месеци, како последен министер за здравство од владеењето на претходната гарнитура.
Најдолго на функцијата се задржа Никола Тодоров, единствениот министер кој не беше лекар, туку правник. Министеруваше речиси 6 години, но со себе повлече и еден од најцрните периоди. Етикетиран е како „министерот за смрт“, откако деветгодишната Тамара Димовска почина, додека институциите одлучуваа дали државата ќе плати за нејзината операција.
Веднаш зад Тодоров, по должина на мандатот е Венко Филипче, актуелниот лидер на СДСМ, кој ја продолжи семејната традиција во политиката на здравството, откако 23 години претходно, на истата функција беше и неговиот татко. Филипче помладиот беше министер речиси четири години, а најголем дел од мандатот го обележа справувањето со ковид-пандемијата. За многумина смирен и организиран глас во време на глобален хаос, но опозицијата не го поштеди од обвинувања, од нетранспарентни набавки на вакцини, до тендери со контроверзни посредници. Една година по неговата смена, јавноста ја потресе аферата Онкологија, со исчезнати терапии за болни од рак.
По Филипче, министри станаа и Беким Сали и Фатмир Меџити, кои заедно со најкраткотрајниот Илир Демири беа на функција вкупно неполни две и пол години.
Министерство за здравство секоја година раководи со стотици милиони евра, а само годинава буџетот тежи над 120 милиони. Речиси и да нема министер кој не ветил нов Клинички центар, но амбициозните проекти најчесто траеја колку и нивниот мандат.
И додека здравството се дави во хронични проблеми, со недоградена штипска клиничка болница и болница во Кичево, единствениот континуитет останува честата смена на кадри. Наместо реформи, следуваа нови лица. Кое ќе биде следното ќе дознаеме за кратко.
Извор: 24vesti.mk