Во пожарот кај неготинско изгоре површина двојно поголема од градот

July 15, 2024
4 mins read

Вчера беше драматично, утрово е подобра ситуацијата, но знаете, во тек на денот станува топло и пожарот пак почнува да се шири, вели Горан Стојанов, градоначалник на Неготино, опишувајќи ја за РСЕ ситуацијата во општината во која веќе шести ден беснеат пожари.

Според неговата проценка, досега изгореле од 300 до 500 хектари шума. Или, површина што е најмалку два пати поголема од Неготино.

Огнот се шири во општина која кубури со луѓе и опрема за противпожарна заштита, па на помош дојдоа војската, пожарникари од други градови, а се очекуваат и од други држави. Како што кажува Стојанов, општинската противпожарна служба треба да има 19, а има 14 пожарникари.

„Луѓето се изнемоштени, на крај на сили, од 12 до 15 часа работат. Помошта многу ќе ни значи“, вели Стојанов.

„Возниот парк“ за противпожарна заштита им е во очајна состојба- имаат три цистерни, еден џип што собира 300 литри вода – што стари, што од донација. Пред две години набавиле едно единствено ново возило. ФАП-от со кој уште работат е од 1978 година, стар е 45 години.

„Ни недостигаат и опрема и возила за во ваква ситуација. Доаѓаат доброволци, треба да им дадеме специјална опрема за гаснење, а и таа ни е од комунизмот“, вели Стојанов.

Им помага и соседната општина Кавадарци. Градоначалникот Митко Јанчев за РСЕ вели дека тие се подобро опремени за противпожарна заштита – затоа, општина Кавадарци испратила на помош во Неготино 20 пожарникари, 5 противпожарни возила, 3 цистерни и тешка механизација за расчистување на теренот, обезбедена од пет приватни фирми.

Илустрација - архивска фотографија од гасење пожар кај Гевгелија

Илустрација – архивска фотографија од гасење пожар кај Гевгелија

Седум противпожарни возила во земјава се постари од половина век покажуваат податоците од дата базата на Центарот за граѓански комуникации.

Во олдтајмери рекордери се Валандово и Струмица со противпожарни возила произведени во 1966 година. Последните податоци покажуваат дека во земјава има 30 противпожарни единици кои можат да гасат пожар со само 220 возила чија што просечна старост изнесува 27 години од кои три четвртини се произведени минатиот век.

Инфографика - Што има државата за гасење пожари?

Инфографика – Што има државата за гасење пожари?

Кој гаси и кој ќе гаси?

Во последното деноноќие имаше 26 пожари на отворено, а од нив активни утрово (15 јули) се 9. Општина Неготино е една од трите точки опфатени од пожарот на планината Серта. Со него, зафатени се и оштина Штип и општина Конче.

Фокусот на Центарот со управување со кризи (ЦУК) денеска ќе биде на пожарот на Серта и оној во Општина Ново село, во непосредна близина на границата со Бугарија, на планината Огражден, најави првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов.

„Се прават противпожарни пресеки кои треба да го спречат ширењето на огнот, но теренот е исклучително тежок, испресечен со долови, карпест и ридски терен со бујна вегетација и ова го отежнува движењето на луѓе по теренот. Тешко е пожарникарите да дојдат до горливите точки“, истакна Ангелов.

На пожарникарите на терен им помагаат и припадници од армијата, луѓе од ловечки друштва, од јавните комунални претпријатија во општините и локално население. Меѓународната помош веќе пристигнува, но се разгледува и можноста за уште.

„Вкупно 103 припадници од армијата помагаат денеска, 30 припадници од единицата за брзо распоредување на МВР. Рано утрово пристигна меѓународна помош од Турција. Еден турски хеликоптер, како и два турски ер-трактори “, додава директорот на ЦУК.

Илустрација - пожарникар на терен

Илустрација – пожарникар на терен

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува во текот на утрешниот ден или најдоцна до задутре да биде ставена под контрола ситуацијата со пожарите. А покрај помошта од Турција, се очекува помош и од Србија, Црна Гора и Словенија

„Очекуваме помош и поддршка, и тоа само во воздухоплови бидејќи станува збор за непристапни региони“, рече Мицкоски.

Армијата се вклучи откако претседателката Гордана Силјановска-Давкова, како врховен командант на Вооружените Сили издаде наредба за ангажирање за справување со пожарот во реонот на неготинско.

Владата претходно прогласи кризна состојба поради топлотниот бран и пожарите, на седница во саботата (13 јули). Таа е во траење од 30 дена. МВР доби задача да ангажира полицајци за да помогнат за гаснење на пожарот, а Министерството за здравство и здравствениот персонал да бидат во приправност. Министерството за финансии, пак, треба да обезбеди дополнителни пари ако има потреба.

Зошто гори?

Според ЦУК, од почетокот на месецов до сега, заклучно со 12 јули, евидентирани се 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.

Главната причина за настанување на пожарите е човечкиот фактор, вели раководителот на секторот за операции во ЦУК, Горан Стојановски. Тој потсетува дека во пожарите во 2021 година е направена најголема штета, со која изгореа, како што вели, белите дробови на земјава.

„Најчесто е проблем со палењето на страништата и чистење на нивите, пред сеење или после жетвата, затоа што земједелците се уште сметаат дека практично кога ќе го запалат стрништето, односно нивата што ја очистиле од коров откако ќе ја ожнеат, таа подобри приноси ќе даде и ќе биде подобра за садење за наредниот пат. Тоа нема врска, апсолутно нема значење. Колку што сме говореле со стручни луѓе, тоа не влијае позитивно, ниту на приносот, ниту на квалитетот и добивката од него“, објаснува Стојановски.

Тој вели дека дополнително проблем е кога тоа се прави на температури над 35 степени целзиусови, кога тој пожар полесно се шири и навлегува во шумите.

Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година

Инфографика – Пожари на отворено за првата половина од 2024 година

Пожарите во летниот период се константен предизвик за македонските институции. Според проценките на Центарот за управување со кризи (ЦУК) во 800 пожари во изминатите пет години што беснееле низ шумите била предизивкана штета од над 55 милиони евра. Или во овој период изгорело дрво со кое би се грееле една сезона просечно 100.000 четиричлени семејства.

Само од почетокот на годинава до средина на јуни имало над 1175 пожари на отворено во земјава. Во нив спаѓаат и оние на дивите депонии и ѓубришта, потоа ниви, ливади, стрништа и дел шуми.

Од ЦУК потсетуваат дека продолжува периодот на сончево и многу топло време со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30°C, а на места ќе надминува 40°C поради што до крајот на работната седмица ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури. Промена на временската состојба се очекува од петок.

Тие повикуваат сите итни случаи да се пријавуваат на единствениот повикувачки број за итни случаи 112, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на ЈП „Национални шуми“, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.

Целосната забрана за движење во шумите од 06:00 до 20:00 часот почна денеска (15 јули), а ќе трае до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Здравствените придобивки од доматот

Следно

Онколошка болница во Атина враќа дел од Ковид мерките

Latest from Blog

Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток

Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток на 28 ноевмри на Плаошкиот манастир во Охрид, одлучи Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква. Заупокоената Света Литургија и Опелото ќе бидат

Градоначалничката на Град Скопје нема да се кандидира на претстојните локални избори

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска нема да кандидира за нов мандат. Во изјава за медиумите дадена денеска по примопредавањето на шест нови еколошки автобуси за потребите на ЈСП, Арсовска рече дека

Најмалку 9 лица се убиени кога израелските сили бомбардираа училиште во кое се засолнети раселените жители на Газа

ГАЗА (АА) – Најмалку девет лица се убиени во израелски напад врз училиште во кое се засолниле раселени цивили во градот Газа, изјави медицински извор, јавува Анадолу. Очевидци изјавија дека израелските сили

Одржана конститутивна седница на новиот состав на Комисијата за помилување

Во Кабинетот на Претседателот денеска се одржа конститутивна седница на новиот состав на Комисијата за помилување, откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на

Младите во борба против корупцијата – Ристеска: За корупцијата се зборува многу, но има малку резултати

Борбата против корупцијата е приоритет и младите треба да бидат охрабрени да ја препознаат и да станат отпорни на секојдневната корупција. Ова го истакна Вирџинија Елиот претставник на амбасадата на САД, која
Go toTop