Земјотрес со јачина од 8,7 степени го потресе рускиот полуостров Камчатка, издадено предупредување за цунами

July 30, 2025
2 mins read

Земјотрес со јачина од 8,7 степени го потресе рускиот полуостров Камчатка, а издадено е предупредување за цунами за целиот Курилски остров во Сахалинската област.

Според првичните податоци од Главната дирекција на руското Министерство за вонредни ситуации во Сахалинската област, земјотресот со јачина од 7,9 степени е регистриран во 10:30 часот по локално време во Тихиот Океан, 360,9 км североисточно од Северо-Курилск. Подоцна, огранокот на Камчатка на Единствената геофизичка служба на Руската академија на науките објави дека, според различни проценки, јачината достигнала 8,7. Според научниците од академијата, ова е најсилниот земјотрес на полуостровот од 1952 година.

Не се пријавени жртви или повредени, но имало штета во градинка во градот Петропавловск-Камчатски.

-Постојат информации дека се срушил ѕид во градинката број 15. За среќа, во тој момент немало деца ниту возрасни во градинката. Според прелиминарните податоци, нема повредени, изјави гувернерот на Камчатка, Владимир Солодов, во видео објавено на Телеграм.

Министерот за вонредни ситуации на Камчатка, Сергеј Лебедев, изјави дека цунами со висина помеѓу три и четири метри е регистрирано во областа Јелизовски на полуостровот, во близина на метеоролошката станица Водопаднаја.

-Колегите од Централната администрација за хидрометеорологија и мониторинг на животната средина известија дека од точката за набљудување на станицата Водопаднаја е забележано цунами со висина од приближно три-четири метри, напиша Лебедев на социјалната мрежа „ВКонтакте“.

Во меѓувреме, Јапонската метеоролошка агенција, исто така, предупреди на закана од цунами по должината на источниот брег на Јапонија.

Службениците на јапонската енергетска компанија Токио Електрик Пауер изјавија дека ја суспендираат следната фаза од испуштањето на пречистена вода од нуклеарната централа Фукушима-1 поради заканата од цунами. Во соопштението на компанијата се наведува дека ова е стандардна безбедносна процедура во случај на прогласување закана од цунами во земјата. Нуклеарната централа Фукушима-1 се наоѓа на брегот на Пацификот.

Предупредување за цунами е издадено и во американската држава Хаваи. Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами на Националната метеоролошка служба соопшти дека земјотресот предизвикал цунами што може да предизвика штета по должината на бреговите на сите острови во хавајскиот архипелаг. -Мора да се преземат итни мерки за заштита на животите и имотот на луѓето, се вели во соопштението.

Неколку други земји во Азија и Латинска Америка издадоа предупредувања за евакуација

Кинеските власти издадоа предупредување за цунами за неколку области по должината на нивниот источен брег како одговор на земјотресот. Тие рекоа дека се очекуваат бранови со висина помеѓу 30 сантиметри и еден метар по должината на кинескиот пацифички брег.

-Врз основа на резултатите од предупредувањето и анализата, Советодавниот центар на Министерството за природни ресурси утврди дека земјотресот предизвикал цунами, за кое се очекува да предизвика штета во некои крајбрежни области, се вели во соопштението на кинеските власти.

Агенцијата за управување со вонредни состојби во Хонолулу повика на евакуација на некои крајбрежни области на Хаваи.

-Преземете мерки на претпазливост! Се очекуваат деструктивни цунами бранови, предупреди агенцијата во соопштение на социјалната мрежа „Х“.

Во Азија, покрај Кина, Индонезија и Филипините исто така, издадоа предупредувања за цунами.

Во Латинска Америка, Перу, исто така, беше издаде предупредување за цунами.

-Овој настан (земјотресот) предизвика предупредување за цунами за перуанскиот брег, напиша перуанската морнарица на „Х“.

Еквадор, од своја страна, нареди превентивна евакуација од плажите, пристаништата и ниските области на островите Галапагос, повторно во врска со заканата од цунами по земјотресот.

-Издадено е предупредување за островската покраина (Галапагос), што значи дека сите активности на море мора веднаш да бидат суспендирани, а исто така, како превентивна мерка, мора да се спроведе евакуација на плажите, пристаништата и пониските области, соопшти Секретаријатот за проценка и управување со ризик на Еквадор.

Агенцијата за управување со катастрофи на Нов Зеланд предупреди дека „силни и необични струи и непредвидливи бранови“ може да се очекуваат во крајбрежните области на Нов Зеланд по земјотресот во Камчатка.

Извор: 24vesti.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Зголемена фреквенција на возила на патиштата, нема подолги задржувања на граничните премини

Следно

Илинденско Послание на г.г. Стефан

Latest from Blog

ВЛЕН: Економскиот раст од 3,8% е доказ за успешната работа на министерот Дурмиши

ВЛЕН ја поздравува објавената стапка на раст на Бруто домашниот производ од 3,8 проценти во третото тримесечје, соопштена од Државниот завод за статистика, оценувајќи дека овој резултат е јасен показател дека економијата

Криптовалутата официјално станува личен имот во Велика Британија

Велика Британија донесе закон што би можел да го преобликува глобалниот пазар на дигитални средства. Со Кралската согласност на 2 декември, дигиталните средства како што се криптовалутите беа официјално признати како нова,

Какво време не очекува во текот на неделата?

Во текот на следната седмица нашето подрачје ќе се наоѓа во поле на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. -По одделни котлини

„Д-р Баткоски“ го носи Охрид на мапата на светската стоматологија

Сместен во Охрид, стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ е приватна здравствена установа која во последната деценија изгради препознатливост по комбинацијата од врвна технологија, силен професионален тим и топол, човечки пристап кон пациентите. Токму
Go toTop