(ВИДЕО) Земаш кредит, не ги трошиш парите, па плаќаш огромни провизии – државни фирми и институции „изгореле“ 34 милиони евра за 10 години

May 2, 2023
5 mins read

За реконструкција на студентските домови, на пример, исплатени се 120 илјади евра за провизии на неповлечени средства затоа кредитот од 20 милиони евра земен во 2019 година „седи“ на сметка. За железничката пруга кон Бугарија, пак, досега се платени 7,1 милион евра провизии за двете фази, Куманово-Бељаковце-Крива Паланка, само затоа што на терен работите се одвивале споро

Досега никој не одговарал што неговата институција земала кредит а не била подгтовена да го троши, поради што се плаќаат пенали за неповлечени средства. Државниот завод за ревизија предлага формирање на систем за следење на стратешките проекти на централизирано ниво

Фасадата и не е толку лоша, а и прозорците се релативно нови – ПВЦ со повеќеслојно стакло наместо старите, со дрвена рамка. Така, однадвор, изгледаат првата и втората зграда од студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје.

Студентски дом „Стив Наумов“, Скопје

Но, внатре, демне хорор приказна. Студенти нема, па еден од малкутемина со пристап во објектот е директорот на домот, Виктор Велевски.

„Влагата си го направила своето. Таму е дури до самата тула стигнато, ова е се уништено и ламинатот е ставен врз стариот паркет, кој што не е изваден, а кој што имал влага. И при првото допирање со влагата се подигнал и се оштетил.“

вели Велевски.

Домот е реновиран во 2010 година, што по локални стандарди е скоро. Но, за квалитетот на реновирањето најдобро сведочи денешната состојба.

„Таваните горе гледате. Ова е се делот над тоалетот, целиот дел може да го видите, практично неквалитетно направено и целата вода од самите тоалети оди во самата соба.“

додава Велевски.

„Стив Наумов“ е еден од студентските домови опфатени со проектот за енергетски ефикасна рехабилитација. Земен е кредит од 20 милиони евра од Германската развојна банка уште во 2019 година, но четврта година по ред на терен не се гради ништо. Директорот вели дека меѓу пречките биле проблеми со впишување во катастарот или правото на користење на некои објекти.

Виктор Велевски, директор на Државниот студентски дом Скопје

„Можам да кажам дека сега сите објекти на Државен студентски дом- Скопје се впишани во катастар, постојат на имотен лист. Веќе е откочена работата за да можат да почнат градежните активности во објектите. Затоа што правилото на КФ банка е – мора да е ваш објектот за тие да можат да вложат внатре во тој објект.“

додава директорот на Државниот студентски дом – Скопје.

Ама додека се решавале имотно-правно и административните проблеми, парите од земениот кредит во 2019 стоеле на сметка. А тоа не е бесплатно. Секоја година се плаќале по околу 25 000 евра провизии, односно до почетокот на март 2023 година се потрошени околу 120 000 евра само поради тоа што парите стојат на сметка и не се трошат.

Тие 120 илјади евра практично фрлени во ветар за студентските домови се речиси ништо споредени со 7,1 милиони евра кои се потрошени на провизии за неповлечени средства за железничкиот коридор 8.

Заемот за првата фаза за железницата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, изнесува 46,4 милиони евра и е земен во 2012. По речиси 12 години, степенот на искористеност е 91% и досега се исплатени 1,5 милион евра трошоци за неповлечени средства. За вториот дел од пругата, делницата од Бељаковце до Крива Паланка, која практично се реконструира поради долго некористење, позајмени се 145 милиони евра во 2014 година. Досега искористени се само 11% од расположливите средства, но затоа се потрошени 5,6 милиони евра на провизии за неповлечени средства.

На терен, на Бељаковце-Крива Паланка, повторно се работи по пауза од две години. Гради турската компанија „Ѓулермак“. Сепак, кумановци се скептични дека по 30 години повторно ќе видат воз во селото.

„Јас лично се имам возено со тој воз. Сега нема ништо да се направи. Колку милиони евра се земени, до сега оваа пруга не да беше направена еден пат, сто пати“

вели граѓанин кој живее во близина на Бељаковце.

Железничка станица Бељаковце

Во Куманово градежните зафати се поинтензивни. Таму гради австриски „Штрабаг“. Директорот на Јавното претпријатие Железници – Инфраструктура, Хари Локвенец, вели дека е задоволен од динамиката со која се работи на двата дела од пругата. Уверува дека сега е решена една од главните пречки во минатото – експропријацијата.

„Со проектната документација предвидено беше рушење на 50 објекти, 50 домови на наши граѓани од Крива Паланка и преку нивни сугестии успеавме со промена на проектот да ги намалиме на 16, тоа е реалниот минимум. Тоа се 16 кои се наоѓаат на самата траса на железничката пруга кои никако не можевме да ги избегнеме.“

вели Локвенец.

Хари Локвенец, директор на ЈП Железници на РСМ – Инфраструктура

Сега можеби се работи, но кој е одговорен за потрошените милиони евра за провизии?

„Станува збор за член од законот. Заемскиот закон, меѓу нашата држава и Европската банка за обнова и развој, каде стои дека годишно би се плаќал пола процент на неповлечените средства. Претпоставувам, станува збор за стимулативна мерка, за побрзо конструктивно трошење на заемските пари со реализација на инфраструктурните проекти, меѓутоа ги знаете причините за доцнењето на реализацијата на целиот проект и не би сакал да навлегувам во причините во минатото.“

додава Локвенец.

Минатата година Државниот завод за ревизија објави Извештај за задолжувањето на субјектите од јавниот сектор заедно со степенот на искористеност на кредитите и заемите, и произлезените трошоци.

Наодите во него – дека се одлеваат многу пари на непотребни трошоци за кредити, не поттикнаа и самите да побараме информација од Министерството за финансии – колку пари плаќа земјава за провизии за неискористени кредити.

Одговорот е – платени се 34 милиони евра за провизии за неповлечени средства и тоа само за заемите земени од 1 јануари 2012 година, па наваму.

Кога ревизорите ја правеле анализата, се фокусирале на 11 поголеми проекти. Заклучиле дека меѓу главните причини за провизиите е што немало услови да почнат проектите за кои се земале кредити.

„Сакам да укажам дека за овие стратешки проекти кои се од јавен интерес за граѓаните, отсуствува мониторинг кој би бил на централизирано ниво. Односно, мониторингот се врши децентрализизрано на ниво на проект и поради тоа многу често се случува да не се преземат на време корективни мерки, со цел да се отстранат пречките кои ја забавуваат реализацијата на овие проекти.“

потенцира Горица Николовска, државна ревизорка.

Горица Николовска, државен ревизор

Препораките на ревизијата, вели Николовска, се да се воспостави систем на управување со јавните инвестиции, со што на централно ниво континуирано ќе се следи остварувањето на стратешките проекти.

Дизајнирањето на систем, во иднина ќе придонесе да се спречи одлевање на дополнителните средства за јавни инвестиции, а, исто така, ќе забрза реализацијата на проектите кои се од јавен интерес за граѓаните и се во функција на подобрување на економијата

додава Николовска.

Став на неколку прашања, побаравме и од Министерството за финансии. За тоа, кој е одговорен што пари стојат на сметка и се плаќаат непотребни провизии, од ресорот на Фатмир Бесими, само писмено, велат:

„Министерството за финансии склучува договори за заем, за кои се носат посебни закони кои се усвојуваат од страна на Собранието, додека за реализација на проектите, за кои се склучени договорите за заем, одговорни се институции кои се јавуваат како имплементатори, односно преку кои се реализираат проектите.“

велат од министерството за финансии.

Министерство за финансии

Од одговорите е јасно дека никој досега не одговарал за милионите евра потрошени на провизии. А како да се спречи истото во иднина? Од финансии велат дека преземаат активности за подобра реализација на проектите. За оние од највисок приоритет, се најавува поддршка преку Единица за координација на инфраструктурни проекти.

„Се предвидува воведување нова организациска единица за оценка на инвестициите во рамки на Министерството за финансии – ПИМА, односно сите буџетски корисници при подготовка на буџетот ќе треба да достават пред-физибилити или физибилити студија до Министерството за финансии за сите нови предлози за големи инвестиции. Потоа, на ниво на Влада, предвидено е да делува Управен комитет кој ќе го утврдува приоритетот на проектите за финансирање.“

додаваат од министерството за финансии.

Новите работни тела за кои говорат од финансии се потребни веднаш. Бидејќи секој ден, наместо во студентските домови или пругата, парите се одлеваат за провизии – апсурдно, за неповлечени пари од кредите што државата сама ги побарала.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Барселона две години нема постигнато гол од слободен удар, последен пат тоа го направи Меси

Следно

Масовна тепачка на Водно за Први мај

Latest from Blog

ПОЧИНА РЕЖИСЕРОТ И СЦЕНАРИСТ ЏИМ АБРАХАМС, ТВОРЕЦ НА КОМЕДИИТЕ „ГОЛ ПИШТОЛ“ И „ВЖЕШТЕНИ ГЛАВИ“

Американскиот филмаџија Џим Абрахамс, коавтор на популарните комедии „Има ли пилот во авионот?“, „Гол пиштол“ и „Вжештени глави“, почина на 80 години во својот дом во Санта Моника, Калифорнија. Заедно со своите

СДСМ се разработе и руши рекорди: Инстант-реакција по говорот на премиерот Мицкоски за реформите во јавната администрација

СДСМ се разработе во опозиција, нешто кое доколку барем минимално и одвреме-навреме го практикуваше додека беше седум години на власт, можеби и ќе превенираше ваков мега-дебакл на последните избори, велат по социјалните

Еминентниот детски хирург Сименов поставен за национален координатор за здравство

Владата на вчерашната седница го именувала д-р Ристо Симеонов за национален координатор за здравство. Тој е еден од врвните детски хирурзи во земјата. Се работи за детски хирург и доктор кој ја

Хрватска ќе инвестира 2 отсто од БДП за одбрана во историска модернизација на војската

Владата на Хрватска спроведува „историска модернизација на хрватската војска“, изјави министерот за одбрана Иван Анушиќ, нагласувајќи дека следната година Хрватска ќе достигне издвојување од 2 отсто од БДП за одбрана и 29
Go toTop