Доколку не се направат законските измени со кои ќе се зголеми работната недела и изведувачот „Бехтел и Енка“ не може да ги заврши автопатите во рок од пет години, Владата ќе биде обврзана да ги плаќа трошоците за изградба по пробивањето на рокот. Ако се донесат законските измени, пак, според одговорот од владината прес-служба, американско-турскиот конзорциум се обврзал дека ќе ги изгради автопатите за четири години и седум месеци
Работниците кои ќе бидат ангажирани за автопатите, велат од Владата, ќе добиваат надоместок од 50 отсто плус за секој час работа во недела, како и надоместок за прекувремена работа
Владата нема да плаќа пенали на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради коридорите 8 и 10-д доколку не му овозможи поголема работна недела, но во таков случај на сметка на државниот буџет ќе бидат сите трошоци за изградба на автопатиштата откако ќе помине предвидениот рок за изградба од речиси пет години.
Ова е дел од одговорот кој денеска го испратија од Владата во врска со информациите дека ќе се плаќаат пенали ако не се овозможи преку измени на Законот за работни односи да се зголеми работната недела во период од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“.
Информациите за пенали со вртоглави суми, синоќа ги изнесе потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во гостувањето во „Дневникот“ на ТВ Сител.
„Прво, државата еднократно ќе ѝ исплати на ’Бехтел‘ 53 милиони евра пенали. Понатаму, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1 265 000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот. На ова дополнително ќе треба да се платат уште 900 000 евра секој месец“,
рече Николоски повикувајќи се на договорот.
Договорот е потпишан на 8 март и до денеска се поминати 34 дена.
Дали се точни овие наводи, кој е коментарот на Владата во врска со овие објавени информации и што точно предвидува потпишаниот договор со „Бехтел и Енка“ во делот за ангажманот на работниците и траењето на работната недела, се прашањата што ги упативме до Владата.
Во одговорот кој „360 степени“ го доби од Владата, првично се нагласува дека измените на Законот за работни односи што се во собраниска процедура се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес (што е случај со коридорите 8 и 10-д) и оти работниците што ќе бидат ангажирани, како што предвидува Законот и Општиот колективен договор за приватниот сектор, ќе добиваат надоместок од 50 отсто плус за секој час работа во недела како и надоместок за прекувремена работа. За ова, потенцираат, претходно ќе се обезбеди писмена согласност и од самиот работник.
Во дополнителното објаснување од неколку точки од Владата велат дека ги демантираат шпекулациите за предвидени пенали, но тука го наведуваат и податокот дека доколу не се направат законските измени, трошокот за градба по пробивање на рокот од пет години ќе падне на грб на државниот буџет.
„Секој случен договор вклучува точно утврдени права и обврски за двете страни, што значи дека, во конкретниот случај, и двете страни, и инвеститорот и изведувачот, имаат обврски кои треба да ги исполнат и права кои им следуваат. Ова е предвидено и со меѓународните ФИДИК договорни услови, при што е предвидено да има членови во самиот договор што ги регулираат правата и обврските со цел навремена и ефикасна реализација на договорот“;
„Ја демантираме шпекулацијата дека се предвидени пенали за државата доколку не се донесе пакетот закони во Собранието. Согласно обврските во склучениот договор, Изведувачот може да работи во услови во кои важат постоечките одредби од законските решенија врзани со изградбата на Коридор 8 и 10Д, но во тој случај рокот за изведба би бил подолг од 5 години. Во овој случај државата ќе има обврска да ги исплаќа трошоците за изградба во дополнителните години градежни работи, што во краен случај, државата и граѓаните ќе ги чини повеќе средства“,
гласи дел од одговорот од Владата.
Според информациите од Илинденска бр. 2, доколку се измени Законот за работни односи, но и останатите неколку закони што власта ги пушти во собраниска процедура, „Бехтел и Енка“ се обврзале да ги изградат автопатиштата за помалку од пет години или поконкретно за четири години и седум месеци.
„Воедно, согласно договорот, доколку се направат законските измени, Изведувачот се обврзува да ги заврши сите градежни работи во рок од 4 години и 7 месеци, што ќе претставува рекордно време за завршени градежни работи, особено за стратешки проект од огромна важност како што е овој. Изведувачот, согласно договорот се обврзува на овој рок за изработка во услови кога Државата овозможува делумни измени во неколку Закони, меѓу кои и Законот за работни односи, притоа почитувајќи ги постоечките законски решенија и уставното уредување“,
велат од Владата.
Во последните точки од одговорот на нашите прашање, од владината прес-служба уште еднаш ја повторуваат важноста на коридорите 8 и 10-д односно дека нивната изградба е од стратешко значење и е утврдена со специјален закон кој го изгласаа пратениците во Собранието, па оттука велат се наметна потребата за да се создаде законска рамка за брзо, квалитетно и законско извршување на работите.
„Навремената изградба на автопатските делници има позитивни економски и социјални ефекти за граѓаните, компаниите, протокот на стока и услуги, а најмногу од се ќе значи зголемена безбедност на корисниците, намалување на времето на патување, намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зачувување на животите на граѓаните“,
додаваат од Владата.
Промена на Законот за работни односи којашто ќе да овозможи зголемување на прекувремените работни часови за работниците што ќе работат на изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, е само дел од низата измени што власта по скратена постапка ги турка во Собранието.
Првично, беа предложени измени на вкупно девет закони. Покрај на Законот за работни односи, стануваше збор и за законите за заштита на културното наследство, за земјоделско земјиште; за експропријација; за урбанистичко планирање; за минерални суровини; за работни односи; за шумите; за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридорот 8 и Коридорот 10-д.
Меѓутоа, по бурните реакции во јавноста, на вчерашната седница беа повлечени предлог-измените на Законот за заштита на културното наследство.
За останатите осум закони, пак, иако имаше пратеници од мнозинството кои гласаа против, Собранието успеа да ја усвои потребата за нивно носење по скратена постапка.
Законските измени влегоа во собраниска процедура по околу два месеци откако на 8 март годинава беше потпишан договорот со „Бехтел и Енка“. Тој договор тежи 1,3 милијарди евра, плус дополнителни околу 300 000 евра за експропријација.
Предвидена е изградба на вкупно 110 километри автопат, а при потпишувањето на договорот беше набројано и која делница од коридорите 8 и 10-д за колку време ќе треба да се изгради:
- Тетово-Гостивар над 17 км – 33 месеци рок на реализација;
- Гостивар-Букојчани – 30,3 км – 57 месеци рок на реализација;
- Требениште-Струга-Ќафасан 22 км – 49 месеци рок на реализација;
- Прилеп-Битола 40 км – 57 месеци рок на реализација.
Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија пред точно една недела (4 април), додека означувањето на стартот на реализацијата на Коридорот 10 се очекува до крајот на месецот.
ИЗВОР: 360stepeni.mk