Вработените во Охридско лето: Министерството за култура да не се заканува, туку да ни ја исплати платата за август

October 7, 2024
4 mins read

Со Соопштение доставено до медиумите, Министерството за култура и туризам реагира на соопштението на Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ) и се обидува да ги оправда своите дејствија со кои незаконски ги оневозможува вработените во НУ „Охридско лето” – Охрид да ја добијат својата плата за месец август 2024 година.

Притоа, се наведува дека раководното лице на НУ „Охридско лето” – Охрид, како и вработените во установата, се должни да ги почитуваат законските прописи при остварувањето на правата од работен однос, вклучувајќи го и правото на плата, небаре тие досега не ги почитуваа законските прописи.

Од тие причини должни сме да ја информираме јавноста за погрешно прикажаната фактичка состојба и селективното цитирање на законски одредби или делови од одредбите од страна на министерството кои одат единствено во прилог на реакцијата.

Имено, како што истакнува и самото министерство, согласно член 8 став 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, Раководното лице на буџетскиот корисник и единката корисник е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон.

Раководно лице на буџетскиот корисник е министерот за култура и туризам, а раководно лице на единката корисник е овластеното лице на установата. Раководното лице на единската корисник, односно директорот на установата, ја води работата на установата и одговара за материјално-финансиското работење и за законитоста и економичноста на нејзината работа.

Меѓу останатото, директорот на НУ “Охридско лето” – Охрид е одговорен за организирање и одржување на фестивалот “Охридско лето”, кој годинава го доживеа своето 64. издание. Организирањето и одржувањето на фестивалот низ сите овие години воопшто немаше да биде можно без огромните заложби на одговорните лица на установата и вработените во установата. Примери дека оваа манифестација успешно се организира и промовира различни култури има многу, за што се доделувани и разни признанија и награди, како што е одликувањето на една од директорите со Орден „Витез на Редот Ѕвезда на Италија“ од страна на Претседателот на Република Италија и Признанието за големи достигнувања и соработка во промовирањето на Американската уметност и култура во Република Македонија, доделено од страна на САД.

Впрочем, и самиот министер на свеченото отворање на 64. издадние на фестивалот ќе го изрази своето воодушевување велејќи дека градот Охрид и Фестивалот „Охридско лето“ беа и остануваат епицентар на македонската култура во кој со децении се испреплетуваат илјадници културни збиднувања, како и дека тие се најдобра потврда за нашиот чекор со актуелните европски и светски трендови, кои подразбираат континуитет на квалитетна продукција и интензивна творечка енергија што уметниците ја разменуваат со публиката. Меѓутоа, сега, кога трудот на вработените за одржувањето “чекор со актуелните и светски трендови” треба да биде валоризиран и соодветно исплатен, се даваат разноразни соопштенија и известувања зошто вработените не ја заслужуваат и не треба да ја добијат својата плата. Како тоа да не е доволно, па се упатуваат закани со инспекции и инспекторати поради непочитување на одредени законски одредби и се вршат уцени за прифаќање парични износи кои воопшто не соодветствуваат со сработеното, со единствена цел вработените да отстапат од своето заслужено право на плата.

По однос на заканите со инспекции и инспекторати поради наводното непочитување на член 21 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, сакаме да истакнеме дека согласно оваа одредба вработените во буџетските корисници и единките корисници правото на додаток на плата за прекувремена работа, првенствено го остваруваат преку користење слободни часови односно денови, колку што биле ангажирани за работата надвор од редовното работно време, а не и задолжително.

Понатаму, со член 69 став 1 од Колективниот договор за културата, е определено дека работникот има право на додаток на плата за ноќна работа; работа во смени; работа за време на неделен одмор; работа за време на празници утврдени co закон и работа подолго од полното работно време.

Согласно член 69 став 5 од Колективниот договор за културата, работникот кој бил ангажиран да работи согласно co условите од став 1 алинеи 3, 4 и 5 на овој член има право на онолку слободни часови односно денови колку што бил ангажиран за работа надвор од редовното работно време.

Согласно член 69 став 6 од Колективниот договор за културата, слободните часови, односно денови во тековниот месец работникот ги користи до крајот на наредниот месец, по месецот во кој бил ангажиран, а согласно ставот 7, доколку на работникот не му се обезбеди користење на слободни часови, односно денови согласно co став 6 на овој член, му се исплатува додаток на плата во износ од 35% од износот на основната плата, пресметана по час.

Со оглед на тоа што прекувремените часови кои се влезени во пресметката за месец август 2024 година се обработени во месец август и за истите на вработените не им се обезбедило користење на слободни денови во текот на наредниот месец, односно во месец септември, јасно е дека директорката на установата правилно ја има изготвено пресметката за плата, односно има доставено барање за исплата на додаток на плата и додаток на плата за работа во ден на празник и неработен ден согласно став 7 и 9 од член 69 од Колективниот договор за културата.

Во својата реакција министерството наведува дека за непочитување на законските прописи од страна на министерството се преземени повеќе дејствија и тоа информирано е Министерството за финансии – Сектор за финансиска инспекција во јавниот сектор, Државниот инспекторат за труд на РСМ и Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за сторените неправилности во пресметката на плата за вработените во НУ “Охридско лето” – Охрид за месеците јуни, јули и август 2024 година.

Притоа, министерството свесно избегнува да соопшти дека Државниот инспекторат за труд на РСМ веќе има извршено инспекциски надзор во установата и со Решение ИП1 бр. 09-403/1 од 19.07.2024 година го има задолжено работодавачот – НУ “Охридско лето” – Охрид и Министерството за култура и туризам да извршат исплата на платата за месец јуни 2024 година.

Грижата на министерството за вработените НУ “Охридско лето” – Охрид и предлогот да биде изготвена пресметка на плата за месец август 2024 година без додатоци, најостро го осудуваме и го сметаме за директно кршење на правата од работен однос бидејќи општопознато е дека согласно член 105 став 1 од Законот за работните односи, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување, а согласно ставот 3, платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците на плата.

Оттука, вработените имаат законско право да ја добијат основната плата, како и додатоците на плата, и ова право не може и не смее да биде предмет на пазарења.

Со оглед на тоа дека од целокупната содржина на соопштениете приизлегува дека министерството ги презема сите мерки за вработените да не ја добијат својата плата, иако одамна е изминат законскиот рок за исплата, и ги упатува вработените да отпочнат судски постапки пред надлежен граѓански суд, сакаме јасно да ставиме до знаење дека вработените се подготвени своето право да го остваруваат и пред надлежниот граѓански суд доколку биде потребно. А дали министерот и сите останати кочничари се подготвени да сносат одговорност за повредата на правата од работен однос е нешто на што тие треба допрва да одговорат

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Се пласираат стари производи како нови за да ги избегнат мерките за поевтини цени

Следно

Потпишан договор за европски грант: Педесетина училишта во Македонија ќе добијат соларни фотоволтаични системи

Latest from Blog

СДСМ го одржа 29-тиот и 30-тиот конгрес

Со високите партиски тела на СДСМ ќе раководат млади и амбициозни луѓе, кои досега не биле во тесното партиско раководство, истакна лидерот на партијата Венко Филипче по завршувањето на 30от конгрес на

Стојаноски: Со власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ растат платите во образование, здравство, полиција, армијата и администрацијата

На гостувањето на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски го пофали договорот на Владата за покачување на платите во здравството, бидејќи како што вели тој, сега Владата има слух за
Go toTop