Демантирајќи ги обвинувањата на Арсовска, тие посочија дека изминатите денови се изложени на сериозни притисоци од вработени во Град Скопје, кои не се дел од ревизијата во МКЦ, а се, како што додадоа, постојано во канцеларијата на новоназначениот в.д. директор Никола Алексов
Ни ги убивте ќефот и љубовта кон работењето, им порачаа програмските уредници на Младинскиот културен центар (МКЦ) на надлежните институции демантирајќи ги сите обвинувања што на нивна и на сметка на вработените во оваа институција ги изнесе градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Клевети, распити, сериозни, притисоци, мобинг врз вработените, паушално толкување на законите се дел од проблемите што денеска ги посочија вработените во МКЦ, пренесува македонскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Веќе четврта година сме цел на јавни обвинувања и подметнувања, разни финансиски полиции, ревизии, контроли и судови. Ни ги убивте ќефот и љубовта кон работењето. Истрајавме, и ќе истраеме сѐ додека веруваме во правна и правична држава, и само во тоа. Престанете да ни праќате неидентификувани и неовластени лица да ни вршат распити, да ни се врши мобинг и притисок на нашето работно место“,
е ставот што го изнесе персоналниот Колегиумот на МКЦ и пораката што ја упатија до надлежните институции.
Демантирајќи ги обвинувањата на Арсовска, тие посочија дека изминатите денови се изложени на сериозни притисоци од вработени во Град Скопје, кои не се дел од ревизијата во МКЦ, а се, како што додадоа, постојано во канцеларијата на новоназначениот в.д. директор, Никола Алексов.
„Сакаме да прашаме кој е Ѓорѓи Грковски, кој се појавува тука, тој не е ревизор, туку е раководител на Сектор за општи работи во Град Скопје. Кој е тој човек и дали има право да им поставува прашања на вработените кои немаат врски со материјално и финансиско работење на МКЦ, што е во надлежност на оцена на ревизорите. Немаме проблем да соработуваме со вистинските ревизори и за нив се достапни сите документи на МКЦ, но прашања и инсинуирање да се дадат изјави на одредени теми од лице за кое не знаеме дали воопшто има некаква надлежност во текот на ревизијата е во најмала рака сомнително“,
рече Филип Николовски од МКЦ.
Во врска со обвинувањата на Арсовска кон претходниот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев, за „тајниот состанок во канцелариите на Градот “ на кој му се вршеле, како што вели самиот Богоев, притисоци за вработување на музичарот Арбен Шаќири, познат во јавноста како Бени, вработените во МКЦ апелираа до вработените во градската администрација јавно да го обзананат состанокот меѓу Богоев и генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, и да ги известат надлежните институции.
Програмските уредници бараат да се отвори регуларен и чесен конкурс за назначување на директор на МКЦ.
Програмските уредници на МКЦ ги оценија и отфрлија како „спин“ обвинувањата на Арсовска дека од сметката на Младинскиот културен центар биле „испумпани“ околу 100 илјади евра.
„Тоа е спинување, тоа не се повлечени пари, според информација вчера се работи за обвинувања извлечени од незавршен ревизорски извештај. Да објасниме дека тоа е погрешно толкување на благајничкото работење, не е тоа кеш што некаде стои во моментов. Тоа се благајнички и записи на уплати на дневен промет кој ги прави угостителската дејност во МКЦ“,
вели поранешниот привремен директор Русе Арсов.
Во врска со документите кои пред медиумите вчера ги покажа Арсовска, а не ги објави ниту ги сподели со медиумите, кои се однесуваат на, како што вели таа, 90 договори за шанкери, програмските уредници на МКЦ објаснуваат дека тие се однесуваат на месечно ангажирање на неколку млади луѓе во текот на една година.
„Најчесто тоа се студенти, кои чесно работат за дневница, често и двојни смени, која на крај на месецот врз основа на сработеното им се исплаќа како хонорар, со платен данок. И секако 90 договори не се 90 лица – паушален одговор за 12 месеци во годината се 7 извршители месечно, секое со свој посебен месечен договор. Како и да е, на секој од нив посебно сме им благодарни“,
вели Кирил Мечалов, вработен во МКЦ.
Тој додаде дека изминатава година работат со помал број на вработени од претходните години и дека МКЦ континуирано бара од Град Скопје нови вработувања, па макар тоа било времено и преку агенција за привремени вработувања, за кои е потребна согласност од Град Скопје, која досега не ја добиле.
За кратењето во буџетот за работа на МКЦ, вработените тврдат дека програмскиот буџет од 22,3 милиони денари во 2020 година минатата година им бил намален на 14,5 милиони денари.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на прес-конференција вчера го обвини поранешниот в.д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), Ванчо Богоев, дека за време на 12-месечното управување со институцијата дозволил незаконски да се склучат над 250 договори за ангажирање лица без притоа да бидат потпишани договори за време на вработување или да се ангажираат преку агенција за времени вработувања.
За овие незаконски склучени договори, додаде Арсовска, Богоев треба јавно да излезе и да каже зошто и врз основа на кои критериуми се склучувале.
„Исплаќани се илјадници евра за ангажман на овие лица кои се ангажирани без почитување на ниту една постапка или закон за нивно ангажирање. Меѓу овие лица најголемиот дел ѝ се познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу овие има и поконкретно над 90 договори за времено ангажирање шанкери на кои им биле исплаќани од 350 до 750 евра по месец“,
изјави Арсовска прес-конференцијата и додаде дека самиот Богоев бил назначен на чело на МКЦ на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалничката обвини дека од главната благајна на МКЦ биле подигнати нешто над 100 илјади евра кои биле извлекувани од сметката на институцијата без притоа да се има соодветна основа за повлекување на овие средства.
ИЗВОР: 360stepeni.mk