Виктор
Емануел II бил сардински, а подоцна и италијански крал и една од најважните
личности во периодот на италијанското обединување во 19 век. Во Италија е
познат како „татко на татковината“, бидејќи бил првиот крал на обединетата
држава. Заедно со Камило Кавур и Џузепе Гарибалди го претставува тројството кое
го оствари италијанското обединување до 1870 година.
Италија
во 19 век
Во 19 век
Италија била составена од различни кралства, војводства и кнежевства. Во
Ломбардија и Венеција на север постоело едно кралство, а на југ Наполи и
Сицилија припаѓале на друго. Двете кралства биле под управа на Хабсбурговците.
Постоеле и бројни војводства и кнежевства како Парма и Модена, додека со Рим
владеел папата.
Државата на
Виктор Емануел II се викала Кралство Сардинија. Таа го опфаќала Пиемонт во
северозападниот дел на денешна Италија со главен центар Торино, како и островот
Сардинија во Тиренското Море. Како дете, Виктор многу учел за историјата на
својот Пиемонт, но и за другите региони на Апенинскиот Полуостров.
Почетоци
на италијанскиот национализам
Тоа било
така затоа што неговиот татко, кралот Карло Алберт, бил опседнат со
националната идеја за обединета Италија. Карло сметал дека Италија би била
многу конкурентна земја чиј глас би се слушал во светската политика. Потребно
било само да се протераат „проклетите“ Хабсбурговци кои биле вкоренети во
речиси секое кралство и кнежевство на полуостровот.
Набргу на
Карло Алберт му се укажала совршена можност. Се приближувала 1848 година –
идеално време за големи политички и општествени промени. Народните маси кренале
револуција во Милано и Венеција и ги протерале австриските полицајци и
службеници. Карло Алберт ги поддржал масите и започнал војна против
Хабсбуршката монархија.
Тоа била
Првата војна за италијанско обединување. Накратко, завршила катастрофално за
Карло Алберт. На бојното поле го пречекал маршалот Радецки, жив и енергичен
старец од 82 години, кој токму тогаш го живеел најуспешниот период од својата
кариера.

Главниот
троец на италијанското обединување – кралот, премиерот и војникот
Виктор
Емануел II бил згрозен од поразот на Пиемонт. Покрај тоа, неговиот татко бил
принуден да абдицира по оваа војна. Во своето обраќање до народот изјавил дека
товарот на поразот е премногу тежок и дека се смета себеси за одговорен за
бројните човечки жртви, поради што мора да замине. Во реалноста, тој се плашел
од уште една револуција, бидејќи домашните маси, кои главно го посакувале
обединувањето, биле огорчени од неговите потези и најчесто го сметале за
недостоен за кралската функција.
Така, Виктор
Емануел II станал владетел на Кралството Сардинија во 1849 година и ја
продолжил борбата за италијанско обединување. На него тоа сепак му успеало, но
не затоа што бил сеопфатен и особено способен крал, туку затоа што во неговата
служба во 1850 година пристигнал главниот стратег на италијанското обединување
– Камило Кавур.
Кавур бил
способен управител кој почетокот на 1850-тите години го искористил за да го
модернизира Пиемонт и да му покаже на кралот дека е навистина извонреден. За
само неколку години започнал бројни индустриски проекти кои на Пиемонт му
обезбедиле солидни приходи преку даноци. Ја поттикнал изградбата на патишта и
железници, а потоа се преселил во Министерството за финансии, каде што спровел
даночна реформа. Претседател на владата станал веќе во 1852 година.
Виктор
Емануел II го почитувал бидејќи бил способен, иако не секогаш се согласувал со
неговите „луди“ идеи. Кавур постојано му објаснувал на кралот дека, ако сакаат
да ја истераат Австрија, мора да имаат силни сојузници. Меѓутоа, кога премиерот
му предложил да испратат војска на Крим за да ѝ помогнат на Велика Британија и
Франција, Виктор му рекол дека е болен и дека нема да испраќа луѓе да умираат
за Пиемонт можеби да му се допадне на францускиот крал Наполеон III.
По неколку
месеци, Кавур сепак го убедил. Пиемонт учествувал во војната, а подоцна склучил
сојуз со Франција. Прашањето за сојузниците било решено. Сега повторно требало
да се оди во војна.
Нова војна со Хабсбурговците
Во 1859
година, на предлог на Кавур, Виктор ја распоредил војската на границата со
Хабсбурговците, што во Виена било сфатено како провокација. Австрискиот цар
Франц Јосиф I објавил војна, по што Французите се вклучиле на страната на
Пиемонт. Тоа била Втората војна за италијанското обединување и завршила со
победа на Виктор Емануел II. Ломбардија ѝ припаднала на Пиемонт, како и уште
неколку други територии.
Виктор бил
воодушевен од постигнувањата на своите соработници. Веќе следната година,
Гарибалди го освоил југот на земјата, а по средбата со кралот и премиерот
прифатил да се бори за заедничката цел, иако првично бил против монархиското
уредување.
Виктор во
1861 година го прогласил обединувањето и станал првиот италијански крал. До
1870 година ги освоил Рим и Венеција, со што бил ставен крај на периодот на
италијанското обединување.
Во
народот познат како „кралот ловец“
Тој живеел и
владеел до 1878 година. Во слободното време се занимавал со лов. На неговиот
двор било сосема вообичаено кралот со денови да го нема, бидејќи бил „со
друштвото на лов“. Покрај сопругата имал бројни љубовници, а многу од нив му
родиле и вонбрачни деца.
По смртта на
првата сопруга, се оженил со својата „примарна“ љубовница Роза Верчелана. Иако
со првата сопруга имал осум деца, Роза му родила уште две. Плодниот крал на
Италија не застанал ни тука – имал уште најмалку осум деца родени од неговите
„секундарни“ љубовници (нив шест). Ова се само документирните деца на
италијанскиот крал; сосема е извесно дека имал и повеќе – и деца и љубовници.
Неговиот
хедонистички начин на живот и фактот дека правел што сакал им послужиле како
аргумент на неговите критичари, но на поголемиот дел од народот, всушност, му
се допаѓало тоа што кралот бил толку природен и што не се срамел од својата
незаситна љубов кон жените. Виктор Емануел II не се додворувал само на угледни
градски дами – било познато дека подеднакво му паѓале во очи и ќерките на
селаните и ќерките на дипломатите.
Иако не
можеме да кажеме дека Виктор Емануел II е зачетник на стереотипот дека
Италијанците се шармери и заводници, тој во голема мера придонел за неговото
создавање. Во тоа помогнал и фактот што народот во голема мера го обожавал. Не
го сакале само затоа што тогаш државата се обединила и сите биле исполнети со
вера во нова Италија, туку и затоа што во него гледале „народен крал“ – оној
кој ги разбира и кој се однесува слично како нив.
Неговиот
погреб бил грандиозен и на него присуствувала бројна европска елита. Го
наследил неговиот најстар син Умберто, кој владеел во следните дваесет години,
сè додека не бил убиен во атентат. Виктор Емануел II и Умберто се погребани во
римскиот Пантеон.
Извор: vecer.mk


