СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје се одржа централната манифестација по повод 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, јавува Анадолу.
Манифестацијата беше организирана од Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), со поддршка на Министерството за култура и туризам на Туркије и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).
На настанот присуствува претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, поранешниот претседател на Големото народно собрание на Туркије (ТБММ), Мустафа Шентоп, потпретседателот на ТИКА, Махмут Чевик, заменик-генералниот секретар на ТУРКСОЈ, Саит Јусуф, амбасадорот на Туркије во Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, политичари, пратеници, претставници на турските организации и институции во земјата и други поканети гости.
Претседателот Пендаровски истакна дека турската заедница во овие краишта дала многу големи личности, меѓу кои и основачот на модерна Туркије, Мустафа Ќемал Ататурк.
„На денешен ден во 1944 година започна наставата на турски јазик во скопското училиште „Тефејуз“. Набргу наставата се прошири и во другите делови на државата каде што со векови живеат Турците, од Гостивар до Дојран, од Куманово до Охрид“, истакна тој.
Пендаровски рече дека претставниците на турската заедница во земјата даваат голем придонес во секоја сфера, од просветата, науката, здравството, уметноста и спортот.
„Тоа што сме различни е наша најголема вредност. Секоја заедница, вклучително и турската, дава уникатен придонес кон изградбата и развојот на нашата заедничка татковина. Образованието, пак, на турски јазик придонесува кон одржување на турскиот идентитет, култура и традиција и со тоа кон збогатување на соживотот во македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество“, рече Пендаровски.
Тој нагласи дека освен што со својата лојалност придонесува за поголема кохезија во македонското општество, турската заедница претставува и силна врска со пријателска Туркије. Според него, ефектите на тоа пријателство се одличните билатерални односи и заемната поддршка, бројните инвестиции, заедничките проекти, донациите во образованието, науката, здравството и културата.
Поранешниот претседател на Големото народно собрание на Туркије, Шентоп, го честита празникот на турската заедница во Северна Македонија, кој се одбележува од 2007 година.
„Веруваме дека зачувувањето на турскиот јазик во Северна Македонија значително ќе послужи за зајакнување на единството и хармонијата во овој регион, засекогаш ќе го одржи културното богатство и ќе ја подигне моќта на оваа истакната земја на уште повисоки нивоа“, рече Шентоп.
Потенцирајќи дека Туркије ја поддржува Северна Македонија на секое поле од нејзината независност, Шентоп нагласи дека таа секогаш стоела до пријателската и братска Северна Македонија и ќе продолжи да го прави тоа и во иднина.
Министерот за образование и наука на Северна Македонија, Јетон Шаќири, упати благодарност до турската заедница за нејзиниот целокупен придонес во градењето на заедничка и просперитетна иднина во Северна Македонија.
„Над 8.300 ученици, припадници на турската заедница во основното и средното училиште во државата учат на мајчиниот јазик. Со реформата на образованието што е во тек, ја опфативме и наставата на турски јазик“, рече Шаќири.
Турскиот амбасадор Секизќок потсети дека пред извесно време одбележана е 100-годишнина од основањето на Туркије како република, изразувајќи среќа од активностите реализирани по тој повод од страна на учениците кои наставата ја следат на турски јазик во училиштата во Северна Македонија.
Тој нагласи дека основачот на Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, турскиот јазик го сметал за интегрален дел на националниот идентитет.
„По 1923-та година [Ататурк] вложил интензивни напори за развојот и збогатувањето на турскиот јазик, и за турцизација на јазикот на комуникацијата и науката“, рече Секизќок.
Потпретседателот на ТИКА, Чевик, рече дека ТИКА реализира активности во над 170 земји во светот, додавајќи: „ТИКА во последните 20 години реализира околу 40.000 проекти во светот, од кои над 7.000 се реализирани на Балканот. Туркије во последните 10 години инвестираше 840 милиони долари за развојот на Балканот, од кои 35 отсто, односно 295 милиони долари, се инвестирани од самата ТИКА. Исто така, ТИКА во 2005 година отвори канцеларија [во Северна Македонија]. Во овие 18 години реализираше 1.200 проекти во Северна Македонија, од кои 32 отсто се во областа на образованието, 3 отсто во областа на здравството, 2 отсто во областа на земјоделството и 2 отсто се проекти во областа на културата.“
Претседателот на МАТУСИТЕБ, Тахсин Ибрахим, рече дека МАТУСИТЕБ е основан во 2003 година со иницијатива на турските здруженија.
„Тоа е чадор-организација која се стреми да обезбеди национално единство и солидарност низ целата земја и нејзино размислување на општествениот живот, да ги заштити историските, културните и религиозните структури од османлискиот период, да оствари правична застапеност во образованието, културата, социјалната и економската смисла во рамката утврдена со Уставот на земјата, и да го организира турскиот народ. Во рамки на оваа мисија, денеска, по 16-ти пат, се одбележува нашиот национален празник под покровителство на МАТУСИТЕБ“, рече Ибрахим.
Во рамките на програмата беа доделени награди на учениците кои учествуваа на натпреварот во цртање на тема „Турскиот јазик низ очите на децата“, натпреварот за поезија на тема „Јазикот ни е турски“ и „Конкурс за турски композиции на Балканот“.
На настанот беше отворена и изложба на фотографии од проектите за поддршка на турскиот јазик и турската култура од Средна Азија до Балканот, реализирани од страна на ТИКА.