По вчерашната средба со претставниците на САД и ЕУ, Вучиќ рече дека Србија е подготвена да го прифати концептот на европскиот план и да работи на имплементација на предложениот договор за дијалогот за нормализација на односите со Косово, што беше потврдено и од претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак
Изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Белград е подготвен да го прифати концептот на европскиот предлог за Косово ја подели српската јавност – некои бараат тој да не биде „соло“ играч и да ја објасни суштината на предлогот пред парламентот, додека други бараат да го потпише што е можно поскоро.
Во петокот, по средбата со претставниците на САД и ЕУ, Вучиќ рече дека Србија е подготвена да го прифати концептот на европскиот план и да работи на имплементација на предложениот договор за дијалогот за нормализација на односите со Косово, што беше потврдено и од претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак.
Словачкиот дипломат и специјален претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Лајчак, оцени дека Вучиќ покажал одговорен пристап и подготвеност да носи тешки одлуки во интерес на мирот и европската перспектива на Србија.
Изјавата на Вучиќ, сепак, не и се допаѓа на опозицијата од конзервативно-десниот спектар на политичката сцена во Србија, која го обвинува дека не смеел да се согласи со предлогот без одобрение на државниот парламент и бараат Вучиќ да објасни во Собранието на Србија со какви опасности и предизвици може да се соочи земјата.
Движењето Двери останува на ставот дека најпроблематично во моментов е тоа што никој не знае дали предлогот на западната петорка е де факто ултиматум и ако е – зошто Вучиќ се согласил да разговара и да го спроведе. Двери бара дијалогот за Косово да биде замрзнат до крајот на руско-украинската војна и дотогаш ништо да не се потпишува.
Конзервативно-ројалистичката коалиција „НАДА“ бара од Вучиќ итно да ги информира граѓаните за содржината на француско-германскиот предлог, кој стана предлог и на Европската Унија, бидејќи за судбината на државата не може да се преговара тајно и без српскиот народ.
Тие бараат од Вучиќ да одговори врз основа на кои овластувања и одлуки на надлежните органи ја презел обврската и ја истакнал подготвеноста Србија да го прифати концептот и да работи на имплементација на тој договор.
Народната партија на Вук Јеремиќ, пак, оцени дека Вучиќ ја подготвува јавноста за капитулација со прифаќање на концептот и примената на договорот за Косово, што, според нив, подразбира дека Србија се согласува на еднаквост во меѓународниот простор со самопрогласеното Косово.
Во исто време, Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ) побара Вучиќ што е можно поскоро да го прифати договорот за меѓусебните односи на Србија и Косово како што го предложија францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц .
„Вучиќ мора да престане да си игра со иднината на Србија и нејзините граѓани со неодлучна политика и мора да ја спаси Србија од нови санкции, економски пад и уништување“, реагираа од ЛСВ.
Претседателот на ЛСВ, Бојан Костреш, кој го наследи Ненад Чанак на чело на партијата, во соопштение за медиумите истакна дека на Србија не и треба нова изолација и санкции, туку напредок и соработка и дека единствениот начин за развој и модернизација на Србија е да се приклучи кон Европска Унија.
Дипломатската петорка, во која заедно со Лајчак беа американскиот пратеник Габриел Ескобар, како и претставниците на Франција Емануел Бон, на Германија, Јенс Плотнер и првпат еден италијански претставник Франческо Тало, се сретнаа со Вучиќ во петокот по претходни разговори со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина.
Вучиќ на новинарите им рече дека ја покажал сета загриженост и резервираност за едно важно прашање, но не прецизираше за што се работи, инсистирајќи дека не може да зборува за тоа бидејќи планот не е јавен.
Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на планот на ЕУ во кој имале увид, објави дека документот има еднаков пристап кон двете страни и предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливост на границите, признавање на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница во Косово.
Според РСЕ, во документот експлицитно не се споменува меѓусебно признавање или членство на Косово во Обединетите нации, на што инсистира Приштина.
Сепак, се споменува поддршка што двете страни меѓусебно треба да си ја пружат во процесот на европска интеграција, додека од Србија се бара да не го попречува членството на Косово во меѓународните организации.
Соговорниците во Белград се согласија дека „замрзнат конфликт не е решение“.
Извор: 360stepeni.mk