Зет на Заев седна на обвинителна клупа за случајот „корнишони“

6 mins read
  • Основното обвинителство во Велес поднесе обвинение против Атанас Костов, зет за прва братучетка на Заев, Емилија Заева Костова.
  • Осомничен е дека со фиктивни фактури се обидел имотот на сопствената фирма „Дена Продукт“ да го префрли на фирмата „Глобал Трејд“ во сопственост на неговата сопруга со цел да избегне да го плати долгот на австриската компанија АММА од 4 милиони евра
  • Граѓанскиот суд во Скопје отвори стечајна постапка за фирмата „Дена Продукт“ во исто време кога велешкиот суд забрани отуѓување на имотот
  • Австриската амбасада го следи судскиот процес во Велес

Обвинителство: Обид со „измамнички дејствија“ да се избегне долг од 4 милиони евра

Градот Велес повторно стана седиште на валандовската фирма за корнишони „Дена Продукт“ чиј управител и сопственик е зетот за прва братучетка на екс премиерот Зоран Заев, Атанас Костов. Токму поради ова велешкото обвинителство ја доби надлежноста за истрага за случајот за кој алармираше австриската амбасада во Скопје.

После повеќе од половина година откако Радио Слободна Европа пишуваше за случајот „корнишони“, Обвинителството поднесе обвинителен предлог против Костов во кој е опфатен и управителот на фирмата „Глобал Трејд“, каде пак сопственик е сопругата на Костов, Емилија Костова Заева, но и против нотар и извршител.

РСЕ присуствуваше на подготвителното рочиште во судот во Велес кое се одржа на 12 февруари 2024 година, но таму не се појави ниту еден од обвинетите. Според обвинението во кое РСЕ имаше увид, Костов со помош на фиктивни фактури сакал да ја „осиромаши“ сопствената фирма, со цел австриската АММА, на која и должи околу 4 милиони евра, да не може да си го наплати долгот.

АММА има правосилна пресуда која ја доби на арабитражен суд во Виена, а РСЕ пишуваше за начинот на кој Костов успеал да ги „изигра“ сопствениците на АММА од Австрија.

Обвинителниот предлог кој го поднесе обвинителката Гордана Тодорова се опфатени настани кои се случувале во периодот од февруари 2022 година до октомври 2023 година.

Според обвинението, Костов имал намера да овозможи имотот на должникот „Дена продукт“ да премине во сопственост на фирмата „Глобал Трејд“ на неговата сопруга и со тоа да ја спречи можноста за исплатување на оштетениот „АММА Хоеменс“ Австија во висина од 3.886.473 евра.

Обвинетиот Атанас Костов во исто време бил управител и на „Дена продукт“ – Велес и на „Глобал Трејд“ – Валандово, каде пак сопственик е неговата сопруга Заева Костова.

„Со повеќе измамнички дејствија вистински ја загрозил имотната состојба на Дена продукт така што создавал фиктивни обврски, фактури, позајмици и извршил промена на управителот на Глобал Трејд. Нов управител е запишан Томчо Органџиев кој со умисла му помогнал на обвинетиот Атанас Костов.“, пишува во обвинението.

Во истражувањето објавено во септември 2023 година, РСЕ пишуваше дека деловниот однос меѓу австриската АММА и „Дена Продукт“ бил со договор за есклузивен извоз. Со него и се овозможило на македонската компанија финансиска поддршка преку авансно плаќање за сигурно производство, споделувајќи и го целокупното знаење за одгледување и производство на корнишони. Договорот ја обврзувал „Дена Продукт“ да ја продава стоката исклучиво на австриска АММА.

Поради непочитување на договорот австриската фирма одлучи правдата да ја бара на Арбитражен суд во Виена. Додека траел процесот „Дена продукт“ ги префрлила вработените во фирмата „Глобал Трејд“ во сопственост на Емилија Заева Костова, каде претходно управител бил самиот Костов, а по тоа на негово место бил назначен Томчо Органџиев.

Целокупното производство на корнишони исто така било пренасочено. Во тоа време е променета и адресата и од Валандово, па тогаш „Дена Продукт“ се сели во Велес.

Во шемата вклучени и нотар и извршител

Според обвинението, новиот управител на „Глобал Трејд“, Томчо Органџиев и управителот на „Дена Продукт“, Атанас Костов ставиле потпис на рачно изработена табела со неплатени фактури. Обвинителството се сомнева дека нотарот Гоце Ѓураковски од Велес го прифатил списокот кој не соодветствувал со книговотството на фирмите и кој според законот за нотаријат не претставува веродостојна исправа. Вкупниот износ кој наводно го должела „Дена Продукт“ бил 177 милиони денари. На оваа сума, според обвинителството Ѓураковски донел два нотарски налози и ги испратил на извршител.

„Иако не бил поминат рокот за доброволно исполнување на обврската определена со решението, обвинетиот Томчо Органџиев дозволил да биде поднесено на извршување кај извршител Ангел Костадиновски од Кавадарци каде се оформени предмети“, пишува во обвинението.

Обвинението опфаќа уште „измамнички дејствија“ кои наводно ги сторил Костов. Во неколку наврати создавал фиктивен долг на неговата фирма „Дена Продукт“ кон „Глобал Трејд“. Според обвинителството тој признал невистинито побарување за позајмици во вкупен износ од 14 милиони денари.

Времена мерка донесена од ОСновен суд Велес за обезбедување на имотот на „Дена Продукт“

Времена мерка донесена од ОСновен суд Велес за обезбедување на имотот на „Дена Продукт“

Шемата била речиси иста како првиот случај опфатен во обвинението, па управителот на „Глобал Трејд“, Органџиев, дозволил нотарот Ѓураковски да донесе нотарски налог и испрати кај извршител. Според обвинителството, и извршителот Анѓел Костадиновски постапувал несовесно во случајот со должничко доверителските односи меѓу Дена Продукт и Глобал Трејд.

Заради ваквото однесување управителот на „Дена Продукт“, Атанас Костов и управителот на „Глобал Трејд“, Томчо Органџиев им е поднесено обвинение за „оштетување туѓи права“ додека нотарот Гоце Ѓураковски и извршителот Ангел Костадиновски се товарат за „несовесно работење во службата“.

Отворен стечај за „Дена продукт“, сомнежи дека наменски се променети адресата и името

„Дена продукт веќе две години се обидува на секаков начин да избегне исплата на долгот и да го отуѓи имотот од кој може да се намири доверителот АММА“, тврди Николчо Лазаров, адвокат на австриската фирма. Нов обид за ова препознал во отворањето на стечајна постапка во Граѓанскиот суд во Скопје.

Она што претходело, а ги подгрева сомнежите е промената на името на фирмата од „Дена продукт“ во „Феникс Аграр“ и промената на седиштето од Велес во Скопје.

Ако се погледне историјата на фирмата во податоците од Централниот регистар може да се забележи дека на 11 декември 2023 година е променет називот на фирмата. Истиот ден се променува и седиштето од Велес во скопски Аеродром.

Промена на адреса на фирма „Дена Продукт“

Промена на адреса на фирма „Дена Продукт“

Со ова граѓанскиот суд во Скопје ја добил надлежноста за стечај. Според информациите од Централниот регистар со побарувања од новоименуваната фирма „Феникс аграр“, се јавува фирмата „Џокер“ од селото Фурка близу Дојран. За стечаен управник е поставен Драги Димовски од Струмица. РСЕ се обиде да разговара со Димовски, но тој во телефонски разговор ни кажа дека е „презафатен за да одговори на прашањата“.

Судијата Артан Лимани на 6 февруари 2024 година донел решение за отворање на стечајна постапка. За Радио Слободна Европа одговора дека стечајот е отворен бидејќи биле исполнети сите услови.

„ Стечајната постапка е отворена бидејќи беа исполнети законските претпоставки од Законот за стечај и тоа член 5 став 1, бидејќи стечајниот должник Феникс Аграр ДООЕЛ Скопје беше неспособен за плаќање со блокирана сметка повеќе од 45 дена, видно од тековна состојба од ЦР на РМ од 11.12.2023 година“, се вели во одговорот од судијата Лимани.

Ден пред отворањето на стечајот велешкото Обвинителство го поднесе обвинението за Атанас Костов и со него достави и посебен предлог Основниот суд Велес да донесе привремена мерка на имотот за да се осигура дека оштетената АММА од Австрија ќе си го наплати долгот од арбитражната пресуда.

Судот во Велес го прифати ова и донесе решение на 12 февруари со кое забрани Костов и „Дена продукт“ да го оттуѓуваат имотот. Но, во меѓувреме скопскиот граѓански суд ја отвори стечајната постапка, па сега австриска АММА се јавува како доверител и во оваа постапка. Судијата Лимани вели дека првостепените судови во земјава работат независно еден од друг па поради времената мерка која ја донел судот во Велес не е во негова надлежност. За адвокатите на АММА сепак овие две постапки се поврзани.

„Овие две постапки се неминовно поврзани, односно за нас би било нелогично и незаконски во рамки на стечајната постапка да бидат прифатени и признаени за наплата било кои побарувања кои се опфатени во кривична постапка, односно таквите дела значи дека веќе се оспорени и тоа во судска кривична постапка“, вели адвокатот Лазаров.

Промена на назив на фирма

Промена на назив на фирма

Според податоците од Централниот регистар, стечајот на новоименуваната Феникс е впишан на 26 февруари, а ден по ова сепак старото име „Дена Продукт“ и старата адреса во Велес се вратени во регистарот.

Според адвокатот на АММА, промената на називот и локацијата биле однапред планирани и се обид за прикривање од доверителите. Се сомнева дека и промената на адрсата е за стечајот надлежност да добие Основниот граѓански суд во Скопје, а не велешкиот.

Обвинетите молчат, австриската амбасада го следи случајот

Радио Слободна Европа по рочиштето во Велес по електронска пошта побара одговори од обвинетите Атанас Костов, нотарот Гоце Ѓураковски и извршителот Атанас Костадиновски, но до објавување на текстот не добивме одговор од ниту еден од нив. Екипа на РСЕ присуствуваше и на подготвителното рочиште во Судот во Велес, но и таму не се појави ниту еден од обвинетите.

Од друга страна, присутни беа претставници на амбасадата на Република Австрија во Северна Македонија од каде за РСЕ испратија став на амбасадорот Мартин Памер дека „амбасадата внимателно ги следи и набљудува судските постапки кои ги засегаат австриските интереси – државјани и претпријатија“.

„Владеењето на правото и адекватната функционалност на правосудството, за Северна Македонија се големи предизвици, како и ефикасната борба против корупцијата, пред се‘ на високи и највисоки нивоа, која треба да ја спроведат надлежните органи. Во контекст на многу добрите односи помеѓу нашите две земји, како и на јасната и недвосмислената поддршка на Австрија за Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ, амбасадорот како претставник на Република Австрија oчекува, впрочем како и сите Австријци кои имаат бизниси или други односи со Северна Македонија, да се почитуваат австриските интереси и сопственост, во согласност со законската регулатива на приватно, национално и меѓународно ниво“, се вели во одговорот испратен до РСЕ.

Поранешниот амбасадор на Австрија, Георг Вуцас во јуни 2023 година ја актуелизираше темата за австриската фирма АММА и спорот кој го има со „Дена Продукт“. Упати директни критики кон македонските судови поради неможноста на австриската компанија да ја наплати отштетата, барајќи смена на судии и јавни обвинители.

Вуцас побара разрешување на како што ги нарече сите пристрасни судии и јавни обвинители. Но, и укинување на лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спорот што го води АММА со „Дена Продукт“.

На јавното обраќање на Вуцас, реагираше поранешниот премиер Зоран Заев. Тој целосно негираше негова вмешаност во споменатито деловен спор. Го предуреди сега веќе екс амбасадорот доколку уште еднаш го спомне неговото име во ваков негативен контекст ќе го тужи за нанесена штета врз честа и угледот.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Руски воен авион се урна кај Иваново

Следно

Од петок намалување на условите за дожд и повеќе сончеви периоди

Latest from Blog

Усул бе друже цариник

Меѓу притворениците се генералниот директор на либиската царина и првиот човек на царината на аеродромот во