Вучиќ го обвини Курти за инцидентот во Звечан и ја повика меѓународната заедница да го „вразуми своето чедо“

3 mins read

Тој посочи дека денеска разговарал со претставниците на повеќе клучни земји и дека утре наутро во 8 часот е закажана средба со амбасадорите на земјите од Квинтата (петорката држави САД, Италија, Германија, Обединетото Кралство и Франција). Вучиќ побара од земјите од Квинтата да го вразумат, како што рече нивното чедо, алудирајќи притоа на косовскиот премиер, бидејќи тоа „дете може да предизвика такво чудо, кое никој друг досега не го предизвикал

Српскиот претседател ги повика Србите на северот на Косово да не влегуваат во конфликти со силите на КФОР и им порача кога ќе протестираат тоа да го прават мирно

Српскиот претседател Александар Вучиќ во своето вечерашно вонредно обраќање до јавноста го обвини премиерот на Косово Албин Курти дека е одговорен за денешниот случувања пред општинската зграда во Звечан каде дојде до судир меѓу припадниците на мисијата на НАТО – КФОР и косовските Срби кои излегоа на протести.

Момент од вечерашното вонредно обраќање на српскиот претседатле, Александар Вучиќ/Фото: Принтскрин

„И слеп и политички неписмен може да разбере што се подготвуваше денеска на Косово и Метохија. Сè беше организирано од Албин Курти, сè, со неговата желба да дојде до голем конфликт меѓу Србите и НАТО“,

рече Вучиќ. 

Припадниците на КФОР денеска попладне интервенираа пред општина Звечан за да ги растераат насобраните српски демонстранти, по што дојде до конфликт во кој десетици лица од двете страни инволвирани во судирот беа повредени. 

Вучиќ во своето обраќање даде осврт за тоа што се случуваше денеска во Звечан од перспектива на официјален Белград, каде, како што рече Србите денеска наутро се собрале да го изразат своето незадоволство од незаконското преземање на локалната власт, но КФОР не ги заштитил и не го спречил насилството.  

„Утринава чекаа и војници на КФОР и бодликава жица и таканаречените градоначалници. Двете возила на РОСУ (косовските специјални полициски сили) биле опколени од Срби кои не употребиле насилство и нацртале четири ‘С’. Тогаш од КФОР побарале Србите да ги пропуштат возилата на РОСУ, а Србите не се согласиле на тоа и тогаш КФОР тргнал во акција“,

рече Вучиќ. 

Според него, припадниците на КФОР тогаш почнале да удираат во толпата, како и во претстаниците на Српска листа, најголемата партија на косовоските Срби. Вучиќ изнесе тврдење дека припадник на РОСУ испукал неколку куршуми во правец на демонстрантите и со два куршуми погодил еден од нив.   

„Припадник на РОСУ, а не припадник на КФОР испукал неколку куршуми во правец на Србите кои се повлекувале. Одговорот на Србите почнува со (фрлање) камења и на други начини“,

додаде Вучиќ. 

Претседателот на Србија изјави и дека се уапсени четири лица од српска националност. 

Обвинувајќи го косовскиот премиер за инцидентот, српскиот претседател рече дека Курти имал само една желба – да предизвика конфликт во Косово и да дојде го крвопролевање во целиот регион.  

Тој посочи дека денеска разговарал со претставниците на повеќе клучни земји и дека утре наутро во 8 часот е закажана средба со амбасадорите на земјите од Квинтата ( петорката држави САД, Италија, Германија, Обединетото Кралство и Франција). 

Вучиќ побара од земјите од Квинтата да го вразумат, како што рече нивното чедо, алудирајќи притоа на косовскиот премиер, бидејќи тоа „дете може да предизвика такво чудо, кое никој друг досега не го предизвикал“. 

„Затоа бескрајно бараме од нив да го сторат тоа, бидејќи Србите и Србија сакаат мир“

рече Вучиќ. 

Српскиот претседател ги повика Србите на северот на Косово да не влегуваат во конфликти со НАТО и им порача кога ќе протестираат тоа да го прават мирно.

 „Ги повикувам Србите на Косово, знам како се чувствуваат и колку им е тешко, да не влегуваат во конфликти со НАТО, не затоа што се плашам или затоа што некој од нас се плаши, туку затоа што тоа најмногу го сака Курти“,

рече Вучиќ. 

 Тој рече дека на сите во НАТО им соопштил дека ако „албанскиот окупатор почне да пука, тогаш ситуацијата ќе биде сосема поинаква“. 

„Последен пат повторувам и барам од меѓународната заедница да го вразумат Албин Курти, да не го вразумуваат со бесмислени со соопштенија, а притоа да му даваат се, туку да преземе мерки, ако не го сторат тоа, се плашам дека ќе биде доцна за сите нас“,

рече Вучиќ. 

Што се однесува до Србија, додаде тој, раководството во Белград ќе се потруди да го зачува мирот.

„Граѓаните на цела Србија треба да знаат дека имаат одговорно раководство, дека секоја секунда ги земаме предвид интересите на секој граѓанин на Србија, дека ќе дадеме се од себе за да го зачуваме мирот, но и дека нема да дозволиме прогон, погроми или убивање на нашиот народ на Косово и Метохија“,

порача Вучиќ. 

Мисијата на НАТО на Косово – КФОР денеска го зголеми своето присуство во општините на северот на Косово. Пред инцидентот во Звечан, оваа мисија ги повика сите страни да се воздржат од дејствија „кои би можеле да поттикнат тензии или да предизвикаат ескалација“. 

 Меѓународната заедница претходно го оцени влегувањето на новите градоначалници во општинските згради со помош на полицијата како „присилен влез“ и побара од Косово да не презема „еднострани и дестабилизирачки чекори“. 

 Приштина, пак, ја брани својата одлука тврдејќи дека таа е легитимна. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

НЕ БЕШЕ ЛЕСНО ДА СЕ ПРЕНЕСАТ МУАБЕТИТЕ НА ЏАРО НА ХАРТИЈА, РЕЧЕ МИЛИЦА ЏАРОВСКА НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА ЗА ТАТКО Ѝ „ЖИВОТ НА КОЦКА“

Следно

Мицкоски: Од власта се поклонуваат пред канцеларии и кодошат по амбасади, јас и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ единствено се поклонуваме пред народот

Latest from Blog