(ВИДЕО) Во НП „Шар Планина“ има речиси 800 дивоградби, повеќето се изградени на државна земја

October 1, 2023
4 mins read

Бројот се однесува само на дивоградбите кои се изградени надвор од населените места кои влегуваат во територијата на Националниот парк (НП), кој се простира во седум општини. Дивоградбите ги броел директорот на НП „Шар Планина“, бидејќи ниту една општина не му дала листа на дивоградби кога им побарал

Еколозите ги повикуваат општините на брза реакција за да се заштити Националниот парк и неговата природна вредност. Од општината со најмногу дивоградби, Тетово, велат дека направиле комисија, но и дека вината за актуелната состојба е на претходната политичка гарнитура (од ДУИ)

Старите објекти и ограден простор кои ги гледате на овие снимки се бачилата над селото Шипковица. Порано на овој простор имало многу повеќе добиток, а со тоа и повеќе привремени објекти за нивно чување.

Денеска, на местото на шталите и бачилата никнуваат викендички.

„И сега пред нас се тие штали, како што гледате овде, кои беа штали и во времето на поранешна Југославија, каде што некои од тие денес се претворија во викендички, а некои други продолжуваат да се занимаваат со такви активности“.

вели Деари.

Но, не никнуваат викендици само на местата на шталите и бачилата. Некои си насадиле куќи за одмор во густата шума.

И не е така само кај Шипковица. Падините на Шара засилено се бетонираат и во околината на ски-центарот Попова Шапка.

Веќе го видовме, но сега и да го претставиме подобро. Ибрахим Деари е пред се вљубеник во Шара, а потоа и директор на Јавното претпријатие Национален парк „Шар планина“. Областа стана национален парк на 30 јуни 2021 година, со цел да се заштитат природата и животните. Со скромни ресурси, директорот и самиот се обидува да контролира – што се се случува, а не смее да се случува на територијата на паркот.

Една од најголемите закани за Националниот парк се дивоградбите. Кога го назначиле за директор, Ибрахим Деари побарал список на дивоградби од сите седум општини на чија територија се простира Националниот парк.

Ниту една не му одговорила, па броел самиот. Стигнал до 769 дивоградби во Националниот парк.

„Зборуваме за објекти кои се изградени надвор од населените места и се покажа дека во седум општини имаме 769 објекти, според тоа што сме го евидентирале, каде што ги земавме за секое село предметите што ги имаме посебно, за секоја општина и за селата каде што се изградени тие објекти“.

рече Деари.

Иако нема соодветни ресурси, а и надлежностите се поделени, Деари води битка со дивоградбите. Ги пријавува новите нелегални градби кај надлежните органи, а негови очи на терен се и мештаните.

Секако дека имаме процесуирано некои кои почнаа да градат, се во истражни и судски процеси, секако надлежните органи ќе одлучат за напредокот од тоа.Секако дека контактите што ги имаме со надлежните општински органи, бидејќи има општини кои имаат релевантен инспектор да ги следи овие процедури, но има општини што немаат инспектори за следење на градби без дозвола, но сега почнавме и меѓуинституционална соработка за да дејствуваме и подалеку“.

вели директорот на Националниот парк „Шар Планина“.

За какво самоволие станува збор на Шар Планина говорат податоците кои ги собрал Деари.

Од вкупно 769 дивоградби кои ги евидентирал директорот, најголем дел или 436 се изградени на државно земјиште. 300 се изградени на приватно земјиште, 21 дивоградба се на земјиште со мешовита приватно-државна сопственост, а за останатите 12 нема информација за сопственоста на земјиштето.

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк беше само 50 отсто од работата за заштита на регионот, вели Метин Муареми од платформата „Пријателите на Шара“. Другата половина од работата треба допрва да се спроведе на терен.

“Она што е алармантно е што има дивоградби на приватни површини, но уште поалармантно е што имаме градби без дозвола и на државните области, преку кои мислам дека овој проблем станува се поголем и главниот ефект од функционирањето на паркот се губи ако тоа се случува во заштитено подрачје. Наш апел, идеја би била тука прво да интервенираат општините кои можеме да кажеме дека се главниот носител или главен давател на овие дозволи или во иднина ќе треба тие да менаџираат со сите овие објекти“.

вели Муареми.

Бројките што ги собирал Националниот парк покажуваат и во кои делови на Шара има најмногу дивоградби.

На територијата која потпаѓа под општина Тетово има најмногу – 462. Следува Теарце со 115, па Боговиње со 74, Врапчиште 61, Јегуновце 28, Гостивар 24 и Маврово-Ростуше со 5 дивоградби.

Логично, прва општина од која побаравме став за упадот на дивоградбите во Националниот парк беше онаа со најмногу такви објекти – Тетово.

Оваа локална самоуправа, откако на нејзино чело е Билал Касами, во неколку наврати се фалеше како урива тераси, настрешници и привремени објекти низ центарот на Тетово.

Оттаму, на крај го одредија раководителот за урбанистичко планирање, Рилинд Селмани, како надлежен за изјава.

Тој тврди дека имаат коректна соработка со Националниот парк „Шар Планина“ во сите случаи кога до нив ќе стигне барање за градба во појасот на паркот. 

„ Работиме со карта која ја поседуваме почитувајќи ги сите одредби со кои се почитуваат заштитните појаси на Шар планина, но имено секогаш бараме согласност од Националниот парк или од институции кои стопанисуваат со Националниот парк за одобрување на урбанистички планови, доделување дозволи и така натаму“.

вели Селмани.

Но, на нашите прашања за дивоградбите – дали и кога Тетово ќе ги руши и зошто се дозволуваат нови, Селмани ја префли топката кај своите колеги.

„Ова прашање треба да биде упатено до секторот кој врши општински инспекциски надзори на градби без дозвола, односно кој работи во рамките на општина Тетово или општинскиот инспекторат, каде може да се добие список на објекти без дозвола“.

рече Селмани.

Според кажаното од раководителот на одделението за урбанизам повторно се обративме до Општина Тетово. Сега со барање за интервју со шефот на инспекторатот за да го прашаме – што со дивоградбите на Шара?

По неколку дена општината ни го обезбеди и него. Седат Сулејмани признава дека Тетово има најголем број дивоградби на Шар Планина, но вината ја гледа кај претходната градска власт.

„Но, кој го дозволи ова, треба да го прашате директорот, бидејќи неговата партија беше на власт 20 години по ред, така што директорот ќе мора да се обрати до сопствената партија и да бара одговори од тие кои ги дозволиле сите овие градби без дозвола“.

рече Сулејмани.

А што прави сегашната власт која веќе две години управува во Тетово? Сулејмани вели дека прават се што можат за да спречат нови дивоградби, а за старите формирале комисија.

Имаме комисија во рамките на Советот која ги има сите предмети кои се без дозвола и тие ќе одлучуваат кои предмети ќе се легализираат, а кои нема да се легализираат.Нормално, оние предмети кои законски нема да има простор да се легализираат, се знае дека тие ќе се рушат“.

рече Селмани.

Истите прашања решивме да ги поставиме на уште една општина. Ја избравме Теарце, бидејќи е втора по бројот на дивоградби на територијата на Националниот парк „Шар Планина“.

Градоначалникот на Општина Теарце, Нухи Незири, првично прифати да разговараме за дивоградбите. Но, кога се обидовме да закажеме точен термин престана да реагира на нашите повици.

Очигледното отсуство на волја на општините да говорат за дивоградбите на Шара не ветуваат многу. Ниту за директорот на Националниот парк кој се обидува да воспостави ред, ниту за вљубениците во Шар Планина, а особено за самата планина и природата.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Утепа ли се, БиБиСи?

Следно

Блиски лица до семејството Ахмети вмешани и во контроверзната конфискација на скапиот имот од „Трансмет“

Latest from Blog

Лоши вести за Македонците со бугарски пасоши

Поранешниот градоначалник на село Рилци, Благоевградско – Живко Чукарски, ја призна вината и склучи спогодба со Окружното обвинителство во Благоевград за сторено документирано кривично дело поврзано со незаконско регистрирање на државјани од

Минчев: Платите во администрацијата се мали, но бараните 30 отсто додаток се премногу

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, вчера најави дека вработени од шест министерства, како и од Државниот завод за статистика (ДЗС), во

ВИДЕО: Во престрелка убиен водачот на „лешинари“, добро познат на јавноста

Во бањалучкиот ресторан „Стара Ада“ вечерва дошло до пукање, а на терен се полиција и брза помош, пренесуваат српските медиуми. Според медиумите, во престрелката е убиен Дејан Костиќ- Дела, еден од водачите

„Фајненшл тајмс“ дознава за конкретните барање на Путин на преговорите со Трамп за Украина

На можните преговори со Доналд Трамп за окончување на војната во Украина, рускиот претседател Владимир ќе бара НАТО да се повлече од границите со Русија до позициите што воената алијанса ги имала

Утре почнува Вевчанскиот карневал

  Утре започнува „Вевчанскиот карневал“, чија традиција и годинава ќе биде продолжена со неговото одржување од 12 до 14 јануари. Според најавите покрај главното дефиле на маските ќе има и  забавно музичката
Go toTop